Потребно време за читање: 3 минути

Многумина го нарекуваат „зелен гладијатор“ не само поради фактот дека римските гладијатори го јаделе пред борбите оти верувале дека им дава сила, ги јакне рефлексиите и ги прави полукави, туку најнапред мислејќи на неговата лековита моќ.

Имено, уште старите Египтјани го користеле дивиот магдонос како средство за лечење на болести на бубрегот и мочните патишта. Затоа што плодот и маслото дејствуваат диутерично, помагаат во излачувањето на сол од организмот. Исто така помага кај воспалението на простатата, при отежнато мокрење, но и во случаи на отекување на нозете, ревматизмот, артритисот, гихтот и дебелеењето.

Латинскиот назив на ова двегодишно растение со бел, тенок и опашест корен е Petroselinum hortense, а синоними на магдоносот се мајдонос, петрушин, перќун, петрусимул, петрушим, зелен. Стебленката е гола, малку изжлебена и аглеста.

Листовите се со различна форма. Цветното венче е со жолтеникаво-зелена боја.

Лесно се одгледува во градини, па дури и во саксии. Го има во голем дел од светот. Во пролет и есен се вади коренот. Семето на магдоносот се собира непосредно пред созревањето, а целото растение кога е во цвет.

Старите Грци, кои магдоносот го сметале за свето растение, не го користеле за јадење. Од него правеле венци кои ги носеле на свечени гозби и со кои ги кителе своите херои. За разлика од нив, старите Римјани го јаделе, особено гладијаторите пред борба. До крајот на средниот век тој бил исклучиво лековито растение, а неговото семе дури се сметало за лек против чумата.

Прочитај и за ... >>  За зачинските, ароматичните и лековитите билки

Денес без ова зачинско растение не може да се замисли ниедна светска кујна.

Енергетската вредност на магдоносот е мала и изнесува околу 190 кл/100 г за лисјето, а за коренот одвај 90 кл/100 г. Но затоа во 100 грама сурово лисје има дури 1.600 милиграми минерални материи. Половина од тоа е калиум, а останатото железо (поради што е поволен за лечење на анемија), калциум, манган, магнезиум, бакар, фосфор и помали количества на други микроелементи важни за човечкиот организам. Она што магдоносот го наредува во редот на високовредни продукти е содржината на витамини. Пред се витаминот Ц, кого во 100 грама лисје го има 170 милиграми, што кај зеленчукот е највисока вредност. Ова растение содржи и каротен (провитамин А), како и витамини Б1, Б2, Б6 и Б12, кои заедно со железото поволно влијаат врз обновувањето на еритроцити (црвени крвни зрнца). Инаку, специфичниот мирис и вкус потекнуваат од етеричното масло составено од дури 42 различни состојки.

Прочитај и за ... >>  Јадрата на сливите и кајсиите во борба против канцер

Ова растение поволно влијае врз работата на црниот дроб, па се препорачува кај жолтица и други заболувања. Освен тоа, го поттикнува крвотокот и добро дејствува врз нервниот систем-ги ублажува летаргијата и анксиозноста.

Магдоносот е користен во исхраната на дијабетичарите.

За неговата лековитост знаат и жените кои имаат проблеми со болна или нередовна менструација. Грицкањето на магдонос во деновите пред циклусот го отстранува вишокот на течност од телото и го спречува предменструалното надувување. Дејствува и врз половите жлезди, како и кај неплодноста.

Свежо здробено лисје помага кај болките во увото и забоболката.

Чајот од семе на магдонос ја снижува телесната температура, ги опушта мазните мускули во целото тело, ги олеснува главоболката, мигрената, астмата, грчевите во стомакот. Дејствува антисептично врз исекотини и рани, а ги ублажува и надразбите од убод на инсекти.

Сепак, магдоносот не е сосема безопасно растение. Пред сѐ, неговото користење во текот на бременоста мора да биде контролирано и дозирано. Како лек за бубрези не смее да се зема без одобрение од лекар. Тоа особено се однесува на семето кое дејствува значително појако од коренот и листот.

Маслото од магдонос (Oleum petreselini) смее да се употребува само според лекарски рецепт. Тоа добро дејствува при запирање на крв во урината, за испирање на мочните канали, како и кај камен во бубрегот и бешиката. За надворешна употреба се применува како заштитно средство против инсекти.

Прочитај и за ... >>  Одгледување на домати и пиперки

Меѓутоа, етеричното масло може да има и несакани ефекти. Состојците миристицин и апиол во мали количества се мошне делотворни, но во поголеми можат да имаат токсично дејство (иритација на гастроинтестиналниот тракт, оштетување на црниот дроб, аритмија, јаки контракции…).

Чај за разни тегоби

50 грама свежо лисје од магдонос прелијте со 1 литар провриена вода. Поклопете и оставете да отстои 10 минути. Пијте три-четири шолји (по 2,5 децилитри) во текот на денот. Чајот помага кај грозницата, го подобрува излачувањето на мочта и го регулира менструалниот циклус.

Чај за прочистување на бубрези

Шака свеж магдонос уфрлете во две шолји провриена вода и причекајте да се олади. Чајот исцедете го и чувајте го во фрижидер. Пијте 1 час пред оброк и 1 час пред да легнете да спиете.

Сируп за јакнење на нервите

Потребно е: 1 кг багремов мед, 2 дл сок од корен и лист на магдонос, 5 дл сок од малина. Подготовка: состојките добро да се измешаат. Употреба: се зема 4 пати по 1 лажица пред јадење.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here