Полза од знаење, комар играње и свирење

Во еден град имало еден тргоец. Тргоецот си имал само еден син. Син му од богатио бил многу итар. Од што бил итар се сакал да научи, арно ама татко му не го остаил да учи ни на книга, ни на некоја свирка. Таман ќе земел книга в раце да пеит, или некоја свирка да засвири, веднаш татко му ќе го спашкал:

-Море, книгата леб не ти дава, бре синко- му велел- и свирката. Работа, работа, работа тебе ти треба. Разбра али не разбра?

Сеедно вака го пашкал богатио сина си и не го остаал да се учи за нешто.

Во тоа време се отворил еден панаир, и богатио го пуштил сина си на панаир да купуа стока. Арно ама тој не купил стока, ами отишол на даскал да се учи книга. Бидејќи имал голема севда за учење, во брго време се научил турли бе турли книга. Турли бе турли писмо можеше да пиши. Откога се научи книга, си отишол дома без никаква стока. Со голема лутина го пречека татко му.

-Каму стока, бре синко?- му рекол- И заошто се забаи толкуа време? Али се најде со непечалени пари на туѓина и си `и изел?

-Овој ред стока не купив, татко- рекол син му- оти купив ум и разум. Да ако сум жив, дорека ќе купуам.

-Еее, чекај коњу до зелена трева. Толкуа пари сега `и запусти, да дорека ќе си `и спечалиш!- му рекол татко му и го арнисал.

Дошло време да се отвори панаир и му дал пари татко му на синот, та го пуштил на панаир по стока, ама со големи порачуалки, заплашуајќи го да не `и изеит парите. Ошол син му од богатио на панаир и наместо стока да бара да купуат, избрал едни чалгаџии што свиреа со ќемањиња. И се еклеисал при нив да се учи ќемане. Во малце време беше се научил, да свири ќемане, илјада пати од мајсторите што го учеа- поарно, чунки имал голема дарба да учи чалгија и друзи науки.

Вистина, се научи ќемане син му од богатио, ама и паричките сите си `и изел и си отишол дома без стока. Кога го виде татко му без стока, ифрат беше се сторил од лутина. Го суди, го кара, арно ама мајка му излегла јард`мџија и па го смири.

Дошло времето пак се отворил панаирот, и син му од богатио го помолил татка си да му даит треќи пат пари да оди на панаир по стока, а да ако му `и изгубит и тие пари него нека го продаит и да си `и земит парите. Му се тоарила и жената му на богатио за да му даит пари уште еднаш.

-Многу ми се тоараш и ти, жено- је рекол- да му даам пари, ама ако `и изгубит, бездруго ќе го продаам и сина ти и ќе си `и земам парите, без да го жалам оти еден син имам; чунки парите се помили и од син и од татко и од мајка. Немој после, жено, да се срдиш и кабает да ми наоѓаш.

-Саде дај му ти, домаќине, да што сакаш, тоа прај му- му рекла жената му.

На тоа згора изваил пари и му дал, та го испратил на панаир. Одејќи на панаир, тргнал да шета по чаршија, да гледа што стока да купи. Шетајќи, се уморил и се вратил во едно каве да се напие едно каве. Кога видел едни кај играле со книги комар. Се прибрал до нив и врлил мерак да се научи да игра комар. Кога му се курдисал, ти играл, ти играл, вистина сите пари `и запустил, арно ама па се научил да биди страшен комарџија, што да не можи никој да го ендисат.

Откоа го научил и тој занает, си отишол дома при татка си пак без стока и без пари. Кога го виде татко му пак без стока, толку многу што беше се налутил, што змија да го каснеше, змијата ќе се отруеше од него. Го суди, го пусти, оти да му `и запусти сите пари и да го остаи сиромав да биди.

На тоа згора, го грабнал за рака да го носи в чаршија да го продаат. Се расплакала жената му да не го продаа, оти кој ќе чуе, што ќе рече: онцица си продаде сина си. Арно ама, богатио ни жената си ја слушал што го молила, ни сина си што му се таксуал да му `и спечали парите сто катои поеќе. Го повел по себе и го изнесол на тељал чаршија да го продаат.

-Хеее, слушајте вамо, луѓе- викал тргоецот- син ми изеде толкуа пари, за толку го продаам, кој го сака, нека го купи!

Така викал богатио, па пак син му викал инаку:

-Хеее, луѓе, слушајте вамо, вистина татко ми ме продаа, ама кој ќе ме земе пишман ќе биди и кој не ќе ме земи, па пишман ќе биди!

Мнозина муштерии беше се заватиле да го купуаат, арно ама слушајќи тој збор „пишман кој ќе го земи“, и не се удирале на пазар да го купат. Имало некој богаташ, дојден од царцкио град во тој град, и застанал да слуша кај што го продаал богатио сина си за толкуа пари. Слушајќи зборот од син му на богатио, кој ќе го купел пишман ќе бидел, се гибнал богатио јабанџија и се заинатил, та го купил и да види оти не се плаши од едно ќоле, му набројал парите на татка му и му го зел синот.

-Не купуај ме, чорбаџи- му велел- оти пишман ќе бидиш; не купуај ме, чорбаџи, оти ќе се пишманиш.

Арно ама богатио бил толкуа богат што прв риџаџија при цара бил. И малку инатчија бил, тики не слушал што му се фалил син му од богатио со пишманлако.

-Ќе ти кажам јас пишман што ќе бидам! Да те пратам дома, гуските да ми `и пасиш, да ако бидам пишман!- му велел богатио и го предал на гавазо, што одел по него, да го однесат на конак кај што седел.

Вечерта напишал една книга до жената си и во писмото му пишал вака:

„Слушај вамо, домаќинко, ова момче што ти го праќам го купив за толкуа пари за да ни биди ќоле. Да му `и даиш гуските да `и пасит, и по еднаш на ден леб да му даваш. Во гускарницата да лежит. Него да го тераш алето даго фрлат. Со една реч, сите работи најтешки и најгнасни него да го тераш да `и праит. По еден месец јас си идам, и кажи му на царо со топои да ме пречекаат“.

Го внесол во една гемија и му го дал писмото на гемиџијата, та го испратил дома.

Во гемијата имало многу патници и почнале да си играат со книги, отпрвин со кончина. Почнале после по пет пари и најпосле ја заватиле со помногу пари комар да играат.

Беља сет тие проклети папази, дури да се заигра чоек, па после колај не можи да се остаи! Во таа играчка се смешал и гемиџијата. Арно ама, гемиџијата немал маривет во играњето комар, тики му уттисале и гемијата. Го тргна настрана момчето гемиџијата и му посака неколку пари да игра тоа за него. Му дал некоја пара, уште што имал гемиџијата, и почнал да игра со комарџиите. Ами лели знаи син му од богатио маривет за тој пусти комар, едно беше се заватил да играт и во еден саат се му уттисал и му `и предал на гемиџијата.

-Еве се ќе ти даам, пријателе- му рекол син му од богатио- твое да биди, камо да ми го даиш писмото што ти го даде чорбаџијата што ме купи мене за ќоле. Откоа ќе го видам, па ќе ти го даам.

На часот гемиџијата му го дал писмото со голема благодарнос. Откога го зел писмото, отишол во некој ќош и го отворил, да го препеал и видел што пишуало внатре. Зел една книга и напишал едно друго со истото писмо негоо, ами истото веќе било писмото, ни земи ни дај. Во писмото му пишал вака:

„Слушај вамо, моја мила домаќинке, едно ќе го пеиш писмово што ти го праќам со ова момче, умно и разумно, од најбогатата фамилија од овој град, сум го дексал да го сторам домазет за милата ни ќерка. Едно идење при вас милио ни зет, ќе го облечиш во најскапи алишта, прстено мој со најуабите џеваири ќе му го даиш и да викниш владиката, та да го венчаш со ќерка ни. Да јас, коа ќе си дојдам, царцка свадба ќе напраиме. Да се чуди мало, големо, дека сме зеле таквоо умно и разумно момче што нема во крај земја. Немој, домаќинко, да преступиш од ова што ти го пишуам, и да го насрдиш момчето, оти после џуап не можиш да ми даиш“.

Напишуајќи вака писмото, го здиплил како што беше здиплено и го муурлеисал, та му го дал на гемиџијата.

Дошле во царцкио град и го зел гемиџијата со себе син му од богатио, да го предал на чорбаџиката заедно со писмото. Едно отворање писмото и го препеале, на чудо беше станале задека му пишал така, арно ама зборо назад ич бидуа да му се врати на тој чорбаџија? На часот го променила син му од богатио со најубаи алишта како за зет, исто ја променила ќерка е, та викнала владиката и `и венчала. Му дала клучеите од маазите, од сандаците и го сториле цел домаќин.

Седејќи едно утро во првата одаја син му од богатио на пенџере, го видел царот кај седи на пенџере и тој да си пие нарѓуле.

„Ја чекај да посвирам едно мане со ќеманено“- си рекол сам со себе,-„да ме чуе царо и да се почуди“.

Кога тргна прачката, брате мило, да свири, секој што чул застанал да слуша и се забораил да си оди по работата. А пак царот балдисал од сладина на мането што свирел. Откоа заптисал свирењето син му на богатио, царо пратил да го викни при него да му посвири. До тогај царо не беше чул таквоо убао свирење. Утро, вечер, се го викал да му свири. Толку го замилуал царо, што прв риџал до него го зел. Од ортома чоек пуштил, од што го милуал царо.

На месецо тргнал богатио да си иди дома. Идејќи, пратил писмо дома и до царо оти си идел. Бидејќи бил многу големџија, се сакал да се прчит и да се фалит дека го честел царот со топои да се пречекуа.

-Еј момче,- му рело царо,- еве дедо ти кај си иди и ми пишуат да го пречекам со топои, чунки него го имав најпрв при мене, а пак отсега тебе ќе те имам прв при мене.

-Веруам, честити царе,- му рекол син му од богатио,- оти мене ме милуаш поеќе, иља ќе те молам за да му кажиш на деда ми оти мене ме милуаш поеќе, да не му врлаш топои кога ќе идит дедо ми.

-Пеки, пријателе,- му рекол царо,- еве за ат`р ќе заповедам да не се врлаат топови.

На тоа згора втасал богатио на скеле и чекал топои да фрлат немало. Виде оти царо не го почестил и бидејќи беше многу сербес, од скеле прао отишол кај царо како дауџија. Влегол при царо и царо не му рекол да седни, чунки зет му до царо седел. Кога виде богатио оти не го почести царо, му се поклони и како устрамен си отишол дома.

„Шоана, кое ќе беше тоа момче што седеше до царо?“- си велел сам на себе богатио.- „Ми прилегаше како ќолето што го купив. Ако е тоа, големо чудо и приказна ќе биди. Јас да го купам за ќоле, а тоа да стани господар и да седи до царо. Спроти како што не врли царо топои и не ми рече „Седни!“, треба тоа да е. Спроти како што велеше: „Пишман ќе биди тој што ќе ме купи“, пак треба да е тоа. Арно, еве тоа да е, ами како можи во еден месец време да се спријатели со царо толку? Ај дома кога ќе си појдам, сета работа ќе ја научам“.

Со тие мисли чорбаџијата си отишол дома, и едно влегол в порта го пречекала жената му со ќерка му, та му се поклонила доземи ќерка му спроти адето и посргнала да го бакни во образ и после рака. Кога ја виде чорбаџијата ќерка си напраена невеста, на големо чудо беше станал и му притекнало оти ќолето треба да му курдисал таа лага.

-Мори, да би Господ ти платил, жено- је рекол богатио- што си ја напраила ќерка ти невеста? Кој беше тој пес што те излага и за резил те напраи тебе и мене?

-Ја земи писмото што ми го прати по ѓемијата заедно со момчето- му рекла.- Ја пеј го да видиш што си ми пишал во писмото, домаќине!

Го зел писмото и го отпеал. Кога го пеа, се чуди, се чуди, се чуди и се пречуди како да пиши така, чунки тој пишал за момчето да биди гускар, а не домазет. Го гледат писмото, истото било негоо, оти едно слово немало менето. Се чудил, чудил и се уверил на зборот од син му на богатио што велеше: „Пишман ќе биди кој ќе ме земи и пишман ќе биди кој не ќе ме земи“!

-Вака јас не ти пишав, жено- је рекол богатио- за да му ја даиш ќерка ми на ова момче, ами ти пишав да го напраиш гускар и најтешката работа да го тераш да работи, арно ама домашнио есап не излегуал чаршијата. Најпосле, ашколсун ќе му речам на зетов што го сторивме, што можел до овде да ја дотера оваа работа. Кога го купив од татка му, жено, момчево ми рече оти пишман ќе бидам ако го купам и пишман ако не го купам. Така ми рече, арно ама јас бидејќи малце инаетчија, го купив како на инат, да видам заошто ќе сум се пишманил и заошто не ќе се пишманам. Ете вистина како што велеше, така излезе. Пишман сум што го купив, и те излага тебе да го сториш зет, а пак пишман не сум оти сторив еден таков ербап зет што да седи до царо и да има поголема чес од мене. Ајде, ќерко, ела да ме бакниш во образ- се сврте откај ќерка си- и бакни ми рака да ти речам аирлија. И запрегнете се да праиме свадба, за секој што да чуе да прикажуа и за зето и за свадбата!

Во тие зборои втасал зето откај царо дома и едно влегол в куќи, рипнал богатио и го бакнал в чело, та му почестил. Тек лакрдија не му рекол оти како напраи, што напраи, што му зел ќерка му. Исто и тој (зето) не му кажал како стори што му ја зел.

На тоа згора, пратил син му од богатио по татка си и мајка си да си дојдат и тие при него, да после да праат свадба. Едно земање абер татко му и мајка му  оти станал домазет при најпрвио богат му отишле.

-Е, бре татко, виде оти јас спечалив илјада пати поеќе пари, отколку што му даде ти?- му рекол.

-Видов, видов синко,- му рекол татко му- да си ми блаосоен и векоит! Те молам, синко, да ми простиш што те продадов.

-Простено и блаосоено, татко, нека биди од мене и од Бога. Ич јас за тоа нема да ти се срдам, чунки знам оти секое зло што му иди на чоека- му иди за негоата добрина.

На тоа згора курдисаа свадба царцка, цел месец што ја праја. И си живееја со сите убаиње и со голема чес и слава беа.

(Заб. Марко К. Цепенков)

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Јуџин Мекарти

Политичарот е исто што и фудбалскиот тренер: мора да биде паметен за да ја разбере играта, но и доволно глупав да мисли дека е тоа важно.

Виц блиц

Компјутеризирана плавуша

-Зошто плавуша носи глушец в црква? -За да кликне на икона.

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се