Крај на целулоидната филмска лента

Американската и светската филмска индустрија се простуваат од целулоидната филмска лента која се користеше во изминатите 125 години за проекции на филмови во кината ширум светот.

Во текот на овој месец, на почетокот од новава 2012. година, започнува широка примена на дигиталната проекција која постапно ќе стане највообичаен метод за прикажување на најновите филмски остварувања.

Познато е, филмските формати (нивна широчина) се разликуваат според димензиите, формите и бројот на перформансите- 35 мм, стандардна 8 мм, 9,5 м, супер 8,16 мм и супер 16 мм, 65/70 мм формати...

35-милиметарскиот е прв формат во историјата на кинематографијата патентиран од страна на Томас А. Едисон и неговиот соработник В.К.Л. Диксон во 1889. година. Филмската лента уште тогаш имала перфорации од обете страни (низа на стандардизирани отвори на рабовите на лентата), а димензиите на сликичките биле 18 х 24 мм; односот на размерот на страниците 1:1.33. Првиот филм на браќата Лимиер е снимен пред нивната фабрика токму на 35-милиметарска филмска лента и првпат јавно проектиран во Париз во 1895. година. Со воведувањето на звукот димензиите на сликичките се намалуваат на 16,02 х 22,04 мм. Притоа, односот на страниците е 1,37:1. Тој формат на филмска лента и денес е најмногу во употреба (со незначителни модификации кои главно се случувале со оглед на измената на пропорциите на филмската слика- односот на висината и ширината на снимената односно проектираната слика).

Кај форматот 65/70 мм филмот се снима на негатив со формат 65 мм (денес 35 мм), а позитивот се копира на 70-милиметарска лента (поради повеќеканалноста на тонскиот запис). Позитив-сликата има размер на страници 2,3:1, додека големината на сликата е 52,63 х 23,01. Основните предности на овој формат се исклучителната острина на сликата и мошне убедливата dolby- стерео репродукција на звукот.

Кон крајот на 1922. година се појавува 9,5 мм формат за чиј пробив на пазарот е најзаслужна француската фирма Pathe Cinema. Форматот на сликата изнесува 8,50x6,50 мм, а односот на ширината и висината 1,30:1. Форматот е извонредно прифатен помеѓу аматерите во Европа. Се препознава според перфорацијата што се наоѓа на средината на лентата, помеѓу две слики.

Како одговор на 9,5-милиметарскиот формат, фирмата Kodak  во 1923. на пазарот го лансира 16-милиметарскиот филм кој подоцна целосно го истисна 9,5-милиметарскиот, како и поранешните краткотрајни формати од 17,5, 21, 22 и 28 мм. Односот на страниците е 1,36:1, а големината на сликата10,26x7, 49 мм. На почетокот го ценат особено документаристите зашто е поевтин и попрактичен од гломазниот 35-милиметарски фим, за подоцна да го прифатат и поборниците на авангардниот и андерграунд филмот.

По Втората светска војна 16-милиметарскиот филм наидува на зачестена примена на телевизијата, а со него се служат и многумина професионалци, особено во филмовите кои бараат нешто погруба фактура на сликата. 16 мм често се префрлува на поширокиот 35 мм формат за прикажување, а исто така и многу 35 мм филмови се редуцираат на „шеснаесетка“ за да можат да бидат прикажувани во помали институции.Ако се искористи целата површина на 16 мм филм, па и делот предвиден за тонски запис, сликата се зголемува до димензии 12,46x7,49 мм, а пропорциите на страниците околу1,66:1. Тоа е форматот супер 16- доста често користен во 80-тите години на 20-от век.

Фирмата Kodak во 1932. прави чекор натаму во развојот на аматерскиот филм- поттикната од фактот дека 16 мм филм е се уште прескап за секојдневниот човек, го воведува 8 мм формат на филмскиот пазар. Станува збор за лента со широчина од 16 мм која минува со камерата два пати, па се експонираат два реда на сликички, од секоја страна по еден. По лабораториска обработка лентата се разрежува, по што се добива лента со широчина од 8 мм. Димензиите на сликата се4,78x3,51 мм, додека односот на страниците1,36:1.

Супер 8 форматот е воведен во употреба во 1965. година (Estman Kodak) и се задржа до денес како најраширен формат помеѓу аматерите. Неговата предност е во тоа што при односот на страниците 1,36:1 има слика со димензии5,77:4,22 мм. Кај него е намалена големината на перфорациите, на сметка на што е зголемена површината, а со тоа и квалитетот на сликата.

Како варијанта на супер 8 филмот се јавуваат уште двојната суперосумка (филм со формат 16 мм минува два пати низ камерата и по лабораториската обработка се реже на средината за да се добие супер 8) и јапонскиот сингл 8 (исто така супер 8 формат, само што филмот се наоѓа во поинаква касета).

Интересно од Белград: во Кошутњак, во 7 вкопани бункери на Архивот на Југословенска кинотека, се наоѓа најголемата колекција на нитратни филмови на Балканот, со помеѓу 10.000 и 15.000 наслови снимени до средината на 20. век. За значителен број од нив е утврдено дека се единствени познати или најдобро сочувани копии на светот. Пред 60-тина години малку недостасувало сето тоа богатство да биде претворено во патики за учесници на слет и чевли за ударници!

Веднаш по Втората светска војна филмови се изнесувале од бункерите главно за селективно да се горат за потребите на индустријата. Не се знае ни колку, ни кои филмови се така уништени до 1949., кога е основана Југословенска кинотека. Доста филмови отишле во фабриката за чевли во Борово, па меѓу другото ѓоновите на патиките на учесниците на слетот од 1947. биле направени од преработена нитратна филмска лента.

Инаку, нитратната (запалива) лента е користена во кинематографијата до почетокот на 50-тите години на 20. век, а во технолошки неразвиените земји до 60-тите, кога е заменета со ацетатна (незапалива). Иако се покажал поквалитетен и временски потраен од незапаливиот, судбината на нитратниот филм ја одредила неговата единствена мана- исклучителната запаливост. Запаливиот филм има и моќ на самозапалување (веќе на температура до 30 степени), а во текот на согорувањето се ослободуваат отровни гасови. Притоа, нитратот гори побрзо од хартија, развива температура од 1.300 до 1.500 степени и не може да се угаси со ниедно познато средство за гасење пожари, зашто нитратната лента содржи доволно кислород кој овозможува горење и без присуство на воздух.

Еден од најпознатите големи пожари во светот, предизвикани од нитратна филмска лента, е оној од средината на 80-тите кога во Мексико Сити страдал речиси целиот запалив фонд на мексиканската кинотека. Во пожарот во Хонгконг во 1948. загинале 119-мина луѓе.

Според податоците на компанијата за истражување на глобалниот пазар „IHS Screen Digest“, кината во САД до крајот на 2013. повеќе нема да ја користат 35- милиметарската целулоидна филмска лента, а ширум западна Европа оваа промена ќе биде окончана до крајот на 2014. година. Целулоидот ќе стане само реткост во кината решителни да го одржат традиционалното прикажување на филмови.

„Од 1889. 35-милиметарскиот филм беше основа на технологијата на филмската проекција, водејќи ја филмската публика од почетокот на немиот филм, преку големите мјузикли до епохата на летните блокбастери“, изјави аналитичарот од „HIS“, Дејвид Ханкок.

Пред само две години дигиталната проекција беше користена во 15% од кината во светот. Според оценката на аналитичарите, успехот на дигиталната револуција може директно да се следи со успехот на еден филм, а тоа е „Аватар“ од 2009. година на режисерот Џејмс Камерон. Ова негово остварување стана најпрофитабилно дело на научната фантастика, зашто на кино благајните е остварена заработувачка од 2,8 милијарди долари.

Филмот предизвика бум во тридимензионалната филмска техника и изврши голем притисок врз кината да прејдат на дигитална проекција.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Аристип

Убавата ќе те предаде, грдата нема да ти се допаѓа; сиромашната ќе те упропасти, а богатата со тебе ќе владее. Ете, избери што најлесно ќе поднесуваш.

Виц блиц

Компјутерски совет

Почитувана техничка поддршко, Минатата година го унапредив својата Дечко 5.0 програма во верзија Сопруг 1.0 и забележав дека новата програма прави неочекувани промени во модулот за книжење. Го ограничи пристапот Цвеќе...

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се