Книжевните награди

0
16

Наградувањето на книжевниот труд е појава на 20. век. Се јавува на почетокот од векот и се шири сѐ повеќе, така што денес има неколку форми или нивоа: меѓународни, помеѓу две земји и национални.

Најпозната меѓународна награда е секако Нобеловата, која од 1901. ја доделува Шведската академија на науките. Две светски престижни награди се шпанската „Сервантес“ и британската „Букерова награда“. Освен нив, постојат уше неколку помалку познати што ги доделуваат Европскиот совет, Италијанското радио, Швајцарија итн.

Постои награда за писателите на Балканот-„Балканика“, која досега ја добија двајца македонски писатели-Венко Андоновски и нАлександар Прокопиев.

Наградите помеѓу две земји се особено развиени кај Французите, Швајцарците, Норвежаните, Англичаните, Португалците. Во Австрија меѓународната книжевна награда „Франц Кафка“, во чест на австрискиот писател Кафка, се доделува од 2001. година, а ја доделуваат друштвото „Кафка“ и градот Прага (Чешка).

Од националните награди најбројни се француските, а помеѓу нив најпозната е „Гонкуровата“. Во Америка се најпознати „Пулицеровите награди“ за роман, драма, историско дело, биографија и поезија, а ги доделува Колумбискиот универзитет.

Во Русија има над 100 награди за дела од разни области. Наградата „Андреј Бели“ е востановена во 1978. година во тогашниот Ленинград. Интересно е дека се добива 1 рубља, шише вотка (која во жаргон се вика „бели“) и јаболко! Наградата „Јасна Пољана“, според родното место на Лев Николаевич Толстој, е меѓу најголемите-ја спонзорира корпорацијата „Самсунг“, а износот е 20.000 рубљи. Една од најпрестижните е традиционалната национална книжевна награда на Русија-„Голема книга“.

Германија своите награди ги врзала за имињата на Гете, Лесинг, Хајне, Бихнер и др. „Јохан Петер Хебел“ е германска награда за литература што се доделува секоја втора година. Основана е во 1936. и го добила името според германскиот писател Хебел. Наградата „Хајнрих Ман“ секоја година ја доделува Академијата на уметноста на Берлин (основана во 1953.).

Наградата „Астрид Линдгрен“ или „АЛМА“ во 2002., ја основала шведската влада во сеќавање на шведската писателка, авторката на „Пипи долгиот чорап“.

Наградата „Алан Патон“ е основана во 1989., а се доделува секоја година во Јужна Африка.

Наградата „Готфрид Келер“ е една од најстарите во Швајцарија. Нејзин основач е Марин Бодмер и го добила името според големиот швајцарски писател.

Наградата „Владимир Назор“ е хрватска државна награда која се доделува секоја година за најдобри уметнички остварувања во книжевноста, музиката, филмот, ликовните и применетите уметности, театарската уметност и архитектурата и урбанизмот. Се доделува како годишна и како награда за животно дело, а името го добила според хрватскиот писател и поет Назор.

Врз основа на писателовата волја изразена во тестамент, секоја година се доделува „Андриќева награда“ за расказ или збирка раскази напишани на српски јазик. Се доделува од 2005. година.

Наградата „Бранко Миљковиќ“ е една од попрестижните која за книга песни ја доделува Собранието на градот Ниш, од 1971. година. „НИН-овата награда“ е книжевна на критиката за најдобар роман на годината, што ја доделува неделникот НИН (првпат е доделена во 1954. година).

Во Република Македонија најголема меѓународна книжевна награда-за целокупно творештво на светски автор, е „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата (од македонските поети ја имаат добиено Блаже Конески и Матеја Матевски). Според значењето ја изедначуваат со Нобеловата.

Македонскиот поет Гане Тодоровски во стих од една своја песна вели: „Наградите на гради“. Меѓутоа, кога сите наши наградени писатели и поети своите награди би ги ставиле на своите гради, сигурно многумина не би издржале под нивниот товар (не и значење).

А помеѓу самите творци има една важечка „логика“: ако немаш награда, не си докажан творец или, во најдобар случај, си перспективен, талентиран, надежен. Штом добиеш една, без оглед на нејзиното значење, веќе си нареден помеѓу современите, со несомнена светла-значајна творечка иднина.

А делата? Времето е нивната награда, нивна победа или нивен пораз.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion