Енергетски штедлив дом Издвоено

Озонски дупки, глобално затоплување, топење на половите...

Еден од најголемите планетарни проблеми на денешнината е исцрпувањето на необновливи извори на енергија, но и нивно крајно неодговорно трошење.

Како да дејствуваме на локален план за лично да придонесеме за сегашнината и иднината на природата, на нашата природна и работна средина и околина?

Доволно е да се воведат некои ситници во нашиот дом, и тоа одвај забележливи, па позитивните ефекти да бидат дури немерливи.

Една од веројатно најчесто спомнуваните е замена на автомобилот со велосипед. Меѓутоа, кога тоа не е можно, на пример живеете надвор од град, на близок рид или во подножјето на планината што се извишува над него, се препорачува ограничување на брзината при возење и одржување на автомобилот. Побавното возење и автомобил во добра состојба штедат гориво.

А дома, во живеалиштето- куќата или станот?

Мошне е важно обложувањето на прозорците за да се сочува топлината внатре, а додатно помага и пуштање на сончева енергија да загрее дури и зиме. За штедењето со сијалиците не треба многу да се зборува. Доволно е само да се спомне дека годишно 29% од потрошувачката на електрична енергија во секој дом отпаѓаат токму на нив.

Рециклирањето, освен на отпадот, треба да се спроведе и помеѓу средствата за чистење. Имено, научниците тврдат дека не се познати долготрајните ефекти врз здравјето и околината на сите хемикалии кои ги користиме секојдневно. Алтеррнативата не само што е поздрава, туку е и поевтина- сода бикарбона, лимон и оцет се одлични средства за чистење, дури и на бигор.

Во врска со потрошувачката на електрична енергија:

На пример, доколку потрошиме 1000 kWh, тоа значи дека сме потрошиле 1,3 тони јаглен кој се создавал со милиони години. Согорувањето на истиот тој јаглен во атмосферата емитира штетни гасови, создава големо количество на пепел и на тој начин ја загадува околината.

Има три најважни и на сите нам разбирливи причини за штедење на енергија: намалување на трошоците на домаќинствата, заштеда на енергенси за идните генерации и спречување на загадување на природата.

Еве некои мали совети за големи заштеди во вашето домаќинство:

во кујната:
-термостатот на фрижидерот да се намести помеѓу 3 и 5 степени Целзиусови;
-фрижидерот или замрзнувачот да не се поставуваат во близина на грејни тела;
-да се вршат редовни проверки дали вратите на фрижидерот добро дихтуваат;
-фрижидерот да не се држи отворен подолго одошто е неопходно;
-редовно да се отстрануваат наслагите на мраз од фрижидерот и замрзнувачот, зашто на тој начин, освен заштеда на енергија, се продолжува векот на траење на уредите;
-не треба без потрба да се отвора вратата на рерната, зашто така се снижува температурата за 15 степени Целзиусови;
-секогаш да се избира рингла на шпоретот според големината на садот во која се подготвува јадењето;
-секогаш да се користи поклопец на садот, зашто со тоа се скратува времето на готвење, а со самото тоа и се намалува потрошувачката на енергија;
-ринглата да се исклучува нешто пред крајот на готвењето, зашто таа акумулирала доволно топлина која е можно да се искористи;
-машините за перење на алишта и садови секогаш да се вклучуваат кога се полни, со избор на адекватна програма за перење, ако е можно на пониска температура;

во бањата:
-најголеми расипници во бањата се секако бојлерите, па поради тоа еве неколку упатства што се однесуваат токму на ннивната работа:
-термостатот на бојлерот се мести на температура од 50 до 60 степени Целзиусови;
-најекономично е да се вклучува бојлер за време на тн. период на поевтина струја;
-да се исклучува бојлерот кога се напушта станот на подолго време;
-редовно да се чисти бигорот оти наслагите на грејачот ја зголемуваат потрошувачката на енергија и предизвикуваат дефекти;
-неопходно е да се поправат сите славини, зашто потрошувачката на вода е исто така потрошувачка на енергија;

штедење на енергија во дневен престој:
-таа е најчесто поврзана со осветлувањето:
-пожелно е што повеќе да се користи природна светлина, зашто е најпријатна и најздрава за очите;
-секогаш треба да се гаси светло во простоија во која никој не престојува;
-препорака е да се користат штедливи сијалици- поскапи се од обичните, ама траат значително подолго и трошат 5 пати помалку електрична енергија при исто количество емитувана светлина;
-кога се во прашање клима- уредите, се препорачуваат оние од што повисока енергетска класа, по можност највисока;
-тие е најдобро да се постават во оној дел од просторијата каде што паѓа сенка, зашто на такви позиции трошат помалку енергија;

греење на просториите:
-при градба или реновирање на стан или куќа би требало да се постави топлотна изолација на надворешните ѕидови и покривните површини;
-старите прозорци и врати кои се во лоша состојба би требало да се заменат, а термопан стаклата и прозорците со повеќе комори најдобро ја задржуваат топлината;
-со специјални ленти да се изолираат прозорците и вратите, со што се обезбедува 2 до 3 степени Целзиусови повисока температура;
-да се обезбеди што подобро струење на воздухот околу грејните тела, и тоа со отстранување на сите потенцијални пречки;
-доколку поседувате сопствен котел, би било добро да вградите пумпа со променлив проток и термостатски вентили на радијаторите, зашто исто така е можно да се регулира потрошувачката на енергијата, а со тоа и штедење;
-термопечките да се полнат за време на тн. период на поевтина струја.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Овидиј

Коњ кој долго време стоел, нема добро да трча.

Виц блиц

ТБЦ - БМВ

- Докторе, докторе, кашлам, не можам да дишам, умирам... - Смирете се, полека. Кажете ми, дали некој во вашето семејство имал ТБЦ? - ТБЦ никој никогаш немал, но стрико ми имаше БМВ!!!

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се