Познати, а непрочитани или нечуени

Од македонската народна лирика- избор од љубовните песни. Како да се познати, а за многумина сигурно досега непрочитани или нечуени. Оти ни се ептен блиски, се ртазбира доколку не сме се однародиле.

Која би ја избрале? Јас сите, па и би додал уште многу други!

Е проклет да е кој љуби

Е проклет да е кој љуби,
кој љуби, да се не земе!
Е како јас и Марика,
Марика мома убава,
Марика китка карамфил,
девет години носена,
по ергенските џебои!
Прва година отидов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Малка е,
малка е наша Марика!
Друга година одитов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Болна е,
болна е наша Марика!
Трета година отидов,
Марика да ја посакам,
мајка и вели: Премина,
премина наша Марика!
Ах, што е мачно и жално,
Марике, моме, убаво!

Ѕвезда Деница и мома

Ѕвездо ле, ѕвездо ле,
Ѕвездо Денице!
Високо стоиш, ѕвездо ле,
Далеку гледаш.
Али 'и виде, ѕвездо ле,
Моите два брата?
-Видов 'и, моме ле,
Твојте два брата
Крај црно море ле,
На дробна песок.
На стол ми седеа ле,
Книга пишуаа,
Книга пишуаа ле,
На сокол даваа ле
И му велеа:
„Ќе те пратиме ле,
На наш виљает,
Ти да му носиш ле
Оваа книга
На мили наш татко ле
На наша мајка.
Ќе си дојдиме ле,
Ти ќе му кажиш,
На ден Велигден ле
Дома да не чекаат“.

Момиченце платно белит

Момиченце платно белит,
Овака го белит, онака го белит.
Невеста вода је матеше,
Овака, онака је матеше.
Ми помина старо аро:
-Добро утро, момиченце!
Што се сврте момичето,
Кога гледа старо аро:
-Потаки, потаки, истај се!
Ми помина лудо младо:
-Добро утро, момиченце!
Што се сврте момиченце,
Кога виде лудо младо:
-Повака, повака, ела ми!
Ја догледа незината,
Незината стара мајка:
-Овака, ќерко, овака!
Што ја догледа стари татко:
-Повака, ќерко, ела ми!
-Што си барав, јас си најдов
За мене, мајко, за мене,
Потаки, татко, од мене.

Кинисала Вида на вода

Кинисала Вида на вода,
На вода на бела чешма;
Се промени, се накити,
Си кладе венци високи;
Лепоно пиле по неа,
Пред неа пеи и вели,
На Вида вака зборуа:
-Видо ле, Видо убаа,
Уште невеста ќе бидиш,
Зелени венци ќе носиш?
Браќа ти девет умреа.
Најмалиот ти, Богојче,
Кога тој душа береше,
По тебе, Видо, викаше,
Мајка ти си го колнеше
Дека те тебе немаше.
Куќите ви распаднале,
Тревје во дворје никнале
И лути змии пролазле.
Мајка ти пекат и кукат
Токмо до девет години,
и Богу му се нажали,
Крена го брат ти Богојча,
Поврати му ја душата
И од гроб си го воскресна,
Мраморна плоча му стори
Погача бела убаа,
Киуро му го направи
Здравица за да те кани,
Отиде сестра да кани
При мајка да ја донеси.
Приклука Богој на врата,
Излегла Вида да види,
Брата си да го пречека.
Веднаш го Вида прегрна
И си го лепо целива:
-Оф, брате што ми мирисаш
Земја илоица мухлија?
Извади бела маврама,
Повторо си го целива.
Богојче нејзе велеше:
-Сестро ле, мила Видо ле,
Браќата куќи праевме,
Затоа мухла мирисам.
Здравица тој си изваде
И Вида си ја покани,
За рака си ја поведе
И дома си ја одведе,
Пред порта си ја остаи,
Од неа си се оддели
И па во гробо си појде.
Тогај се Вида увери
Оти браќа и умреле,
Богоја од гроб и станал,
Затоа мухла мирисал
Кога го таа целивала.
Склукала Вида на порта
И дома таа си влегла.
Си виде мајка кај кука,
Си виде куќа урната,
Со црно платно покрита,
Во дворје тревје обрасле,
Низ тревје змии пролазле.
Вида мајка си прегрна,
И двете тука умреа
Довек да се прикажуа.

Повеќе во оваа категорија: Хумористични народни песни »

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Вилјам Хазлит

Единствен грев што не може да се прости е лицемерието, а каењето на лицемерот е само по себе лицемерие.

Виц блиц

Полицаец и зајак

-Како полицаец лови зајак? -Ќе се скрие во грмушка и ќе почне да свирка со устата како зелка. 

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се