Потребно време за читање: 3 минути

Во раната фаза на дигитализација на текстот промените на технологијата на пишување се најавувани како „крај на печатењето“ и „смрт на книгата“. Во меѓувреме, како што е евидентно, книгата ја преживеа најавената катаклизма, но дојде до смена на парадигмите на пишување и читање.

Новите технологии влијаеа и врз современата книжевност која денес во голема мера настанува на компјутерот: современите дела сѐ почесто стануваат полигони на „хипертекстуални“ проекти.

Што е тоа „хипертекст“?

Некои го нарекуваат единствена авангарда на денешницата. Го доживува својот процут во 90-тите години на 20. век, кога настануваат и најпознатите дела.

Станува збор за експериментално нелинерано пишување.

Кога е во прашање дигитализацијата, нашата современа книжевност во многу заостанува зад светската. Кај нас сѐ уште не се објавуваат масовно книги во електронски облик, освен издавачот „Блесок“ кој веќе има значајна и мошне респектабилна продукција во веб формат. Но и тоа-електронското издаваштво претставува „пресликување“ на печатен текст во дигитален формат.

Интерактивните или нелинеарните дела се нешто сосема друго. Причина за тоа што уште ги нема кај нас, како и во други интернетски неразвиени земји, е неразвиеност на мрежната заедница, отсутност на институционално занимавање со културата на Интернет, но пред сѐ нејзино непостоење. Слични проекти во светот често се поттикнувани токму од академските средини, а кај нас за тн. cyber култура се зборува во мошне тесни, „дигитализирани“ кругови.

Прочитај и за ... >>  Ретороманци

Терминот „хипертекст“ настанал во 60-тите години на 20. век, а автор е Теодор Х. Нелсон, кој го дефинирал како „несеквенцијално пишување-текст кој се разгранува и на читателот му овозможува избор, а најдобро е да се чита на интерактивен екран“.

Хипертекстот се состои од исечоци на текстуална граѓа или лексии (зборови, видео клипови, звучни записи и сл.) и од низа врски или линкови кои водат од еден исечок или јазел до други. Терминот „лексија“, пак, значи „парче текст“ или „(еден) простор“ во хипертекстот кој со останатите е поврзан со линкови. Линкот се употребува за збор (слика, анимација) кој во хипертекстот е обично означен со подвлечена црта и поинаква боја. Линкот е место од кое линеарниот текст почнува да се разгранува во мрежата.

Теоријата хипертекстот го третира како продолжение на стремежите кои во книжевноста се јавувале во дела што нелинеарноста се обидувале да ја симулираат во печатен медиум, а особено од модернистичките романи. Првенствено се мисли на техники на пишување, како што се струја на свеста, метатекстуалност, цитатност, кои се спротивставуваат на линеарниот и хиерархискиот поредок што го востановува печатењето, а ја отелотворуваат нехиерархичноста и асоцијативната организација на мотивот. Поради тоа, „историите“ на хипертекстот често „влегуваат“ и во периодите пред компјутерот.

Прочитај и за ... >>  10 работи кои обичниот човек мора да ги знае за демократијата

Често наведувани претходници на интерактивната фикција се надреалистите, футуристите, дадаистите (целата традиција на експериментот), романите од струјата на свеста (Џемс Џојс, Вирџинија Вулф, Езра Паунд, Томас Стернс Елиот), постмодерната книжевност (Томас Пинкон, Роберт Кувер, Итало Калвино и др.). Споредбите достигнуваат и до 18-вековниот „роман како разговор“ и Лоренс Стерн. Најчесто, поради наклонетоста кон експериментот, како претходници на дигиталната поезија се наведуваат Стефан Маларме, Гијом Аполинер, дадаистите и конкретистите…

Хипертекстуалната организација на текстови се поврзува и со книжарската и енциклопедиската организација, па книжарницата и енциклопедијата се нарекуваат и „протохипертекстови“. Станува збор за арбитрарна организација на податоци, при што читателовата намера е таа што го создава редоследот на пристапот до податоците.

Некои во дефиницијата на електронскиот текст отишле и подалеку. Еспен Арсет го дефинира сајбертекстот како „секој систем кој вклучува информациски повратен копец“. На тој начин сајбертекстот не се ограничува само на компјутерската или електронската текстуалност. Арсетовите примери на сајбертекст опфаќаат секоја форма на нелинеарност- од натписи на египетските храмови до Аполинеровите „калиграми“, од компјутерските текстуални игри до хипертекстовите.

Прочитај и за ... >>  За етрурскиот јазик и писмо

Еве список на некои од најпознатите хипертекстуални дела:

Michael Joyce, Afternoon, a story, Stuart Moulthrop, Victory Garden, Shelley Jackson, Patchwork Girl, Deena Larsen, Marble Springs, Judy Malloy, Its name was Penelope, John McDaid, Uncle Buddy’s Phantom Funhouse, J. Yellowlees Douglas, I Have Said Nothing

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here