Спецификите на јапонската куќа Издвоено

Во согласност со религиозното, филозофското и социјалното наследство, на градењето на куќа Јапонците му приоѓаат со отворен ум, и тоа тргнувајќи од оној поради кој се прави таа- сопственикот и станарот. Тоа наследство се вградува во едноставноста, ведрината, скромноста, слободата, прилагодливоста, коегзистенцијата, а решавачки е и тн. холистички, ограничен пристап.

Додека западната цивилизација тргнува од плацот и зградата на кои човекот мора да им се прилагодува, Јапонија, со својата древна мудрост, тргнува од човекот кому му се гради дом, буквално според негова мерка.

Градбата почнува „однадвор“, односно од нејзината околина. Оградата, изработена од плетен бамбус, претставува граница која не изгледа заканувачки како камен ѕид или метална ограда, а е направена без ниедна шајка, исто како и куќата! Таа е прилагодена на околниот пејзаж, а се користи бамбусот бидејќи расте на семејно земјиште, па со тоа се опредметува карактеристичната јапонска идеја за рамнотежа, самодоволност и скромност.

Вториот еднакво важен елемент е приодот. Кога посетителот ќе мине низ капијата, која е дел од оградата од бамбус, се смета дека е во внатрешноста на куќата. Сето земјиште и патеката која води до самата зграда се дел од приватниот свет на семејството. Патеките се проектираат така да можат да го водат посетителот низ секогаш и одново дефиниран амбиент. На почетокот од проектирањето се воспоставуваат клучните точки на градината, а градинарот ги резервира најдобрите камења и ги поставува на нив. Тие се функционално и визуелно значајни и се викааат „добри камења“.

Првиот „добар камен“ го обележува почетокот, вториот може да се постави на место каде што патеката се раздвојува, а секој следен на место на некој од убавите погледи кон градината. Локацијата на „добрите камења“ претставува визуелен клуч за разбирање на битните својства на јапонскиот двор. Обичните камења се сместуваат помеѓу „добрите камења“, а патеките се поделени со мали рустични засолништа- клупи заштитени со едноставни покриви. Тоа се места за одмор и уживање во природата.

На влезот во куќата помеѓу столбови кои го потпираат кровот постојат неколку партиции издвоени со подвижни ѕидови. Тие партиции се однесуваат како врати, прозорци, отвори и ѕидови. Можноста од промена на позициите на преградите создава флексибилен простор, сличен на канцеларии во деловни згради. Направени од бамбус, кедар и хартија, во различни позиции панели го дефинираат влезот на различни начини. Затворени, тие се ѕидови, отворени поврзуваат два простора. Редењето на просторите според грижливо избрани секвенци го води посетителот во куќата по мерка на човекот.

Пред започнување на каква било работа во проектирање на куќата, традиционалниот јапонски архитект во разговор со идниот сопственик дознава колку татами асури ќе бидат потребни за неа. Татами, главна подна простирка на јапонската куќа, се состои од лесен слој на густо плетена трска цврсто поврзана со јаже на површината на асурата. Горната површина е зашиена за долната со двојно влакно. Асурите се идеални за подовите зашто не се премногу меки за одење, но не се ни премногу цврсти за лежење на нив.

За површината на куѓата се главни пропорциите на овие простирки. Бидејќи се користат за седење и одморање, тие се главно базирани на димензиите на човекот- изнесуваат 1 по 2 метра. На овој начин планот на куќата станува своевидна сложувалка во која различни начини на простирање на татамите ја одредуваат формата и големината на просторите, па и на самата куќа. Со други зборови, архитектурата ја користи мерката која е стандардизирана, па дури и создадена по мерка на човекот.

Во јапонскиот јазик не постои збор кој точно соодветствува на нашиот „соба“. Европскиот концепт на просторот и просторијата не постои во традиционалната јапонска архитектура, па не постои ни потреба од дефинирање на тој простор со еден прецизен збор. Најслична служба има јапонскиот збор ма, но тој попрво означува место или простор. Зашто, едноставно, ѕидот кој во нашата перцепција на станбен простор ја дефинира собата, во јапонската куќа е подвижна преграда.

Бидејќи не постои фиксирана локација на ѕидовите, на прв поглед не се гледа зошто служат различните простории. Нема спални или дневни соби, трпезарија или детски соби. Спецификите на просторите, осветлувањето и материјалите драматично се менуваат со воспоставување на нов распоред на ѕидовите.

Секој момент јапонската куќа може одново да се изгради и да се прилагоди на актуелните потреби на станарите. Соодветно на ова, имињата на просторите во традиционалната јапонска куќа се одредени не според употребата- таа не е постојана,- туку според оддалеченоста од улицата.

Окузашики е внатрешна соба за седење, наканома е средна соба, а зашики е простор најоддалечен од улицата, и најукрасен. Поради локацијата и степенот на приватноста и осамата, овој простор се користи за ноќни гости, учење, читање и тивко ручање.

Значи, просторот креиран со подвижни ѕидови нема специфична функција по себе, туку само „карактер“ кој го сугерира типот на користење.

Виден од градината, подот изгледа како да лебдее околу половина метар над тлото. Изработен од бамбус, со оплата од кипарис или кедар и дотеран со деликатни аранжмани на татами асурите, тој е навистина издигнат и се доживува како дел од мебелот. Животот во јапонската куќа и е навистина живот „на големо парче мебел“. Освен подот, постои само ниска маса, неколку сандаци и едноставна полица на која се чита или пишува.

Западњачката куќа генерално се препознава според употребата на просториите и нивниот меѓусебен однос во местото на живеење. Функциите на куќните простори се воспоставуваат релативно рано во процесот на изградбата, и се главно фиксирани. Европскиот концепт на куќа прави збир на простории од кои секоја задоволува некоја потреба на станарот. И, иако се чини дека принципите на живеење во современата западна цивилизација се идеални, проблеми се јавуваат не само таму каде што се очигледни- во пренатрупаните згради на современите мегалополиси, туку и в куќите со пристојна квадратура во уредените предградија. Имено, потребите на станарите со време се менуваат, а прилагодувањето на ѕидана куќа со фиксиран распоред на просториите не е секогаш едноставна мисија за променетите потреби.

Дизајнот на традиционалната јапонска куќа, ако не со својата зен зуштина, барем со некои свои елементи може успешно да одговори на постојните естетски, функционални или конструкциски предизвици на современото живеење.

Практичните Јапонци ја покажале својата умешност и во прилагодувањето на климата при градбата на куќите во кои живеат. Имено, јапонските куќи се мошне добро прилагодени на климата која владее во Земјата на изгрејсонцето.

Со оглед на тоа што е влажно за време на сезоната на дождовите, а во текот на летото е често мошне топло, тие се изградени така да овозможуваат добро пфоветрување. Повеќето од внатрешните простории имаат најмалку еден или два ѕида што се подвижни- лизгачки ѕидови кои се викаат фусума. Овие лизгачки преградни ѕидови и исти такви врати на надворешните ѕидови можат да се затвораат за да се спречи провев.

Бидејќи зимата е блага во најголемиот дел од земјата, јапонските куќи обично немаат централно греење. Наместо тоа, просториите што се користат за дневен престој се наоѓаат во централниот дел од куќата и се опкружени со долги ходници кои пружаат заштита и изолација од временски непогоди. Зиме се загреваат само оние простории што се користат, а за таа цел се употребуваат печки кои како гориво користат гас или нафта и се викаат стоб.

Во текот на зимата Јапонците најмногу седат околу котацу, дрвен рам кој има електричен грејач преку кој се префрлува прекривка. Котацу обично има големина како столица, но со покуси ногарки. Во текот на студените зимски вечери се собираат околу овој грејач кој има и некој вид на социјална улога- овозможува дружење.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Луциј Анеј Сенека

Треба да се прави она што е пристојно, а не она што е допуштено.

Виц блиц

Најглупави на светот

Буле му вели на еден полицаец: -Чичко, чичко, јас можам да докажам дека вие, полицајците, сте најглупавите луѓе на светот. -Ма бегај, детиште низаедно, немој да те казнам за навреда! -Ама, навистина тоа...

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се