Daughter Son Child Boy Girl Sandbox Children
Потребно време за читање: 3 минути

Познато и потврдено: низ играта детето го открива и го учи светот околу себе, а е задолжително придружена од играчка/играчки. Тоа значи дека таа „придружба“ е многу важна-изборот треба да се (на)прави мошне внимателно.Воочена негативна појава, поточно практика: што повеќе играчки, преполни кутии со нив за „избор“. Негативна затоа што е добро познато оти е доволна една кутија со играчки, и тоа убави, а што, пак, подразбира едноставни, пригодни-пристапни, лесни и поттикнувачки за фантазијата и „творечкиот импулс“ на детето.

Со што и како се игра вашето дете? Според вас, што е тоа играчка? Родители, нема потреба од долго и длабоко премислување. Одговорот е мошне едноставен: не е тоа само купената од вас, туку во рацете на децата буквално се може да стане играчка. Поводот за игра, пак, е очекуван-„редовен“, но и ненадеен- „вонреден“. Тоа го потврдуваат психолозите и педагозите, посочувајќи дека во градинките децата се играат со готови-купени играчки-„дидактички материјали“ и со предмети како каменчиња, хартија, кутии и сл.-„педагошки неоформени материјали“.

Прочитај и за ... >>  Кој знае повеќе?

На безграничната детска фантазија и е потребно добро насочување. Кога станува збор за играчката, тоа значи дека таа треба да ги поттикнува креативноста, моторичкиот и сознајниот развој, говорниот, социоемоционалниот и развојот на комуникацијата. Од не помало значење е и развивањето на социјалните вештини, како што се соработката, помагањето, надминувањето на неуспехот, тимската работа и сл. Еден обичен стап на дете со бујна фантазија му станува коњ за јавање, а обична картонска кутија воз или брод.

Што се однесува на купените играчки, се предупредува дека тие на детето мора да му бидат интересни и безбедни, односно да немаат ситни делови кои тоа може да ги проголта, од нив да не отпаѓаат делови, да не се откинуваат влакна и да не се симнува бојата. Мораат да бидат цврсти,отпорни и направени од нетоксични материјали.

Добро е детето да има играчки со кои може да се игра само и да има можност за автокорекција. Такви се, на пример, различни сложувалки, игрите во кои нешто мора да се спари, да се сложи или издвои.

Прочитај и за ... >>  Лошите сеќавања можe да се научат да се заборават

Се разбира, тоа не значи дека не се важни играчките кои се играат во пар или во помала група. Напротив, тие се исклучително важни бидејќи упатуваат на дружење и соработка.

Најголемото ниво се игрите со правила, кои се погодни за деца од четири ипол години па нагоре, а за кои е нужна помош од негувател(ка) или родител, кои на децата мораат да им ги објаснат правилата.

Родителите често претеруваат во купувањето, а што го сметаат за потврда на неизмерната љубов спрема децата. Прават голема грешка, особено затоа што на крајот на краиштата повеќето од многуте играчки многу брзо се покажуваат непотребни.

Корисен стручен предлог: родителите заедно со детето да ги сложат во една кутија сите играчки со кои тоа сака да се игра и кои се примерени на неговото развојно доба, а пред се оние кои поттикнуваат на имитирање на реалниот свет. На пример елементи од кујна (лонци, тенџериња, прибор за јадење…), минијатурни фигури и сл., па и „големи“ предмети од светот што го опкружува (мајчина стара облека и чевли се претвораат, на пример, во преубав балски фустан и чевличиња на принцеза од бајките). Во кутијата треба да се најдат и играчки кои повикуваат на решавање на проблеми и развивање на способноста за концентрација (сложувалки, игри на меморија и сл.), како и оние што ја поттикнуваат креативноста- боици, лего- коцки и сложувалки, а со кои се вежбаат моториката на рацете и логичкото размислување. Неизоставн е и топката.

Прочитај и за ... >>  За химната на Ромите „Ѓелем, ѓелем"

Имено, таа е од исклучително значење за развојот на координацијата, моториката и социјалните вештини. Во игрите со топка децата се учат да губат, да се дружат и да победуваат. Одлични се и музичките играчки кои го стимулираат помнењето и ги подобруваат координацијата и креативноста. Незаменливи се и книгите.

Не треба да се заборави и на самостојното правење на играчки (заедно родителите и децата), а кои се поврзани со тн. стимулативни игри кои се поттикнувачки за развојот на јазикот и говорот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here