Rose Old Books Red Rose Candle Pearl Necklace
Потребно време за читање: 6 минути

Каква е врската помеѓу книгите и љубовта односно сексот? Да, во љубовта книгите се секогаш подарок со кој не можеме да промашиме (дури и научни, дури и порнографски), а во нив може да се прочита и научи сѐ и сешто. Се разбира, пред сѐ за длабоките, откриени или сѐ уште загадочни нераскинливи врски помеѓу љубовта и сексот. Одделно за мажот и жената, заедно до најдлабоки, најинтимни детали.

Меѓу првото, другото, третото…во нив може да се побара одговор и на прашањата како сакаат мажите, а како жените, како и за што најчесто размислуваат мажите додека траат љубовта и сексот, пред нив и по нив.

Најнапред нешто необично за вас-мажи љубовџии: ако сакате да бидете пред сите и над сите на љубовен план, читајте книги!

Имено, дека начитаните мажи се подобри љубовници се докажа и стручно-научно-истражувачки. Да, девојките чии партнери слободното време го минуваат читајќи романи, раскази, песни, се многу среќни, зашто не само оти крај себе имаат образован маж, туку тој е и добар љубовник.

Истражувањето, што го спровела една британска издавачка куќа, покажало дека претставниците на „посилниот“ пол кои слободното време го минуваат со книга в раце се поромантични, имаат повеќе разбирање за жените, повеќе мечтаат и се понежни од оние кои никако и никогаш „не се фаќаат“ за книга. Исто така, начитаните мажи се позрели, посериозни и поелоквентни.

Анкетата спроведена помеѓу припадници на посилниот пол покажала дека 49% од нив повеќе уживаат со партнери кои радо и често читаат. Љубителите на пишаниот збор на проблемите им пристапуваат на порационален начин.

Од друга страна, оние кои не сакаат книги и ретко читаат не ја ценат романтиката, не се трудат премногу да ги разберат своите партнерки, а нивниот физички изглед го ставаат пред карактерот и образованието.

Истражувањето покажало и дека на мажите кои читаат им е полесно да и пријдат на девојката која им се допаѓа, како и да ја освојат, со оглед на тоа дека речникот им е побогат, а погледите пошироки.

Дали е битно што читаат?
Да-44% жени рекле дека мажите кои читаат само весник се помалку интересни, со оглед дека искуството покажало оти тие не се за сериозна врска или брак.

А што треба да прочита секој маж?
Во американскиот магазин за мажи „Ескваер“ (Esquire) е објавена листа на 75 најдобри книги, на која се нашла само една чиј автор е жена-збирката раскази на Фланери О`Конор „Тешко е да се најде добар маж“. Сите други ги напишале мажи, како што се Чарлс Буковски, Хенри Милер или Џек Керуак.

Американската јавност, посебно жените новинари и писатели, се запрепасти од оваа листа.

„Од неа всушност може да се изведе заклучок дека мажите би требало да читаат само „машка“ книжевност, дека не би требало да се досадуваат читајќи книги кои ги напишале жени и оти писателите на ремек дела се исклучиво машки автори, што е сосема погрешно и целосно илузорно, дури и навредливо“, изјави Роксан Греј, новинарка во списанието „Атлантик Вајр“ (Atlantic Wire).

Прочитај и за ... >>  Разлики помеѓу мажите и жените

На блогот на издавачката куќа „Џојланд“(Joyland) за само 2 часа жените предложиле над 250 книги чии автори се жени, а кои мажите никако не би смееле да пропуштат да ги прочитаат.

Еве нешто прочитано и од книги и од списанија (електронски-на Интернет):

Како сакаат мажите, а како жените?
Сигурно важи фактот дека секој сака на свој начин. Но што покажале истражувањата: кој сакаат повеќе-мажите или жените? И кои разлики во својот преглед на истражувањето ги навел Брем, познат психолог?

Кога еден машки психотерапевт на својот пациент му рекол да оди дома и да и покаже на жената дека ја сака- тој и го измил автомобилот! Значи ли тоа дека не ја сака доволно или само на поинаков начин ја изразува љубовта?

Истражувањата за разликите во изразувањето на чувствата помеѓу мажот и жената се навистина многу. Затоа Брем направил преглед и ги наведува следните разлики:

Кој кого сака повеќе?
Истражувањата покажале дека жените своите партнери ги сакаат подеднакво силно како тие нив. Разликата е само во тоа што жените искажуваат поголем стремеж кон почитување на своите партнери.

Кој почесто и посилно се вљубува?
Мажите и жените поеднакво често се вљубуваат на прв поглед (54% жени и 63% мажи веруваат во љубов на прв поглед).

Жените се вљубуваат почесто, а исто така порадо и зборуваат за своите чувства, кои се повеќе од еуфоричка природа. Побрзо се подготвени на брак и го идеализираат својот партнер, повеќе одошто тоа го прават мажите. Ако мажот не им ја возвраќа љубовта, често веруваат дека љубовта е вредна за секоја постапка.

Кој предничи во романтиката и (не)реалноста?
Интересни се резултатите од истражувањето кое покажало дека мажите се поромантични. Денес повеќе од 80% мажи и жени во САД сметаат дека љубовта е основен услов за брак.

На таквите ставови кумувале промените на положбата на жената во општеството, каде што е најважна економската независност, па повеќе не постои потреба да се мажат за некој само поради финансиска сигурност. На почетокот на односот мажите побрзо се вљубуваат (речиси 25% мажи се вљубуваат пред чевртиот состанок, додека истото важи само за 15% жени).

50% жени изјавиле дека им требаат приближно 20 видувања за да можат да кажат дали се вљубени.

Некои показатели укажуваат на тоа дека мажите повеќе патат по раскинување со партнерката, но во тој случај треба да се нагласи дека луѓето меѓусебно се разликуваат и состојбата по раскинот повеќе зависи од нашиот тип на личноста отколку од полот. Меѓутоа, вистина е дека по неуспешна љубовна врска три пати повеќе мажи одошто жени извршуваат самоубиство.

Прочитај и за ... >>  Меѓуполова загрозеност

Исто така се покажало дека мажите се понаивни и оти почесто веруваат во романтични заблуди како што се: „човек вистински сака само еднаш“, „најголема среќа е вистинската љубов“, „љубовта ги победува сите пречки“. Во доживувањето на силни чувства на љубовта жените се поразумни, на тоа ги принудуваат општествената и економската стварност, поради која се попретпазливи во оценката во кого ќе се вљубат и за кого ќе се омажат.

Кој повеќе дава?
Жените веројатно веднаш би одговориле: Ние! Но, истражувањата тоа не го потврдуваат.

Мажите и жените се само поинаку воспитани и затоа поинаку ја изразуваат својата грижа. Од жените се очекува да ја преземат одговорноста за партнеровите чувства, грижата за односот и децата. Додека од мажите се бара да преземат грижа за безбедноста на својат партнерка, а во случај на венчавка да се погрижат за финансиската благосостојба. Разликувањето помеѓу половите улоги денес е навистина помалку изразено, но е секогаш присутно во дефинициите и очекувањата на љубовта.

Кому му е попотребна блискост?
Потребата за блискост, интима и приврзаност може брзо да се изроди во зависност. А таа е идеална основа за луѓето се уште да остануваат во деструктивна врска или во неа секогаш одново да се враќаат и да ги повторуваат обрасците стекнати во примарното семејство. Исто така е погрешно и изедначување на сексуалноста со интимата, што често го прават жените, а тоа доведува до резултат во романтичниот однос по правило да се помалку среќни од мажите.

Имено, по завршувањето на сексуалниот однос се чувствуваат празно и тажно, зашто партнерот често им го свртува грбот и заспива, наместо да ужива во размената на интимните мисли.

Интимноста е поважна за жените одошто за мажите, зашто генерално жените повеќе разговараат за себе и за своите чувства и побрзо и порано се „отвораат“ во односот, зашто на тој начин го изградуваат. А мажите потребната за интимност ја задоволуваат веќе со самата физичка присутност, па затоа секое „дрдорење“ им е одвишно. Но, за разлика од наведеното, стравот од интимност кај обата пола се изразува на ист начин. Што е последица на претходното одбивање, кога на партнерот му се разоткриле.

Притоа е најважно да се сочува рамнотежата помеѓу она што го даваме и она што го примаме. Истражувањата покажуваат дека на таков начин партнерите повеќе им се допаѓаат еден на друг, а наедно се штитат од евентуално разочарување ако односот не се развие во саканата насока.

Што е важно за жените, а што за мажите?
На мажите позначајни им се работите како што се да се измијат садовите, да се однесе детето на училиште, од изразување на чувства (да се бакне партнерот). А жените за тоа имаат поинакво мислење, имено дека активностите од тој вид се од помош, но во нив не се кријат никакви чувства.На жените блискоста им значи разговор, а на мажите заедничко учество во најразлични активности. Затоа многупати можете да слушнете жалопојки во смисла „таа само би разговарала“.

Прочитај и за ... >>  5 правила за долготрајна врска

На жените повеќе одошто на мажите им се важни односите со родителите и со луѓето воопшто. Партнеровата верност и способноста материјално да се погрижи за семејството се мошне значајни за жената, а за мажите сексуалната привлечност на партнерката, способноста да се грижи за семејството и заедничките интереси.

Жените почесто се жалат на меѓучовечките односи, додека мажите обично одговараат: „Ма, сѐ е в ред!“. Жените порадо ги расчистуваат несогласувањата, а мажите тоа порадо го избегнуваат.

Кој е посреќен?
Психологот Рубенштајн-еден од познатите истражувачи на љубовта- анкетирал мажи и жени во животно доба од 13 до 60 години.

Рзултатите се исклучително интересни, зашто жените дури од 27 до 29 години сметаат дека во љубовта се посреќни отколку мажите, а причина за тоа е понегативното гледање на мажите на љубовта, зашто кога навистина ќе се вљубат обично влегуваат во брак. Жените поради брак од љубов исто така се многу среќни, но одреден број од нив го менуваат мислењето по неколку години, кога ќе утврдат во што се „вовлекле“.

Мажите најнапред бракот го доживуваат како губење на слободата и голема одговорност, а подоцна доаѓаат до сознание дека тој е всушност нешто добро и почнуваат да уживаат во сите подобности кои им ги дава.

Конечно е откриено и за што мажите најчесто размислуваат.
Една студија на американскиот Државен универзитет Охајо открила дека мажите најчесто размислуваат за храната, спиењето и сексот. Биле испитани 163-ца студенти и студентки кои со себе морале да носат табличка во која правеле белешка секогаш кога помислувале на секс, храна или спиење.

Резултатите варирале од лице до лице, па така еден студен забележал дека во 24 часа на секс помислил само еднаш, додека друг дури 388 пати. Но, кога се се собрало, резултатите покажале дека мажите почесто мислат на храна и спиење одошто на секс, а за сите три работи размислувале во просек почесто отколку жените.

Научниците тврдат дека причина за тоа е што се мажите посвесни од жените за своите потреби, на пример глад или поспаност, и се поумерени во нивното задоволување. Причина е и тоа што во секојдневниот живот тие почесто се среќаваат со „предизвикувачи“ кои потсетуваат на храна и спиење одошто на секс.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here