Човекот и модерната живеачка

Дали ве збунува модерниот живот? Доколку го живеете во неговата полнотија (сосе сите празнотии во него), што најмногу ве загрижува? Знаете ли дека тој со многу нешта го загрозува вашето здравје, а пред се го отежнува спиењето?

Повеќе од милион Британци тврдат дека се чувствуваат збунето и беспомошно кога ќе се најдат пред секојдневните обврски и проблеми кои треба да ги решат.

Менувањето на гума, поставувањето на тапети и менувањето на приклучоци се само некои од вештините што голем број на луѓе едноставно не ги поседуваат.

Финансиската терминологија и пресметувањето на кредитните обврски исто така претставуваат голем проблем за речиси третина од населението на Велика Британија.

Ова откритие е дел од истражувањето што го покренала организацијата „WorldSkills“ во надеж дека ќе успее да обучи голем број од популацијата како да ги извршува најосновните задачи, а како вовед во Олимписките игри за луѓе со специјални потреби што ќе бидат одржани кон крајот на годинава во Лондон.

Од вкупниот број на интервјуирани лица, 57% изјавиле дека не би биле во состојба да променат гума на автомобилот, 51% не знаат како, кога би морале, да постават тапети, додека 50% не би знаеле како да состават купена полица.

И покрај тешко добиената борба за еднаквост на половите, половите стереотипи и натаму живеат и се присутни помеѓу испитаните лица- сенасе 28% мажи рекле дека се во состојба да испеглаат пантолони, а 17% жени дека се во состојба да променат гума на својот автомобил.

Генерацискиот јаз е исто така присутен и открива дека 72% од лицата на старост од 18 до 24 години без проблем можат да постават безжичен Интернет во станот, но не се во состојба да извршат некоја од најосновните дневни задачи, како што се подготвување на појадок или превивање на повреден глужд.

Причина за ваквиот недостиг на вештини потребни за секојдневно функционирање истражувачите наоѓаат во училишната програма која на учениците повеќе не им нуди практично знаење потребно за нормален живот.

Друго истражување покажа големи здравствени проблеми на модерниот човек: не вежба, премалку спие, константно е уморен и е под стрес.

Хроничниот недостиг од сон, забрзаниот ритам, нездравата исхрана, стресот, уморот и недостигот од телесна активност се главните симптоми на модерниот живот, кои наедно станале и најризични фактори за човечкото здравје. Истражувањето спроведено во Британија на над 5.000 луѓе покажало дека луѓето во последно време станале свесни дека кариерата и бесконечниот труд не се вредни за нивното здравје. Помеѓу прашањата кои им биле поставени во анкетата било и дали во последните три месеци поради нешто биле помалку или повеќе загрижени.

Резултатите покажале дека непостоењето на каков било облик на телесна вежба е на првото место од факторите на загриженост за здравјето, и тоа кај 48% од испитаниците. Потоа следи загриженоста поради лош сон кај 42% испитани, па уморот- 34%, стресот- 27%. Пасивното пушење го спомнале 15%, а конзумацијата на алкохолни пијалоци 12%. Загриженоста поради адитиви во храната, како сол, вештачки бои или конзерванси, ја навеле петтина од испитаниците.

„Очигледно е дека повеќето се повеќе загрижени поради начинот на кој живеат отколку поради последиците од пушење или конзумирање на алкохол. Малку работи се поважни во животот од здравјето, затоа е битно луѓето да ги разгледаат причините за нивниот неквалитетен начин на живот, да сфатат дека здравјето им е потенцијално загрозено и да го спречат развојот на евентуални болести“, смета Крис Роланд, директор на британскиот Центар за здравје.

Ангела Мавле, директорка на Британското здружение за јавно здравство, смета дека луѓето мора да пронајдат време за да се опуштат:

„Мобилните телефони значат дека сме секогаш секому достапни и дека сме секогаш „во втора брзина“. Затоа е тешко да забавиме. Гледам дека повеќето луѓе настојуваат да забават и да пронајдат време за опуштање. Ваквиот начин на живот очигледно има негативно влијание врз нашето здравје, но е еднакво важно да препознаеме дека сме „бомбардирани“ од цела низа на информации кои не успеваме да ги перцепираме и кои често не ни се потребни“.

Стручен одговор на мошне важно прашање: зошто модерниот живот го отежнува спиењето?

Едвај сте го дочекале крајот на работниот ден, сте оставиле се зад себе и исцрпени сте се вовлекле в кревет. Но наместо во сон, се потонале во мисли и непрестано превртување од една на друга страна од креветот, прашувајќи се зошто не можете да заспиете. Одговорот можеби се крие во семисомнијата.

Ако зачестено се чувстувате уморно или забавено, а имате проблеми со несоница или недостиг од квалитетен сон, можно е дека, како и 30 милиони Британци, патите од пореметување наречено семисомнија. Поимот го креирал Доктор Нил Стенли, стручњак кој во последните 30 години кариерата ја посветил на проучување на сонот. Стенли забележал голем број на лица кои имаат проблеми со спиењето, а бидејќи немале „пропишани“ симптоми на несоница, односно инсомнија, со години се игнорирани од страна на здравствениот систем.

„Ако во соба ставите 100-мина луѓе и прашате колкумина од нив се чувствуваат добро, енергично и витално, малкумина од нив ќе одговорат потврдно“, вели тој. Повеќето ќе чувствуваат хроничен умор или ниско ниво на енергија, а се се тоа болки кои ги произведува семисомнијата.

Стенли смета дека извор на семисомнијата е комбинација на недостиг од сон или слаб сон со модерниот начин на живот во западната култура што наметнува премногу обврски поради кои често си го ускратуваме сонот:

„Некогаш одењето на спиење беше нормално завршување на денот. Денес не е така. Многумина луѓе се под притисок од големи обврски и одговорности кои мораат да ги ивзршат во зададени рокови, а време за се никогаш нема доволно. Поради тоа многумина ускратуваат преку потребни часови за сон, додека други од многубројните грижи или обврски не можат мирно да склопат очи“.

Во што е разликата помеѓу семисомнијата и класичната несоница? Да се спореди некој што пати од семисомнија и некој што се бори со несоница е слично на споредување на оној што се храни сосема нездраво со оној што само делумно конзумира нездрави продукти.

Луѓето кои патат од несоница тешко можат да заспијат и често им се потребни повеќе од 30 минути за да потонат во сон. Не е реткост таквите поединци во текот на ноќта или рано наутро да месечарат, односно да одат во сон.

Ако едно лице во текот на три недели само неколку пати успеало да заспие без никакви потешкотии, додека во повеќето ноќи имало проблеми со спиењето, тогаш е збор за хронична инсомнија која понекогаш може да трае со месеци или во потешки случаи дури и со години.

Семисомнијата е пореметување што го карактеризираат ублажени симптоми на класична несоница или намерно ускратување на сон зашто поединци поради силни обврски не можат да спијат онолку колку што му е потребно на организмот, а што подоцна резултира со пад на енергијата и константно чувство на умор.

„Во секој случај, семисомнијата е сериозен проблем кој повеќе не може да биде игнориран, како дебелеењето. Но додека на секој чекор се нудат информации за здрава исхрана и безбројни упатства за губење на вишокот килограми, ретко можат да се најдат упатства за правилен сон и неговата важност за организмот“, истакнува Стенли.

Сонот е неопходен за добро емотивно, ментално и психичко здравје како и вежбите или правилната исхрана. Кога спиеме, нашето тело и имунолошкиот систем се обновуваат, а со помош на REM, односно соништата ја организираме меморијата и се носиме со стресните ситуации. Ако не спиеме доволно долго, сите наброени активности се одложуваат, што со време доведува до раздразливост, снижување на имунитетот или пониско ниво на енергија. Во подолг период недостигот од сон предизвикува депресија, дебелеење, дијабетес или срцеви пречки.

Недостигот од сон исто така може да влијае врз намалување на заинтересираноста или работните способности, па многумина истражувачи сметаат дека тоа влијае и врз лошите партнерски односи и на самиот крај води кон разводи, но и губење на работа.

За жал, многумина кои патат од симптоми на семисомнија не се ниту свесни дека развиле пореметување кое е потребно да се лечи. Со оглед дека секој организам е поинаков, така и секому му е потребно различно количество на сон за да се чувствува витално.

Стенли препорачува неделно следење на заминувањето в кревет и количеството на спиење, како и опишување и оценување на здравствената состојба:

„Оценете како се чувствувате секој ден помеѓу 11 и 14 часот попладне со оценка од 1 до 10. Ако просечната оценка е помала од 6, мошне е можно да имате некој или сите симптоми на семисомнија“.

Во тој случај е потребно да побарате помош од лекар и да разговарате со стручњаци за да се променат навиките и условите кои создаваат проблеми со спиењето.

Не помалку големи и важни проблеми на модерната живеачка: невротичност и пречувствителност. Дали сме станале зголемено нетолерантни или само премногу чувствителни поради преоптовареност?

Доктор Елејн Арон напишала книга во која вели дека секој петти жител на развиените земји е „премногу чувствителен“. Таа развила теорија според која некои луѓе се родени со почувствителен нервен систем, па е полесно да ги фатат напади на паника, нетолеранција и претерани реакции. Исто така, таквите лица побрзо се уморуваат кога се во бучно или премногу стимулативно опкружување, и ако се бомбардирани од премногу звуци или слики.

Според тестот шго го развила, премногу чувствителните лица главно одговараат потврдно на овие прашања: „Туѓите расположенија влијаат врз мене?“, „Кофеинот врз мене има влијание?“, „Кога ги посматрам своите задачи ме фаќа паника, што додатно го отежнува нивното извршување?“, „Не сакате гласна бучава?“, „Редовно ви е потребно време во самотија?“ и др.

Иако не изгледа на прв поглед, Др Арон тврди дека преголемата чувствителност носи и многу позитивни значења. Таквите лица се поконцентрирани на својот внатрешен живот кој е многу покомплексен од просечното лице, знаат да ги ценат уметноста и музиката...

Додава дека преголемата чувствителност не е болест, туку состојба со која секое лице одлучува како ќе се носи. Најважно е да се избегнува преголема стимулација на кое било сетило, да се настојува да се води помирен живот, да се воведат помирни ритуали пред спиење, да се избегнуваат додатни стимуланси како алкохол или кофеин.

Интересен случај: Британката Џенис Тјуниклајф (55) тврди дека по хемотерапија добила ретко пореметување на електросензибилност поради кое добива тешка реакција на електромагнетни полиња на електрини уреди. Во последниве три години пати од тешки главоболки, вртоглавици и притисок во рацете и нозете додека е во близина кој било уред што емитува електромагнетно поле.

Најдобро се чувствува кога ќе снема струја. Станала толку чувствителна на електрицитет што соседите морале да престанат да користат безжичен Интернет. Мајката на две деца вечерите ги минува играјќи социјални игри на свеќа. Избегнува палење на светло, користење на фрижидер, компјутер и мобилен телефон.

„Како некој да го црпи животот од мене. Некој уред може сосема да ме парализира“, изјавила таа.

Сопругот Карл (43) поставил метална изолација на прозорците за да ги одбива електромагнетните бранови. Викендите ги минуваат на село за сосема да се одмори од електричните сигнали. Станала свесна за болеста истражувајќи ја својата состојба на Интернет. Со време се откажале од сите апарати во куќата, како што се микробрановата печка, тостерот, телевизорот, за да ги намалат симптомите.

Џенис вели дека самата научила да се носи со болеста откако докторот по општа практика не покажал разбирање. Додека Шведска и Швајцарија ја признаваат електросензибилноста, британските научници не пронашле врска помеѓу радио брановите и здравјето. Многумина доктори веруваат дека состојбата е психосоматска. Иако 3% од 4% популација чувствува проблеми од електромагнетни полиња, ретки имаат олку силни симптоми.

Повеќе во оваа категорија: « Четири договори „Природна“ козметика »

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Д-р Томас Фулер

Деловниот човек не смее двапати да прекрши збор.

Виц блиц

Пијан возач

Се возат жена и маж со автомобил на автопат. Ги запира полицаец и го прашува мажот: -Зошто возеше 65 километри на час кога е дозволено 55? Мажот: -Жими мајка, не возев толку брзо. Жената: -Зошто...

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се