Кавал

0
32

Кавалот спаѓа во тн. аерофонични инструменти, а со тој назив кавал (кафал), или поточно пар кавали се нарекуваат надолжни флејти, отворени на двата краја, односно подолги шупелки со 8 мелодиски отвори и четири душници. Горниот отвор, на кој се дува, е стеснет со остри рабови и тенки ѕидови (1-2 мм). Пресекот по целата должина изнесува 16-17 мм.

Отворите се рамномерно распоредени, со тоа што шестата дупка е отприлика при средината на инструментот.

Кавалот се изработува од јасеново дрво, богато орнаментиран по целата должина, и тоа во 3 должини: 600, 700 и 800 мм. Мелодиските отвори се распоредени на еднакви растојанија (2 см).

При свирењето, кавалот се држи со двете раце, наклонет на левата страна за оклолу 45 степени спрема вертикалата. Со левата рака се покриваат првата, втората, третата и четвртата мелодиска дупка, а палецот се користи како потпирач. Со десната рака се покриваат петтата, шестата и седмата мелодиска дупка, а со палецот осмата. Устата покрива три четвртини од крајот на кавалот.

Од интензитетот на воздушната струја зависи и височината на тонот. Во зависност од клучот односно тоналитетот, кавалот може да биде во повисок, среден и низок регистар.

Кавалите звучат топло, меланхолично, со пријатни тонови.

За да се заштити кавалот од свиткување, се навлекува на дрвена виличка (арбија). На крајот на краците на арбијата се дупчат отвори во кои се провлекуваат крпчиња натопени со зејтин. Арбијата има двојна улога: да го заштити кавалот од свиткување, а крпчињата натопени со зејтин да ги одржуваат ѕидовите влажни.

Порано кавалот бил исклучиво овчарски инструмент. Се употребувал како пар кавали во ист штим, од кои едниот ја води мелодијата (водач), а другиот ја придружува (полагач). Денес се користи при изведба на народни песни и ора, како дел од ансамбл или соло.

За потеклото на кавалот се знае многу малку. Во народните песни се спомнува со епитетите меден, сребрен итн.

Изработката на кавалот лежи во рацете на албанското население, а и нивната масовна употреба е токму кај него.

Кавалите се најмногу распространети во Полог (Тетово и Гостивар), битолскиот и охридскиот регион.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion