Недораскажани животни приказни

(Гане Тодоровски: „Книга нашинска сиреч славјанска“, Македонска книга,Скопје)

Знаете ли кој бил отец Даниил од Москополе? Тој е авторот на првата печатена македонска книга.

Имено, во текот на 1802. во Венеција се има појавено необична книга на грчки јазик, потпишана од свештеникот и учителот Даниил Москополец, погрчен Влав од Албанија, во рамките на која за првпат во Европа се претставува македонскиот јазик (охридското наречје) во облик на печатена книга- под туѓо име и со туѓа графија (писмо). Нејзиниот наслов: „Речник од четири јазика“.

А кој бил Ѓурчин Кокале од Лазарополе? Мијак, истакнат претставник на македонската трговска буржоазија од првата половина на 19. век, општественик и човек на перото, борец против турската политика и грчката културна доминација, заштитник на христијаните во Западна и Јужна Македонија од зулумите на разбојниците, авторот на првата мемоарска проза во македонската литература.

Ако сакате да прочитате и поднаучите нешто по некој збор од „недораскажаните животни приказни“ за „првоапостолот на македонското новородвение од Струга- Димитрија Миладинов“, потоа за Константин Петковиќ, Џинот, Прличев, Стојан Христов, Анѓелко Крстиќ, но и за нашите современици „од протекот на нашиве дни“ Димитар Митрев, Блаже Конески, Христо Полјански, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, се до воведувачите на егејската тема во нашата литература Чаповски, Гилевски, Наковски, но и за „бележитите обележувачи на словенските димензии на Македонија“- Пушкин, Троцки, Милјуков, Пипин, Крлежа, Десанка Максимовиќ, Иво Брешан- за сите нив сосе наведените посоки ќе прочитате во книгата на нашиот неуморен истражувач и литературен творец Гане Тодоровски, под наслов „Книга нашинска сиреч славјанска“.

Прилозите во збиркава се групирани во четири циклуси: „Проветрување на иднината“, „На овој мал и тажен век“, „Троа од троа за нашинското“ и „Малкуцка и за славјанското“. Освен наведените во приказов, вашиот интерес го упатувам особено на следниве: „Егејската тема во современиот македонски роман“, „Збирутинки за Рацин (Белешки кон поезијата на Рацин)“, „Троцки и Македонија“, „Руската јавност и македонското прашање- Поглавје за Александар Николаевич Пипин“ и „Литературното чудо Смирненски (Вовед за еден културен празник)“.

Кога е во прашање книга- дело, воопшто творештвото на Гане Тодоровски, мошне е тешко тоа да се препорачува со некоја посебно избрана домисла. Зашто едноставно, тоа се препорачува самото себе си со творечкиот беспокој што го носи и го предизвикува кај читателот.

Затоа на крајот од овој приказ- препорака ги приведувам зборовите на авторот на „Книга нашинска сиреч славјанска“, од воведниот текст „Збор до два наместо вовед“:

„Ова е книга од чии купишта зборови можете со обете раце да пресегнете со широки грски за да и придодадете на вашата духовна исхрана вкус и мирис на многушто свое, свежина и топлина што допираат до душата како благ навев на возбудлив збор- и наш и нашински“.

Гане Тодоровски (11.05.1929., Скопје- 22.05. 2010, Скопје) е македонски поет, преведувач, професор, есеист, литературен критичар, историчар и публицист. Завршил Филозофски факултет на Унвиерзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и докторирал. Бил долгогодишен професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1951., а на два наврата бил негов претседател. Член на МАНУ. Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК, а подоцна е назначен за амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

Гане Тодоровски е погребан во скопското село Кожле. Негова последна желба била неговата песна „Завет“ да биде прочитана на закопот. Желбата му била исполнета.

Дела:

Во утрините (поезија, 1951), Тревожни звуци (поезија, 1953), Спокоен чекор (поезија, 1956), Божилак (поезија, 1960), Апотеоза на делникот (поезија, 1964), Претходниците на Мисирков (студии и огледи, 1968), Горчливи голтки непремолк (поезија, 1970), Снеубавен ден (поезија, 1974), Трактати за сонцељубивите (есеи и записи, 1974), Веда Словена (1979), Маѓепсан мегдан (литературни записи, 1979), Скопјани (поезија, 1981), Подалеку од занесот, поблизу до болот (студии, 1983), Со збор кон зборот (студии и критики, 1985), Поход кон Хеликон (студии, 1987), Неволици, неверици, несоници (поезија, 1987), Неодложни љубопитства (студии, записи и критики, 1987), Недостижна (поезија, 1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996).

Ги составил антологиите Песната - храброст (1975), Австриската поезија на ХХ век (1982) и други, а како коавтор ги приредил антологиите Словенечки поети (1956), Езерска земја (1967), Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968), Нова хрватска поезија (1973), Современа хрватска поезија (1981).

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Аристип

Убавата ќе те предаде, грдата нема да ти се допаѓа; сиромашната ќе те упропасти, а богатата со тебе ќе владее. Ете, избери што најлесно ќе поднесуваш.

Виц блиц

Писмо на плавуша

Му пишува плавуша писмо на својот син: „Мил синко мајчин, Ти го пишувам писмово за да знаеш дека ти пишувам. Ако го добиеш, значи стасало. Ако не, јави ми за повторно да...

Кутија за пребарување

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се