Урбан мобилијар Издвоено

Станува збор за релативно нов израз кој се однесува на „личната карта“ на еден град. Со него се означува важно, односно главно облежје или симбол на секој град или на дел од него. Најчесто не еден, а повеќе, и преку нив жителите или посетителите доаѓаат во директен контакт со градот или со некој објект (парк, јавна површина, улица, пешачка зона, зелена површина околу јавни и деловни објекти...). Тие симболи неретко се сведуваат на клупи, корпи за отпадоци, киосци, осветлување, огласни паноа, автобуски стојалишта, но во светските метрополи освен нив, дури поважни се делата од тн. улична уметност (street art). Се тоа придонесува за потврда и афирмација на идентитетот на градот во целина или негов дел (општина).

„Сведениот“ урбан мобилијар е мебел за надворешна употреба, наменет за уредување и опремување на отворени простори. Притоа е битно дека тој мора да претставува целина во градскиот амбиент, со препознатливи „елементи“ и на столбовите за јавно осветлување, на клупите, јавните тоалети, киосците, корпите за отпадоци, рекламните паноа, билбордите, огласните столбови, јарболите и сталаците за велосипеди, автобуските стојалишта...Значи, станува збор за мошне широко значење на овој архитектонско- урбанистички поим кој, освен јавниот карактер, содржи главно подвижни (променливи) утилитарни предмети на улиците и другите простори.

Се потенцира дека природната функција што урбаниот мобилијар ја има е интернационална и општа, но постојат и изразити специфики за поднебјата, регионот и луѓето. На пример, во некои европски земји традиционалните уличнни тоалети за мажи, каде што на корисникот му се гледаат стопалата и лицето, веројатно кај нас би предизвикале бура од смеа и коментари.

Поимот „мал урбанизам“ ги означува односите помеѓу урбаниот мобилијар, околната природа или архитектурата на мали, лесно согледливи градски простори. Генерално, тие се развиваат и растат следејќи ги општите општествени процеси, без нагласен професионален поттик, без идеи за континуирани решенија, без интерес за комерцијален ефект, па и под партиска пресија. Ова особено се однесува на тн. градски дневен престој- просторот кој граѓаните најмногу го користат, на кои се собираат, се одмораат, се среќаваат, разговараат, што значи дека во него тие би морале да се чувствуваат пријатно.

Бидејќи урбаниот мобилијар е изложен на многу негативни влијанија (абење, различни временски услови, смог...), тој вообичаено се изработува од висококвалитетни материјали (inox, алуминиум, дрво ариш и ироко, калено стакло и разни композити) кои гарантираат долг употребен век, со затврдени естетски квалитети.

Медитеранските градови својот идентитет главно го градат врз богато културно и природно наследство- напластената историја. Во нив главна грижа е заштита и истакнување на вредностите на наследените амбиенти (Венеција, Сплит, Дубровник, Лисабон...)

Постојат градови и делови од нив кои својот идентитет го изградиле врз концептот на реклами, како што се Лас Вегас или Токио, но постојат и такви во кои рекламите не се доминантни во амбиентите; тие се помалку видлив, секундарден слој во нивното вкупно доживување. Вториве поседуваат други урбани елементи значајни за градскиот идентитет, следствено и доминантни во просторот. На пример, во Љубљана не е дозволено поставување на билборди во централната градска зона, не само поради заштита на амбиентот, туку и за засилување на пораката дека постои грижа за јавниот интерес на жителите.

Кога се во прашање рекламите, стручњаците за урбан мобилијар потенцираат дека е мошне важно да се прави разлика помеѓу пешачките зони и автомобилските комуникации, бидејќи перцепцијата на корисниците на овие простгори битно се разликува. Имено, просечната брзина на движење на пешакот е 6 км на час, а со таква моќта на забележување е далеку поголема одошто е тоа случај кога се возиме во автомобил со брзина од околу 40 км на час или надвор од градот со далеку поголеми брзини. За разлика од пешачките зони, големи реклами се поставуваат во простори каде што е доминантно движењето со автомобил. Не е случајно оти билбордите и светлечките реклами се користат покрај автомобилски сообраќајници каде што можат да се развијат поголеми брзини на движење. Пешачките зони, пак, оставаат можност за посуптилно уредување на амбиентот, а со цел постигнување на што попријатен и поудобен простор.

Критичарите на нашите градови со право забележуваат дека е евидентно непостоење на јасна развојна пограма за доследна, што ќе рече функционална и естетска примена на урбаниот мобилијар. Тоа еднакво се однесува и на големите и на малите градски средини. Во Скопје, на пример, во тој контекст се уште не може да се прави ниту најмала разлика помеѓу одделните општини од една, и „заедничката“ од друга страна. Ова особено се однесува на примената на рекламите и урбаната опрема, со што е создаден- се создава непримерен визуелен хаос. Конкретно, фасадите на објектите не се доминантен елемент на улицата, туку само кулиса на која се прикачени мноштво информации- рекламни табли, тенди, решетки, броеви на куќи, клима уреди...

Билбордите се посебна „приказна“. Тие се отелотворен продукт на „outdoor“ маркетингот, инаку на Запад присутен со децении. Сите теоретичари на маркетингот и адвертајзингот се согласуваат дека билбордот е една од најмоќните пропагандни појави во историјата на рекламирањето. Ефектот на рекламата на него се подразбира, без оглед на уметничките или филозофските толкувања не содржината. Меѓутоа, во битката за што посоодветно, поточно позабележително (поотворено) место тие неретко толку отстапуваат од урбаниот мобилијар што создаваат отпор кај граѓаните, па рекламата на нив е дури контрапродуктивна.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Џорџ Бернард Шо

Разумните луѓе себе си му се прилагодуваат на светот; неразумните се упорни во обидот светот да го прилагодат на себе си. Оттука сиот напредок зависи од неразумни луѓе.

Виц блиц

Тешко му е да гледа

Трпе оптегнат на троседот и се обраќа на Трпејца: -Трпејце мила, тешко ми е да те гледам како само работиш и се мачиш. Те молам, затвори ја вратата од кујната! 

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се