Израелски рецепт за земјoделство

0
28

Израел подмирува две третини од потребите за храна, која се произведува со помош на системот за наводнување. Кибуцот Шефаим, кај Тел Авив, само од развој на земјоделски технологии има годишен приход од повеќе од милион долари. Главните заслуги за тоа му припаѓаат на научниот центар што го финансира владата.

Израел е светски лидер во примената на високи технологии во земјоделието. И покрај пустинските услови, со само 5 литри дожд по квадратен метар годишно, сета храна се произведува со помош на систем за наводнување.

Кибуцот Шефаим се наоѓа на околу 20 километри од Тел Авив. Тој е еден од најстарите и најбогатите. Со примена на иригациониот систем капка по капка, како и други технологии за наводнување, на отворените полиња повеќекратно се зголемува приносот и се штити животната средина.

„Во однос на други кои го немаат овој систем за наводнување, со исто количество вода имаме 10 пати поголемо производство. Со ваквото наводнување го намалуваме и количеството ѓубрива“, вели Евелин Розентал, земјоделски инженер.

Според неа, земјите богати со реки можат да го зголемат аграрното производство само ако правилно ги користат ресурсите и воведат нови технологии.

Иригационите технологии во пластениците, со оптимално греење и вентилација, овозможуваат во сезоната по хектар да произведат и 4 пати повеќе овошје и зеленчук отколку на отворени молиња. Слично е и кај одгледувањето крави.

„Во текот на жешките лета кравите се разладуваат неколку пати дневно за да имаме поголемо производство на млеко“, потенцира Розентал.

Израелските крави во просек даваат 12.000 литри млеко годишно. Млекарот Џошуа Мирон, од Научниот центар „Волкани“, вели дека имаат апарат кој овозможува преку Интернет да се анализира составот на млекото и врз основа на тие податоци да се одредува цената.

„Ако се намали масноста, апаратот тоа веднаш го покажува, а ние му сигнализираме на фармерот. Го следиме и здравјето на кравите и укажуваме на евентуален проблем“, вели Мирон.

Со примена на нови технологии Израел е во светскиот врв според приносите и квалитетот на млекото. Во однос на грлата во Америка, за петина се попродуктивни, а во споредба со европските дури двојно!

А малку е познато дека Израел одгледува риба и во пустина!

Имено, изумот на израелските научници овозможува таа да се одгледува на кое било место, и тоа без последици по животната средина. Со него се обезбедува се што е потребно за производство на риба на „суво“, во комори кои не бараат водата да се менува или хемиски да се пречистува, зашто автоматски се третира со посебни микроби.

„Ова е најефикасен можен истем за одгледување риба“, вели директорот на компанијата Grow Fish Anywhere Advanced Business, Дотан Бар Ној.

„Нема загадување, а нема ни потреба да ловите в море. Само поставувате резервоар со нашиот систем и имате подготвена риба секогаш кога ќе сакате да ја продадете“.

Најголемата постројка на овој систем се наоѓа во САД- произведува повеќе од 100 тони морска риба годишно.

Инаку, системот може да се инсталира во кое било опкружување, дури и илјадници километри далеку од најблискиот океан.

Иако повеќето држави се свртуваат кон океанот за да го намалат проблемот на гладта, најголемите природни ловишта на риба поради прекумерен лов се веќе драматично загрозени.

ОН проценуваат дека до 2040. година во светот ќе живеат повеќе од 10,5 милијарди луѓе, па демографите ги загрижува тоа дека постојните светски извори на храна, кои ја вклучуваат и рибата, нема да бидат доволни да ги задоволат зголемените потреби.

Израел увезува само житарици, маслодајни растенија, кафе,какао и шеќер, а главни извозни производи се цвеќето и зеленчукот.

Еве што вели еден од водечките израелски стручњаци, професорот Илан Чет, со докторски труд во микробиологијата. Неговото истражување е поврзано со билошката контрола на болестите на посевите со фокус на примена на еколошки прифатливи микроорганизми за да се намали употребата на пестициди:

„Денес не е важно да се произведува се она што и е потребно на некоја земја, туку она чија ведност е голема, што може да заработи повеќе пари.  

Иновациите се темелот. Во Израел на инвеститорите кои развиваат високи технологии владата на секој долар им дава помеѓу долар и 70 центи. На пример, главниот научник секоја година за поддршка на високотехнолошки  start-апови на располагање  има помеѓу 600 и 800 милиони долари. Исто така, универзитетите треба да го задржат интелектуалниот капитал, да ги патентираат иновативните производи и да заработат пари. Во Израел тие заработуваат многу пари на иновации.

Израелскиот модел е мошне добар. Имаме образовани фармери, добри универзитети и развиена советодавна служба. Министерството за земјоделство испраѓа агрономи да им помагаат на селаните кои се обучуваат преку тренинзи и семинари. Добар е текот на иновациите: од универзитетот преку службите до селанецот.

Израел има високообразовано население. 45% имаат академски степен. Уделот на селаните во населението е мошне низок, мислам дека е помеѓу 3% и 4%. Колку е земјоделството поразвиено, толку е помал бројот на селаните. Во Кина 40% се фармери, а во САД 2%. Извозот е висок како и што беше, но уделот на земјоделството се намали затоа што Израел разви high tech претпријатија чиј извоз е фантастичен“.

Израел е водечка земја во областа на новите технологии, еколошки чистите технологии во областа на земјоделието и користењето и преработката на вода.

(Користени повеќе прилози на Интернет)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion