Енциклопедиски одредници од областа на економијата-бизнисот: Пазар на капитал, пазар на пари, пазар на трудот.

Основата на пазарот на капитал (англ. capital market) е долгорочниот капитал, односно купопродажбата на долгорочни хартии од ведност. Тој е дел од финансискиот пазар кој го опфаќа и пазарот на пари. На пазарот на капитал претпријатијата се снабдуваат со капитал за финансирање на нивните развојни програми, што е од исклучителна важност за работата и проширувањето на нивната дејност.

Постојат неколку главни дејанија на пазарот на капитал. Од нив најважно е вршењето на пазарно вреднување или капитализација на претпријатијата, а врз основа на курсот на хартиите од вредност.

Во најширока смисла се разликуваат договорен пазар или пазар на кредити, и пазар на вредносни хартии кој се смета и за пазар на капитал во потесна смисла.

Најзначајни инструменти со кои се тргува на пазарот на капитал се акциите и обврзниците.

Постои организиран и неорганизиран пазар на капитал. Организираниот се остварува преку берзите и шалтерите на банките (англ. over the counter market), а во неорганизираниот не важат берзанските правила и прописи. На организираниот пазар (се нарекува и службен) се котираат хартии од вредност на познати, големи и реномирани компании.

Помалите претпријатија учествуваат на неорганизираниот (неслужбениот) затоа што не ги исполнуваат условите за тргување на берзите. На него се врши купопродажба на расположливи финансиски средства на оние што нудат и оние што имаат потреба од капитал. Нивните врски се воспоставуваат преку директни деловни односи.

Пазарот на капитал може да биде примарен и секундарен. На примарниот се врши продажба на нови емисии долгорочни хартии од ведност, односно акции и обврзници, а на секундарниот се врши купопродажба на веќе еднаш емитирани хартии од вредност, што значи дека тие само го менуваат сопственикот.

Берзите на вредносните хартии и ефектните берзи се најзначајните организирани пазари на капитал. На неего важна улога имаат финансиските посредници и посредниците при купопродажбата на вредносни хартии. Тоа се специјалисти за купопродажба на вредносни хартии- брокери, инвестициони куќи, банки и други финансиски организации, како и инвестициони банкари.

Треба да се нагласи дека пазарот на капитал е еден од механизмите во рамките на финансискиот систем преку кој се врши алокација на слободните финансиски средства, а пред се за инвестициони цели. Освен тој, постојат уште два механизма: финансирање преку фискалниот систем и самофинансирање.

Во многу земји постои државен орган наречен „Комисија за хартии од вредност“, кој врши контрола на емитирањето и тргувањето со хартии од ведност, и воопшто работата на берзите, со цел да се спречат евентуални неправилности и шпекулации, односно да се заштитат интересите на инвеститорите купувачи на долгорочни хартии од ведност.

Пазарот на пари (англ. money market) е дел од финансискиот пазар, но не е конкретно место, туку вообичаен апстрактен поим за севкупните краткорочни парични дејанија со кои финансиските институции, главно банките, доаѓаат до додатни ликвидни средства, позајмуваат свои вишоци на резерви или тргуваат со краткорочни хартии од вредност. Тој ги содржи понудата и побарувачката на краткорочни финансиски средства, чиј рок на втасување не преминува една година.

Учесници на пазарот на пари се претпријатија кои имаат потреба на краток рок од готови пари и оние што сакаат своите привремено слободни вишоци на пари привремено да ги пласираат со определена каматна стапка и определени посредници.

Помеѓу учесниците на пазарот на пари се и државата и централната банка. Државата преку овластен орган (трезор) емитира краткорочни хартии од вредност за да се стекне со парични средства за финансирање на некои потреби. Централната банка со промена на есконтните и ломбардните стапки (со кои им одобрува есконтни и други форми на кредити на деловните банки), како и со операции на отворениот пазар, битно влијае врз промената на понудата, побарувачката и каматната стапка на пазарот на пари.

Инструменти на пазарот на пари се благајнички записи (меѓу нив и државни- treasury bills), обврзници или облигации (меѓу нив и државни- treasury bonds), сертификати, банкарски акцепти, комерцијални хартии, краткорочни банкарски кредити и др.

Дел од купопродажбата на пазарот на пари се врши преку банките, а дел на берзите.

Централната банка е регулатор и контролор на вкупната активност на пазарот на пари. Нејзина посебна и мошне значајна активност се операциите на отворен пазар.

Во зависност од висината на понудата и побарувачката, како и од рокот на кој се позајмуваат парите (на една ноќ- overnight money, на еден ден- daily money, на седум дена, на еден или повеќе месеци или до отповикот- call money), се формира каматна стапка. Таа е цена на парите и значи извршена исплата за нивна употреба. Каматната стапка е сума на камати платени на единица време. Имено, луѓето плаќаат за можноста од позајмување на пари. Всушност, тоа е трошок за позајмувањето на пари.

Каматните стапки се разликуваат според карактеристиките на заемот- рокот, доспеаноста, ризикот, ликвидноста, административните трошоци.

Растечкиот тренд на каматната стапка е знак за слаба ликвидност, а трендот на нејзино опаѓање значи поголема понуда на краткорочни парични средства од побарувачката.

Пазарот на трудот ги претставува односите на целокупната понуда и побарувачка на работна сила. На понуда е работна сила со определен обем и квалификациона структура, а како побарувачи се јавуваат претпријатија од разни стопански гранки кои имаат потреба од соодветен вид работна сила.

Пазарот на труд е правно слободен, но економски зависен. Имено, бидејќи не раполагаат со средства за живот, работниците ја продаваат својата работна сила и со тоа таа станува стока. Претпријатија како сопственици на средствата за производство ја купуваат за да можат да произведуваат. Притоа, цената на работната сила не се одредува само со односот на понудата и побарувачкта, туку и со многу други фактори. Всушност, не можно да се формира наемнина на она ниво што би овозможило да не постои поголема понуда од побарувачката за труд.

За овој пазар е карактеристично дека постои невработеност, па така постои асиметричност во движењето на наемнината- брз пораст на наемнината поради зголемување на побарувачката за работна сила во услови на стопански развој и нејзин побавен пад во однос на намалувањето на побарувачката во услови на забавување на стопанската активност.

Пазарот на трудот се регулира преку специјализирани организации наречени берзи на трудот или бироа за вработување.

Пазарот на трудот може да биде локален, регионален, национален и светски.

 

Извор: фото 

Повеќе во оваа категорија: Безработица- Невработеност »

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Наполеон I Бонапарта

Кога човек ќе совлада неволја, сака удобности, од удобности преминува на излишност, од излишност на раскош, од раскош на престап.

Виц блиц

Посета на генерал на Легија на странци в…

Дошол нов генерал на должност во тврдина на Легија на странци во пустина. Тргнал првиот ден во обиколка и додека ја обиколувал здогледал мазга врзана за еден столб. Го прашал...

Кутија за пребарување

Енциклопедија

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се