Во Република Македонија „Република Вевчани“

Се уште не сте биле во Вевчани? Барем да сте наминале во него, да сте поминале низ него? Зарем е можно?! 

Од она што би требало да го знаете за да не заскитате, да не се случи да го одминете:
Вевчани се наоѓа северозападно од Охридското Езеро, од подножјето, преку ридестиот терен, се до сртот на планината Јабланица. Се граничи со општините Струга, Велешта, и Лабуништа, а ја допира и границата со Албанија.
Асфалтиран пат долг 14 километри води од Струга, минува низ селата Враништа и Велешта и води до Вевчани.
Распослано е на површина од 35,5 квадратни километри, има помеѓу 2.400 и 2.800 жители.

Вевчани е словенска населба. Првата, од крајот на 6-от и почетокот на 7-от век, е пронајдена на местото кое денес се вика Селиште. Името доаѓа од старословенскиот збор вес- село, односно за жителите на тоа село Селчани, а за вес- Весчани, па од него конечно се извела именката Вевчани.

Според една легенда,првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алул. Алул го населил горниот крај на селото и ја создал семејната лоза Алуловци, а Калан го зазел долниот- Долно маало, каде што денес живее семејната лоза Калановци.

За да ви биде однапред познато:

Селото има 19 цркви, манастири и параклиси, а најзначајна е црквата Св. Никола, од 1876., со иконостасот изработен од Дичо Зограф и неговата тајфа. Во 1835. година почнало со работа училиште, а во 1927. имало и библиотека. Во 1949. е изградена хидроцентрала.

Во знак на благодарност спрема многубројните печалбари кои биле носители на опстанокот, благосостојбата и напредокот, во селото, е направен „Споменик на печалбарот“, единствен во светот.

Вевчани е местото каде што Паско Кузман пронајде траги од масоните – тријаголник со око во средината- доказ дека помеѓу Вевчанци имало и членови на масонските ложи.

Вевчанскиот карневал се одржува на 13 -14 јануари и со него се слави Свети Василиј Велики, заштитник на василичарите. Во 1993. тој станува член на ФЦЦ- Асоцијација на светските карневалски градови.

На 7. август 1987. тогашната младинска организација со штрајк со глад се спротистави на одлуката нивните извори да се пренасочат за водоснабдување на Струга, Октиси и елитната населба Елен Камен. Интервенира полицијата од тогашниот режим, биле сослушувани деца, студенти, воопшто имало голема злоупотреба на полициските органи. Овој непокор е крунисан со самопрогласување на држава, свои пасоши и валута(!).

По само неколкучасовен престој во Вевчани ќе заклучите дека неговите жителиживеат многу поградски отколку во многу македонскиградови: поплочени улици, на располагање секогаш имаат вода (нов водовод), а не користат ниту септички јами- поврзани се на канализација, за која има и пречистителна станица. Локалниот здравствен дом е модерно премен, а опслужува 25.000 луѓе од околните села. Има пошта и детска градинка, ново училиште, еден од најуредените каскадни кејови.
Неизоставно треба да ја посетите старата куќа на големиот физичар од светски глас Михајло Пупин, неодамна реновирана, а која е градена во 1880: сместувачко- угостителски објект и музејска поставка за животот и делото на Пупин. Од каде тој во Вевчани, па и на аверсот на вевчанските пари- личниците?

Семејството Пупинови се доселило од Москополе- денес во Албанија, и живеело се до отселувањето во банатското село Идвор во соседна Србија, каде што бил роден Михајло. Пупа, жената на убиениот старешина на селото од Турците, со четири сина и добиток, околу 500 овци и 100 кози се доселила во Вевчани. Тогашниот селски коџобашија Тасе Србаковски и отстапил место да изгради куќа, во месноста која и денес се вика Пупинов Камен.

Професорот Д-р Павле Митревски од Вишни, Струшко, е автор на истражувачкиот труд „Михајло И. Пупин за Македонија”, во кое посочува дека Олимпијада и Константин, во Банат, како што е запишано и во тамошните книги, биле емигранти од селото Вевчани, Република Македонија. На секои две години им се раѓало дете, вкупно десет. Михајло бил две години помал од најмалото, сестрата Христина. Семејното стебло оди до Михајло, кој Њујорк- САД формирал семејство со Сара Катерина Џексон, Американка. По 8 години брак останал вдовец со ќерката Варвара која немала свое потомство, па лозата на Михајло Пупин замира со нејзината смрт.

Во демографската историја на Македонија е забележано дека во 2002. година во Вевчани е родена првата петорка (три девојчиња и две машки), дел од четвртата генерација на семејството Илиевски. Набрзо по породувањето едно од машките почина, а деднес голема гордост на Вевчанци се Бисера, Бојана, Марта и Марко.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Станислав Јержи Лец

Од огнот настанува и дело и пепел.

Виц блиц

Исчезната сопруга

Дотрчува маж во полициска станица: -Ве молам, жена ми исчезна, пронајдете ја! Еве ви ја нејзината фотографија. Дежурниот ја погледнува фотографијата, па му вели на загрижениот сопруг: -А Зошто да ја бараме?

Кутија за пребарување

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се