Чешми што не секнуваат

Секоја средба со поезијата на Блаже Конески претставува особено, посебно доживување. Се надополнува, збогатува, со секоја негова нова песна, со секоја негова стихозбирка.

Во критичката валоризација на поетските устреми на Конески се бришат секакви воздржувања и дилеми. Позицијата на критичарот е поинаква од онаа спрема книгите на други наши творечки имиња, на кои секоја објава им значи своевиден испит пред светот. Тоа секако не значи дека поетските дела на Конески не предизвикуваат и некогаш изненада, дека некогаш не отвораат нови прашања. Значи дека кај него поетското мајсторство, одамна покажано и докажано, е претпоставено, на еден начин е појдовна позиција во откривањето на песната, во понирањето во неа, во секоја нејзина строфа и стих.

Може да се наредат повеќе обиди на македонски поети од постарите и помладите генерации кои своето искуство го проверија во најстрогата поетска форма: сонетот. Меѓутоа, најчесто регистрираме само обид без позначаен резултат, особено кај некои претставници на тн. четврта македонска поетска генерација.

Во стихозбирката на Блаже Конески „Чешмите" е поместен цел циклус на сонети, првиот под ист наслов. Со нив добитникот на Златниот венец на СВП само потврдува дека и оваа поетска форма за него не е несовладлива, не е „премногу строга". Напротив. Десетте сонети само ја потврдуваат поетовата самодисциплина, но не како ограничувачки „фактор" на пеењето. Ритмичките стапки, неотстапувањето од нив, оригиналните рими, природниот тек на поетскиот говор, ненаметливата метафорика, но едновремено и едноставност во исказот (препознатлива за Конески)- сето тоа не само што ја афирмира сонетната форма во нашата литература, туку истовремено и ја збогатува.

Блаже Конески во „Чешмите" нуди интересно оформена, комплексна книга. Колку хетерогена, разделена со четири циклуси, исто толку и интегрална, комплексна, чија основна конструкција се потпира на еден симбол: чешмите. Во основно значење: пеење како незапирлив од, како тек, како движење на животот, секојдневјето, како бележење и доживување.

Вториот циклус од книгата, „Дојрански ветришта", нуди поинаква поезија од претходниот: користење на слободниот стих, пеење што има јасна и мотивска и поетолошка цел. Ја дефинира и самиот Конески во песната „Трактат за зачетокот на песната".

Третиот циклус, „Проложни житија", содржи само две песни, какви што среќававме и во негови претходни дела. Тоа се еден вид на поетски записи, драматски впечатливо оформени.

Најинтересен е секако циклусот „Симфонија": поетски записи во проза, во кои на показ е поетовото внатрешно чувствување на надворешниот свет, на природата и човекот во неа. Еден немир, возбуда пред промените на природата, пред сето она со што таа му се покажува, му се открива на човекот. Мошне асоцијативни, алузивни текстови, кои својот актуалитет го потврдуваат токму со тоа, а читателот го оставаат пред еден отворен простор што треба да го открие, да го освои, да го совлада со сопствената рефлексија и со сопствените сензации.

Од поезијата на Блаже Конески:

Внатрешен дијалог

Ти сакаш да ме увериш
дека сум јаден и лит
и дека ништо во мојот живот
не носи знак на величие.
Но јас сум тој што се слуша,
од мене зависи сè!
Ти сакаш да ме понижиш сосем,
да ми предочиш јасно
дека се лажам самиот
и дека секој мој подем
бил измислен.
Сети се - ми велиш -
како се витка црвец во кал.
Но сепак сè зависи од мене!
Јас сум, види, чувар на својата гордост,
и не очекувај да се помирам
со бесмислената ништожност.

Оставете коментар

Внесете ги (*) задолжителните информации кои се обележани. HTML код не е дозволен

врати се горе

Twitter Дисплеј

Умност

Др. Спенсер Џонсон

Ништо не е побезнадежно од планирањето на радоста.

Виц блиц

Добар ручек

-Мила, што имаме денеска добро за ручек? -Не знам, миличок. На конзервата немаше етикета.

Кутија за пребарување

Живот

Спортсмен

Најава или Регистрирај се