Спалната соба - функција и убавина

Спална соба

Нашите далечни претци спиеле на простирки од животински кожи и мов, кои премногу не се разликувале од ежовите купишта лисја.

Старите Египтјани наместо мека перница користеле потпирка за глава во форма на полумесечина, која била изработена од метал или камен.

Кај Грците и Римјаните креветот претставувал средиште на општествениот живот. Вкусот на Римјаните бил нешто полуксузен. Тие лежеле на перници исполнети со перје, а се покривале со свилени покривачи.

Во 13-от век, со појавата на балдахинот, креветот станува ритуално место. Креветните завеси и балдахини имале практична цел, зашто штителе од летечки бубачки, студ и ветер во слабо грејаните простории. Балдахинот и креветот биле симболи на рангот и моќта на сопственикот.

Во 18-от век настапило поприлично каприциозно и неконвенционално време, што имало влијание и на внатрешното уредување, а посебно на декорацијата на спалната соба. Новиот стил стигнува од Франција. Декорацијата на спалната соба не ја одредува само архитектонската рамка, туку исто така и материјалите, преслеките, а подоцна и тапетите.

Викторијанското доба е доба на „нео“ репродукција: на неоготиката, на неоренесансата, на необарокот, рококото, но и на викторијанскиот стил. Лејди Бејкер (Baker) во својата книга „Спална соба и будоар“ („The Bedroom and the Boudoir”), објавена во 1878-ма година, тоа го изразува вака: „Неуредноста е моќно оружје во рацете на лице кое се разбира во тоа просторијата да ја уреди пријатна за живеење“. Изгледот на викторијанската просторија би можел да се опише како „декоративен метеж“.

Во 60-тите и 70-тите години на минатиот век спалната соба во секој поглед губи на значење. Веќе воопшто не може да се спореди со грандиозната и репрезентативна просторија за примање од 17-от и 18-от век. Исто така, веќе не се работи ниту за приватна енклава од викторијанско доба, каде што пред каминот можело да се медитира или да се пишуваат песни. Спалната соба станува едноставно место на кое набрзина се оди на спиење.

За среќа, таа фаза сега ја замени новото поимање- моментно доживуваме ренесанса на декорирање исполнета со виталност и фантазија. Во 21-ов век имаме во понуда голем избор на кревети: големи, мали, брачни, детски, на кат, на два, тркалезни, водени.

Технологијата и дизајнот денес толку напредуваат што можете да конструирате кревет каков што ќе посакате. На значење се повеќе добиваат боите, примероците, текстурата, рабовите и бордурите, карактерен мебел и убави кревети. Декорацијата на спалната соба повторно се црпи од стиловите во изминатите епохи. Настапи пресвртница, а со тоа и возбудливо време за сите оние што размислуваат за промени во своето катче за соништа.

Растргнати помеѓу работата и домашните обврски, децата и пријателите, сметките и набавките, често забораваме на некои мали задоволства кои остануваат заробени во фантазијата и кадрите на омилените филмови. А така не мора да биде.

Спалната соба, по забрзаниот ден зачинет со стрес, е место на кое одиме за да ги наполниме батериите за утрешната трка со времето. Често и не стасуваме да помислиме дека таа би можела да биде оаза за уживање, а камо ли за тоа уживање да ја опремиме. Којзнае колку има луѓе на кои некој вид на естетска интервенција на просторот би им ја повратила хармонијата во односите кои брзакот на брачниот живот умее да ги осуети.

Еве неколку совети за постелнината:

Постелнината на многумина не им е на списокот на работите на кои треба да им се посвети посебно внимание. Треба само да е тука и да биде чиста за на неа да отспиеме. Меѓутоа, изборот на убава постелнина може да биде почеток на поигрување со комплетниот амбиент на спалната соба, која може да биде извор на инспирација и убави доживувања. Сатенот, свилата, ленот, памукот, декоративните, проѕирните ткаенини и разните интересни мешавини на овие материјали можат драстично, а на едноставен начин да ја трансформираат вашата спална соба. Изберете два- три вида кои можете да ги менувате и комбинирате, и така да го прилагодувате амбиентот на моментното расположение за само 5 минути.

Би било добро постелнината да не биде распарана, туку во комплет или смислено комбинирана.

Потоа изберете материјал кој ви се допаѓа, дезениран или еднобоен, а ако не успеете да го најдете во продавница- сошијте постелнина. Тоа е барем лесно... Ако сакате да создадете впечаток за спална соба како целина, изберете нијанса која е во согласност (или намерно во контраст) со бојата на ѕидовите, подот, комодата, завесата...што може да ви биде и поаѓалиште во изборот на постелнината.

Ако се одлучите собата да ви блесне со првата утринска светлина, одлучете се за едноставен бел варен лен. Тој дејствува природно, се тутка, но како таков изгледа преубаво, пријатен е на допир, а можете да го комбинирате и со некој друг материјал: ленен чаршав и покривач, со памучни перници во друга боја  или со дезен со слични тонови. Со ваков материјал убаво се вклопуваат дрвени копчиња, а делови од постелнината можат само да се врзуваат со ленти и да му дадат на вашиот кревет романтичен и ноншалантен изглед.

Сатенот на креветот е гламурозен и инспиративен. На него сивата станува сребрена, окерот станува златна, белата седефаста, црвената уште поогнена, а бојата на пурпурот уште поромантична. Бидејќи е мазен и сјаен, кога со него ќе го обложите креветот ќе добиете, поради рефлексијата, впечаток на додатно светло во собата и ќе уживате во тој ефект. Изберете ароматични свеќи во иста или контрастна боја и поставете ги на ноќните столчиња, на подот или на другиот крај од собата, заедно со мали школки кои сте ги донеле од некое летување, проѕирни џамлии или перли, пуштете амбиентална музика... Ќе добиете речиси филмска атмосфера и ќе уживате со сите сетила. А за сето тоа не ви требаат повеќе од 10 минути.

Латици на ружа растурени на ваков кревет се филмско клише, но и натаму се еден од најромантичните начини да избегате од секојдневицата, што по стресниот работен ден секако го заслужувате.

А наутро, кога освежени повторно ќе тргнете во нови работни победи, со еден брз потег почестете го креветот со некој убав декоративен препокривач, за таков да ве чека кога ќе се вратите од работа.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Хенрик Јохан Ибзен

Духот на вистината и слободата - ете, тоа се столбовите на општеството.

Виц блиц

Проблем на убава жена

Убава жена му се жали на доктор: -Докторе, штом ќе легнам веднаш заспивам. Дали е тоа нешто сериозно? Докторот: -Не, само треба да го промените мажот!

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се