Херакле и Марко Крале

0
47

Совпаѓањето на митски ликови во различни митологии (на пример во грчката и римската) не е ништо необично. Помеѓу многу од нив е ставен знак на равенство кога се работи за јунаштвото, херојството, силата, моќта, нивната многувековна мобилизирачка улога кај народите, а особено во време на егзистенцијална загроза.

Не се ретки ниту примерите на поистоветување на митолошки и реални ликови (од поблиско минато) кои станале легендарни или попримиле митски димензии. Тоа само го потврдува сознанието за меѓузависноста, проткајувањето, заедничкото живеење во одредени простор и време, единството на човековата цивилизација. Колку подалеку во минатото, толку помало или никакво право на свое, присвојување-крадење на туѓо, непризнавање на заедничко.

За какво совпаѓање или поистоветување може да стане збор помеѓу најголемиот јунак во грчката митологија Херакле и македонскиот јунак од средниот век Марко Крале? Некои тврдат дека таа е фрапантна, а разликата помеѓу нив е само „од временски карактер”.

Кој бил Херакле?

Син на Зевс и на жената на Амфитрион Алкмена. Според таткото на Амфитрион Алкеј, се нарекува и Алкид.

Тој е прсонификација на натчовечка сила, што ја покажал уште во колевка задавувајќи две големи змии. Како млад пастир го убил китеронскиот лав, ја ослободил Теба од непријателот и се оженил со кралевата ќерка Мегара. Потоа Хера му го помрачила умот, па ги убил сопствените деца. За да го исплати својот грев морал да му служи на микенскиот крал  Евристеј.

Херакле успешно извршил дванаесет задачи: го задавил немејскиот крал, ја убил лернејската хидра, го уловил еримантскиот вепар, ја фатил еринејската кошута, ги растелар грабливите птици на Стимфалското езеро, го прибавил појасот на Хиполит, ги исчистил Авгиевите штали, го довел критскиот бик, го убил кралот Диомед (кој со човечко месо ги хранел своите коњи), му украл на џинот Герион стада на говеда, донел златни јаболка од градината на Хесперидите и го извлекол од подземјето песот Кербер.

Му се припишуваат и низа други (учество во експедицијата на Аргонаутите, ослободување на Прометеј), но сепак за негов најголем подвиг се смета поставувањето на два столба (Хераклиеви столбови), што го остварил при пропатувањето низ Египет и Либија, како и раскинувањето на пештерите кои ги поврзувале Европа и Африка.

Победувајќи го речниот бог Ахелај, се оженил со Дејанира. Поради убиството на јунакот Ифит, морал да и служи на лидиската кралица Омфала. Потоа им се одмаздил на сите што го навредувале. Во борбата со гигантите Зевс го повикал Херакле да им помогне на олимписките богови.

Судбоносна за него била неговата љубов спрема Евритовата ќерка Јола. Дејанира му дала кошула натопена со крв од кентаурот Несо, убедена дека волшебната моќ на таа крв ќе ја сочува верноста на мажот. Меѓутоа, отровната крв на Несо, кого Херакле го убил од љубомора, а тој на умирање решил да му се одмазди токму преку Дејанира, го растворала неговото тело. Поради страшните и неиздржливи маки, тој заповедал да го изгорат на клада. Боговите ја изгаснале кладата, го пренеле Херакле на Олимп и му ја дале за жена Хеба.

Инаку, Херакле е идеален јунак на дорското племе, кого го обожувале како херој, му подигале споменици, го сметале за основач на гимнастичките натпревари во Олимпија и со негово име нарекувале градови. Неговиот култ на почетокот од 4- от век пр.н.е. е воведен и во Рим (латински Hercules).

За Марко Крале

Се смета дека е тој една од најконтроверзните личности во македонската средновековна историја. „Бележан” е како национален јунак, човек со извонредна сила, натчовечка моќ, мудрост, правдољубие, бранител на слабите и сиромашните, а истовремено суров владетел.

Станува збор за конкретна историска личност која народот ја „обогатил” со атрибути на натприродност и надвременост. Некои во најпознатата легенда за него- за неговото раѓање и младешките години, го препознаваат митот за кралот Едип (раѓање, пророштво, одвојување од домот, враќање и соочување со сопствениот татко).

Крале Марко се родил околу 1335., а умрел на 17. мај 1395- та година. Тој е последниот крал што владеел во поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на Турците.Државата на Марко и татко му Волкашин во некои извори се нарекува Бугарија, врз основа на етничкиот состав и поради, според нив, бугарското национално самосознание на населението. Сепак, царството на Волкашин е со средиште во Македонија и затоа се смета за македонски цар.

Марко бил еден од четворицата синови на кралот Димитрија Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата, имал и сестри. Се женел двапати, со Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.

За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата „млад крал”, односно престолонаследник. Во Маричката битка (1371.) тој не учествувал, туку останал да управува со територијата на земјите на татко му и чичко му. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви станал крал и формално- правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој е единствениот легитимен крал на Царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи. Набрзо некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многумина од владетелите склучувале мир со Османлиите станувајќи нивни вазали. И Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да и служи на турската војска во нејзините воени походи.

Кралот Марко станал легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Некои учени објаснуваат дека тоа се должи на фактот оти успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија, а што го постигнал со својата тактичност, државничката мудрост и подготвеноста на сојузување, дури и по цена на саможртва.

На 17. мај 1395. година во битката кај Ровине Марко застанува на страната на турскиот султан Бајазит I и се бори против влашкиот војвода Јован Мирче. Притоа загинува. Според едни, неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани, а според други мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Преданието, пак, вели дека непосредно пред битката на деспотот на кумановско- кратовската област Константин Дејанов, кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.

Во продолжение еве ја запишаната македонска легенда „Крал Волкашин и Марко Крале”:

Тој бил син на Крал В’кашин. Ко му се родило првото дете машко на Крал В’кашин, тој од мерак, детето уште не задоено, го избањале, го повиле, го пратил во црква да го крстат детето. И ко се вратил од црква го прашале тија:

-Ал го крсти детето?

-Го крстивме.

-Какво име?

-Тој ќе се викат: Марко Крале.

И сега, Крал В’кашин од мерак дека му туриле име и поканил гости на треќа вечер, поканил гости во неговата кралштина да доет на вечера. И дошле гостите, вечерале и полегнале да спијат. Ама Крал В’кашин сакал да чује каков к’смет ќе му наредат наречниците, се сместил така во едно ќоше божем спије. И дошле во глуво доба наречниците. Едната рекла:

-Е каков к’смет дам у наредиме на детево?

Па другата рече:

-Да му наредиме, рече, кралско дете, некој голем к’смет.

А треќата рекла:

-Голем к’смет: да биде јунак, што од него појунак да нема. Ко ќе порасне момче на осумнаесет години, на татка му коските да му ги искрши.

И кога чул тија прикаски, тија зборој од трите наречници В’кашин, се налутил:

-Ај мајката, што ќе ми и’ крши тој мене коските?

Зел сабајлето една кошница, го фрлил у Вардар.

-Ај рече, што ќе ми и’ крши ти мене коските, крши глава ти!

Ја фрлил кошницата. А нема тоа што пишује, тоа името не се загубује. Си пазил некој овчар овци покрај Вардарот, ко гледа, по Вардар плива кошница и во кошницата плаче дете. Полека, полека, влегол во Вардарот, ја фатил кошницата, машко дете. Го извадил и си го однел дома кај мајка му. Го чувале едно седум, осум години, десет години. Го поткрепнале малку, а детето било блосоено за јунак да биде и искочило на улица вака со деца да игра, фати едно дете лупни го од земја, фати друго, лупни го, ги испотепа децата. Фатиле да го тужат тије селаните:

-А бре, рекле, од кај го најде овој ѓавол, ни ги испотепа децата тој?

Тражи му чаре, бе!

И што ќе прај тој, имал неколку телиња и селските телиња ‘и собрал и ќе ој во планина да ги паси. И ги пасел некоја година, таму до едно тринајсе години, ама тие телиња фатиле дам у бегат натаму, наваму. Тој зел со стапот, едно натаму, друго натаму, ги испотепал телињата. Ко дошол му вика очуот, татко му:

-Кај се телињата, бе?

-Ја и кај лежат тамо.

Ко отиде, што ќе види, се истепани телињата.

-А,бе, ќаол, бре кај те најдов јас тебе, толку беља ми донесе. Кај моите телиња, па сега и селскиве телиња да ги плаќам. Крши глава, кај ти очи, тамо ти главата, да те невидам овде!

И тој избегал. Излегол и отишол тамо негде, кај некоја река, тамо имало вир, па шатки тепал, живел, се ранел. Арно, ама, еден ден праел некој свадба. Си поканил сватој, си поканил кум, старејко, тамо, вамо, ама девер не можел да најде. Тешко било девер тогај, преку планини искожеле арамии, ајдуци.

Сватовите ќе разбегат, ама деверот зел заклетва да морат жив, мртов да седит кај невестата. И ошле. Ко дошле дома, се собрале тие сватови, а беја кум го канил па татка му В’кашин, го канил кум. И вели:

-Ти, рече, чоек мајка му рекла: „Тргнете, одете вије, што ќе стретите првата среќа, него да го земете девер”.

И веќе наминале кај што бил Марко. Тамо кај што седел, го нашле него, го зеле него девер. Го зеле, ја зеле невестата, ко се вратиле назад искочила некоја Арапетина, тамо некоја планина. Ко го виделе сватојте, туку нафрлале даројте, избегале сите. Само останал деверот и невестата. Отишол прво кај деверот рече:

-Фрли го дарот, и бегај оттука, зошто ќе загинеш млад и зелен!

-Е, ја немам никаков дар, дар мене ми ја дадоа невестата да ја водам. Ти ако сакаш, рече, ај да се бијеме, ја овде глава остам, невестата не ја остам.

Марко го убил, го превртил тоја Арапот, го оборил, му ја пресекол главата. Ја зел и ја води кај свадбата што ја правела. Кога оди тамо во авлијата, во Дворот, кога се собрале тије сватојте тамо во авлијата, во дворот, кога се собрале тие сватојте, пијат, јадат, ајде за бог д прости за невестата и за деверот. Овије мислат ги поништил тој Арапот. Кога чул така марко, зел Арапската глава, се качил на маса као што седеле. Тие се уплашиле, сакале да бегат. Е, ама тој рекол:

-Ќутите, сите седете, на сите како неговата глава ќе ви исечам и вас! И тие наседнале тука сите, зал тоа на Арапот глата, му ја кла тамо на кумот, татко му бил, не го познава, кај ќе го познај? Ни тој не го познава, ни тој.

-А бре, ти каков кум си ти, остај невестата, бегај. А?

И туку тој го удрил со тој боздоган татко му в гради, му ги искршил коските. И тој го угледал, угледал, угледал, тој рече:

-А бре, дете, ти чиво си, како си, чиво колено си, кој ти е татко, кој ти е мајка?

-Не знам татко, мајка мене ми е Вардар.

И тој се сетил оти го фрлил во Вардар и после пошто ги чул тије зборој оти ќе му ги скрши коските и станал, го прегрнал, го бацил, рече:

-Е море дете, ти знаеш чиј си? Мој син си!

И после овој му се поклонил на татка му, му бацил рака, колено:

-Прости ми, татко!

-Е, рече, сега просто нека ти е, јас го чув тоа уште во треќата вечер оти ќе ми скршиш коските и затоа те фрлив у Врадар.

На Интернет, на http://www.macedonium.org/, е објавен неавторизиран текст под наслов „Херакле и митолошка компарација”. Го пренесуваме во целост:

Херакле ги гради познатите “Хераклови столбови” кај древниот град Тапсак во Сирија на преминот од Арабија во Африка, така што водат низ Средоземното Море.

Низ нив врвеле многу морнарици и секакви бродови. Александар III Македонски токму тука изградил бродови за македонската флота но и купил искусни морнари и кормилари.

-Херакле дури подоцна е воздигнат во мит на полубог и херој со големи дела каде ќе пристигнел. Се бори со кентаури, се кара со учителот по лира и го удира по глава со лирата, заштитник е на атлетичарите па се смета и за зачетник на Олимписките игри.

-Херакле го убива Кербер-стоглавото куче со тешка борба. Каде ќе пресечел една глава и капнело крв од неа, никнувало нова глава, мотив опеан кај македонскиот народ многу подоцна кога Крали Марко сече турски глави биејќи се против многубројната војска.Во епот за него кај ќе капнела крв изникнувал Турчин, што е интересен ист наративно-легендарен мотив иако се работи за милениумски временски разлики.

-Борбите се слични и кај другиот јунаци, зашто постојано се во некакви мисии на спасување и убивање се поопасни и полоши напасници. Ако и има нешто различно тоа е што напасниците се во склад со времето, ако кај Херакле противник е Тритон, кентаурот Несо, кралот Еврит или кучето Кербер кај Крали Марко тоа се Црна Арапина, некој зол ага кој пленил робје, друг пак кесеџија или војски кои тој без проблем ги победува.

-Исти се дури и хиперболите и употребените народни фантазии за конкретното дело. Херакле ги подигнал столбовите во Средоземјето меѓу Азија и Африка, како што Марко ја подигнал сета земја па ја изгубил силата или пиел од ведро кое чаша му било и слични увеличувања и фантазии ги поврзуваат двата јунака од иста земја – Македонија.

Дури и начинот на кој се превземени и ширени овие митови кај околни народи е фрапантно ист. Тоа е толку силно превземано што си го својатаат секој како свој јунак – херој, Марко е и српски и босански, хрватски и бугарски јунак иако се разбира е првенствено – македонски. Херакле е и хеленски и тракијски, илирски но и фригиски иако е првенствено – македонски.

-Дури и атрибутите на овие двајца јунаци се исти, Херакле е борец со своевиден “боздоган” -г олема палка со која ги тепа противниците исто како и Крали Марко со својот боздоган без кој никаде не оди. Херакле е секаде со голема лавја кожа преку грбот како наметка, а Крали Марко со голем кожув-гуња; Херакле е со лавја глава преку теме, а Крали Марко со “калпак од волчиште“.

-Ако и има разлика таа е од временски карактер. Ако во времето на Марко коњите се насекаде неопходно и најчесто превозно средство, во времето на Херакле коњите се во најголем дел диви и неприпитомени. Затоа и Марко на пат секогаш оди со својот коњ – Шарец, додека Херакле сходно времето во кое живеел, секаде во своите пустоловини главно оди пеш.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion