Во книгата на Др Ендрју Стенвеј „Алтернативна медицина-водич во природните терапии“, соодветно внимание ѝ се посветува и на хидротерапијата. Ја користиме за некои основни сознанија, упатства, совети:

Употребата на водата како предхрана и лек е мошне стара. Велат дека Клеопатра се бањала во магарешко млеко за да ја сочува убавината на својата кожа, а древните народи знаеле дека врз човечкото тело влијае содржината на течноста во која се потопува.

Популарноста на капењето во вода со лековити својства е особено голема во Германија. Германската Влада го финансира бањското лекување, а и Французите имаат бројни бањи. Во САД и Велика Британија хидротерапијата им е достапна само на богатите.

Хидротерапијата подразбира водата да се пие, во неа да се бањаме или во неа да се изведуваат други терапии.

Неколку видови на современа хидротерапија:

Прскање под притисок-терапија со водени удари. Пациентот се изложува на силен млаз на морска вода, на оддалеченост од 2-3 метри. Оваа терапија го закрепнува организмот.

Триење со сол-лицето прво се масира со сол, а потоа се мие со обична студена вода, под нормален притисок, што се прска на оддалеченост од 1 или 2 метра. Пациентите по оваа терапија, како што велат самите, добро се чувствуваат.

Сиц-када е вид на када за седење во која пациентот може да седи, а нозете да му се надвор. Обично се во пар, една покрај друга; едната е наполнета со студена, а другата со топла вода. Пред кадата со студена вода има леген со топла, а пред кадата со топла леген со студена вода. Пациентот наизменично седи во кадата со топла, а нозете ги држи во легенот со студена вода, и обратно. Ова се повторува неколку пати и во прилична мера ја подобрува циркулацијата на крвта во нозете. Сиц-кадите исто така се користат кај пациентите кои имаат тегоби во карличниот појас.

Освен вакви и други терапии, како турска бања, рибање на телото и др., пациентите можат и да внесуваат во себе вода како лек. Постењето, во текот на кое во организмот се несува исклучиво вода, повремено служи за чистење на телото од токсични содржини. Водата исто така се користи и за испирање на цревата (тоа е процес во кој водата се впумпува во цревата за да се отстранат токсичните отпадоци).

Во најголем број случаи терапијата со вода користи доколку се спроведува внимателно, во пријатна атмосфера. Пациентот уште повеќе се опушта и тоа, заедно со разумна исхрана, земање на течности, спиење и вежбање во вода, навистина има благотворно дејство. Душевното опоравување го намалува стравот, симптомите и знаците на стрес. Пациентот почнува да се чувствува подобро, што во суштина е и целта на секое лечење.