Како ајкулите го откриваат пленот?

0
40

Во некоја форма тие живеат во океаните околу 400 милиони години, пред, на пример, диносаурусите да одат по Земјата.

Им припаѓаат на класата на рибите Chondrichtys.

Речиси сите ајкули се месојадци, се хранат со риба и со морски цицачи (делфини, фоки…), а понекогаш и со желки и галеби. Јадат дури и други ајкули. На пример, Тигар ајкулата може да ја изеде Бик ајкулата, а Бик ајкулата да ја изеде Црноопашестата ајкула.

Забите им се истакнати и остри, а скелетот им е граден од ‘рскавица наместо коски, што им овозможува поголема флексибилност.

Најопасни ајкули се Големата бела ајкула, Тигар ајкулата, Мако ајкулата и Бик ајкулата.

Во просек, има само околу 100 напади на ајкули во светот секоја година, а само 10 од нив се погубни.

Кожата на ајкулата се користи во кожната индустрија, а се до 1950. година црниот џигер се користел за добивање на витамин А.

Ајкулите се добри предатори, а една од причините за тоа е што имаат супер сетила. Имено, две третини од нивниот мозок зазема сетилото за мирис.

Некои ајкули имаат очи слични на мачка. Слојот во очите, сличен на огледало, им овозможува подобро да гледаат, што им овозможува да ловат и во чиста и во матна вода.

Ајкулите имаат и пар необични сетила. На пример, можат да почувствуваат вибрации во вода користејќи ја „страничната линија“ (се протега од главата до опашот) или линијата на каналите кои се исполнети со вода и содржат рецепторни ќелии со влакна. Овие влакна се движат кога водата ќе завибрира и ја испраќаат информацијата во мозокот.

Посебно се чувствителни на нискофреквентни вибрации (600 циклуси во секунда), што ги произведуваат животните кога се наоѓаат во неволја.

Преку водата што им минува низ носницата и устата, ајкулите постојано ги контролираат мирисите и вкусовите во неа. Утврдено е дека тие го чувствуваат мирисот на крвта и на гнило месо во концентрација од само еден дел на милион и повеќе делови на водата.

Најчудно е што ајкулите располагаат со некој вид на радар, со кој ги детектираат и најслабите електрични струи. Тој сетилен орган е наречен „Лоренциниев сад“. Со него можат да откријат риба скриена под песок само врз основа на електричните емисии предизвикани од фзиолошките процеси во организмот на рибата. Сусптанциите во слузокожата на устата, шкргите и кожата на рибата (посебно кога е ранета) реагираат на солената вода, произведувајќи со тоа слаби струи кои ајкулата може да ги почувствува.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion