Харолд Пинтер

Британскиот драмски писател и нобеловец е роден е на 10- ти октомври 1930- та во Ист енд, работнички дел на Лондон, а почина на 24- ти декември 2008- ма, во 78- та година. Татко му бил шивач од португалско- еврејско потекло. Глума студира на лондонската Кралска академија на драмски уметности и во Централната школа за говор и драма, но студиите ги напушта.

Глумечката кариера ја започнува во 1951- ва година под псевдонимот Дејвид Барон и наредните 6 години ги минува низ провинциските театри и на турнеи низ Ирска. Потоа се посветува главно на пишување на драми. Во 1973- та започнува да работи во лондонскиот Национален театар како режисер.

Тој е автор на 20 книжевни дела и 21 сценарио.

Се женел два пати, во 1956- та и во 1980- та, а од првиот брак има син.

Еден од најзначајните писатели на 20 -от век, Харолд Пинтер е добитник на бројни награди: Сребрена мечка на Берлинскиот филмски фестивал (1963), на британската филмска награда БАФТА (1965 и 1971), Шекспирова награда (Хамбург, 1970), Европската награда за книжевност (Виена), Пиранделовата награда (Палермо), британската награда за книжевност „Дејвид Коен", наградата „Лоренс Оливие" (1996) и Молиеровата награда за животно дело.

Неговиот опус во 2005- та е крунисан со Нобелова награда за книжевност. Во соопштението меѓу другото е наведено дека Пинтер во своето дело „ги открива бездните во секојдневните приказни и го врати театарот на основните елементи: затворен простор и непредвидлив дијалог, каде што луѓето зависат едни од други, а илузиите се уриваат".

Благодарение на својот специфичен стил на кратки дијалози и дарба за користење на најекономични средства (на пример со употреба на тишината што ја зголемува тензијата во корист на недоволното разбирање и криптичниот говор), како и темите еротска фантазија, безимена закана, опсесивност и љубомора, семејна омраза и ментално вознемирување („Пинтеровски теми"), неговото презиме во 1960- тите влезе во општа употреба, а придавката „пинтеровски" означува типично британски стил, напнатост и амбивалентност.

Драмата „Роденденска прослава" (1958) доживеа неуспех и покрај пофалната критика во весникот „Сандеј Тамјс" од страна на водечкиот театарски критичар Харолд Хобсон, но успешно заживеа по добро примената драма „Домар" (1960). Тие две дела, како и други рани трудови како драмата „Враќање дома" (1964), понекогаш се нарекуваат „комедии на заканата". Често тргнуваат од наизглед безопасна ситуација и ја претвораат во заканувачки и апсурдни збиднувања затоа што ликовите се однесуваат на начин кој и е необјаснив на публиката, а понекогаш и на другите ликови.

Сите Пинтерови дела се под влијание на Семјуел Бекет, кој впрочем бил негов долгогодишен пријател. 

Во едно интревју за францускиот „Монд" Харолд Пинтер ќе изјави:

„За мене пишувањето е секогаш како отворање на врата во непозната куќа. Не знам кој е во неа. Не знам кој ќе влезе низ другата врата. Не знам што може да се случи (...) Сечам, преформулирам, многу доработувам. На крајот збор е за дело на свесното. Впрочем, знаеме за тоа што сакаме да сториме во тој миг. Не за драмата, туку за начинот на нејзината конструкција, која и самата е инстинктивна работа. Веднаш ќе почувствуваме дали е некоја работа добра или не. Да се пишува значи да се биде на напната жица".

Има режирано повеќе од 50 театарски претстави. Последната театарска улога ја одигра мошне болен (од рак на грлото) во 2006- та, настапувајќи во Бекетовата „Крапова последна лента", а последната филмска ја оствари во драмата „Wit" на Маргарет Едсон, инаку наградена со Пулицерова награда.

Пинтер започнува почесто да режира во текот на 1970- тите, а во 1973- та станува помошник на директорот на британскиот Кралски национален театар. Неговите подоцнежни драми се пократки и се занимаваат со теми кои се повеќе политички, често алегории на политичкиот терор. Тогаш тој почнува и да се вклучува во политички расправи, и тоа како изразит левичар. Постојано се труди на јавноста да и го сврти вниманието на кршењето на човековите права. Пинтерови писма често се јавуваат во британски весници, како што се „Гардијан" и „Индепендет".

Во 1985- та со американскиот драматичар Артур Милер престојува во Турција, каде што разговара со многу жртви на политичкиот терор. На собир во американската амбасада во чест на Милер, наместо конвенционален говор, Пинтер зборува за луѓето на кои гениталиите им се спојуваат на струја, па го исфрлуваат (Милер во знак на поддршка излегува со него). Пинтеровите искуства со угнетувањето во Туерција и гушењето на курдскиот јазик ја инспирирале неговата драма „Планински јазик" (1988).

Пинтер се спротивставува и на американските напади врз Авганистан и Ирак. Во 2005- та година објавува дека повеќе нема да пишува драми, туку ќе се посвети на политичкото дејствување. Критикувајќи ја војната во Ирак, тој јавно го нарекува Џорџ В. Буш масовен убиец, Блер заведен идиот. Владата на Буш ја споредува со Хитлеровата нацистичка Германија, зборувајќи дека САД сакаат да го освојат светот, додека американската јавност и британскиот „заведен идиот" од премиер седат и гледаат.

Пинтер е исто така активен претставник на „Кампањата за солидарност со Куба", организација која го поддржува режимот на Фидел Кастро на Куба, и член на Меѓународниот одбор за ослободување на Слободан Милошевиќ од Хашкиот затвор. Милошевиќ го нарече див и немилосрден и бара да му се суди во сопствената земја, а не на Меѓународниот суд за воени злосторства.  

Во 1966- та година го добива британскиот орден CBE и станува „Companion of Honour" во 2002- ра, откако ја одбива титулата витез. Ја поддржува коалицијата RESPECT.

Во француската амбасада во Лондон во 2007- ма францускиот премиер Доминик де Вилпен го прогласува Харолд Пинтер за витез на Легијата на честа.

Повеќе во оваа категорија: « Бизнис - легенда: Стив Џобс Расел »

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Барух Спиноза

Не плачи, не лути се, туку сфаќај.

Виц блиц

Не сфаќа

Влегува Симо дома и ја затекнува Симејца со Цветко в кревет. Симо:-Што правите вие?! А Симејца му вели на Цветко:-Ете, нели ти реков дека нема да сфати...

Кутија за пребарување

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се