Елизабет Џоли Elizabet Dzoli
Потребно време за читање: 3 минути

Елизабет Џоли е една од најзначајните австралиски писателки од времето на постмодерната. Почина на 13. февруари 2007., на 83 години. Често пишуваше за староста, и тоа несекојдневно, директно, речиси документаристички, но непосредно, блиско и со нежност. Впрочем, како за се друго.

Најчеста тема во нејзините романи е осаменоста, која е резултат пред се на нејзиниот изолиран и осаменички живот. Тоа било проследено и со неразбирање и неприфаќање- првата книга успеала да ја објави дури на 52 години, а со пишување се занимавала од раните 20-ти. Своевиден куриозитет е што само во една година таа добила дури 39 негативни одговори од издавачите- дека не прифаќаат да ги печатат нејзините дела. А и критиката не и била наклонета, најчесто нејзините објави ги премолчувала.

Пресвртот се случува кога дневниот весник „Ејџ“ од Мелбурн прогласи еден од нејзините два романа објавени во 1983. за книга на годината- „Загатката на господинот Скоби“ (со посвета на нејзиниот сопруг Леонард Џоли, инаку нејзин најголем поддржувач).

Во романот „Загатката на Господинот Скоби“, вториот роман објавен таа година, приказната се случува во старечки дом, а белешката на првата страница, отпечатена како да е пишувана со рака, е мошне поучна: „Зборот убива, а духот на животот подарува“. Потпишана е со името на еден од женските ликови- Х. Хејли, а по неа следат белешки за роман, идеи кои некој, преокупиран со други работи, одвреме-навреме ги нафрлува на хартија како потсетник. Токму тие страници полни со белешки, означени со броеви од 1 до 219 се основата на романот, поточно водич низ неговата структура.

Прочитај и за ... >>  Еден од големите умови на нашево време: Стивен Хокинг

Од 1980-тата година Џоли речиси секоја година објавува по еден роман: „Мед и млеко“, „Лисец“, „Бунар“, „Млада мамичка“, „Патна грозница“…На конкурсот на весникот „Ејџ“ во меѓувреме победија уште два нејзини романа- „Месецот на мојот татко“ и „Жената на Џорџ“, додека далеку најважното признание- наградата што го носи името на австралиската писателка Мајлс Френклин, ја доби за краткиот роман „Бунар“.

Последниот роман на Елизабет Џоли- „Џентлмен со невина душа“, е напишан во 2001. година.

Нејзин став:
„Мислам дека љубовта и грижливоста се основните квалитети на еден писател. Пишувањето е непрестано преиспитување во настојувањето на човекот да разбере“.

Животот никогаш не бил, ниту може да биде „мед и млеко“. Па и кога тој се одвива во еден затворен круг, во една спокојна атмосфера, во еден обичен љубовен тријаголник, во едно банално секојдневје чиј животен тек може да го наруши само нечија смрт.

Романот на Елизабет Џоли „Мед и млеко“ не е само „обичен љубовен роман“, на каков што заклучок може да наведе првото (најчесто површно) читање, туку напротив, таа- љубовта е само сегмент на мошне комплексно живеење и негова трагика. Тоа го сугерира и почетокот, следниве реченици:

Прочитај и за ... >>  Орлеански

„Безбројните витли, што се извиваа во спирали, носеа угоре се што не беше прицврстено и обезбедено. Се формираа конуси кои, поради силината на витлите, остануваа се пошироки како што се креваа повисоко кон небесниот свод. Откорнатите делови од куќите се упатуваа високо во другата хемисфера, а потоа, заборавени од ветрот, тонеа назад кон земјата. Повеќето конуси се распаѓаа штом ќе ја допреа земјата и на самото место се губеа во облачињата од прав. Некои, сепак, опстојуваа. Дури и кога се распаѓаа, тие се трудеа да се спојат, како од тоа да зависеше нивниот опстанок“.

Во „Мед и млеко“ Џоли го раскажува животот на една необична личност по име Џејкоб. Млад човек, музичар- челист, чиј талент само навестува блескава музичка кариера што ќе згасне поради „двојна“ љубов; едната како „прва“, ветена уште од детството, со Луиз, со која и ќе стапи во брак како продолжение на хармоничниот живот на семејството на Леополд Хајмбах, но затворен помеѓу четири ѕида, помеѓу зградите, градините и паркот на болницата опкружена со висок ѕид (болница на „отпишани“ луѓе); и втората љубов со Мејџ, членка на градскиот оркестар, сопруга на Норман, чиј брак е изгубен, промашен. Пресвртот на дејствието е врзан за една друга личност во семејството по име Волдемар, умоболна, затворена во непристапна соба, со која се случува двојното неверство. Имено, токму со него- со Волдемар Луиз ќе има и дете, неверство кое во свеста на Џејкоб ќе остане само во рамките на сомневањето.

Прочитај и за ... >>  Морнарскиот данок

Станува збор за една мошне сложена романескна структура, оформена според нормите на класичниот- реалистичниот роман, но едновремено и со елементите на тн. „нов роман“ што ги поставија Роб-Грие, Бутор и други современи раскажувачи: објективност, не препознавање на настанот, туку развивање на „предметот“, случување, односот помеѓу ликовите и дејствијата како одраз во свеста, потоа набљудување, наслутување, сомневање, детални описи на состојбите и предметите сосе можноста, недореченоста и отвореноста во нив.

За романот „Мед и млеко“ Елизабет Џоли во 1985. година ја доби наградата за литература на премиерот на Нов Јужен Велс.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here