Хамлет

0
23

Тој е главен лик во истоимената трагедија на Шекспир, за која постојат докази дека е напишана и изведувана пред 1600-та година, но некои тематски референци (кои се уште постојат) се додадени наредната година.

Се чини дека приказната за Хамлет  се развила од старите исландски и скандинавски легенди. За првпат се појавила  во латинската Historia Danica, што на почетокот од 13. век ја составил данскиот хроничар Saxo Gramaticus. Во француска верзија ја објавил Francois de Beleforest во Histoires tragiques (околу 1575-та година), па во таа форма ја запознале елизабетанските драматичари.

Меѓутоа, се верува дека изворот што го користел Шекспир за своето дело „Трагична историја на Хамлет, данскиот кралски син“ („The Tragical History of Hamlet, prince of Denmarke“) е едно поранешно дело, денес изгубено, познато како „Ур-Хамлет“. Негов автор е Thomas Kyd. „Драмата на одмаздата“(revenge play) се прикажувала во Англија уште околу 1587-ма. Сепак, научниците се уште не можат со сигурност да утврдат колку Шекспир зел од оваа претстава, а колку од другите тогашни извори. Но секако дека „Хамлет“ содржи детали кои ги нема во средновековната верзија: тајноста на злосторството, духот кој бара одмазда, „другите синови“ Лаерт и Фортинбрас, тестирањето на кралот со помош на претставата, како и повеќестраната фатална природа на Хамлетовата „одмазда“.

Драмата претставува најдолго дело на Шекспир, а е убедливо најдолга и улогата на принцот Хамлет.

Хамлет веќе речиси четири века претставува едно од највозбудливите доживувања на човечкиот дух. Според заплетот на поетската имагинација, длабоката хуманост, трагиката,  бедата и големината на .човекот, Шекспир со својот Хамлет создал еединствен лик. Одраз на новиот полет на критичката мисла, кога Коперник ја исфлил Земјата од средиштето на вселената, а филозифијата на ренесансата ја дробела средновековната концепција  на светот како видлива манифестација на христиојанскиот бог, Хамлет е скептик  кој го изразува монтењовскиот сомнеж во конвенционалните верувања. Тој им се потсмева на престолот и авторитетот, а за него пеколот е всушност тука, на земјата, во тој „суров свет“, преполн со опачини, каде што од се најголема и најтешка работа е да се биде човек. Тој е аристократ,  но и пријател на глумците и гробарите, љубимец на народот; зборовите знаат да му бидат бодежи за кралските глави, а над се ги мрази ласкавците и нископоклонството. Луциден ум, циник кој расчинува се со скалпелот на интроспекцијата, меланхолик кој  плови во гондолите на фантазијата, но секогаш кога околностите го бараат тоа и бескрајно храбар во акцијата, Хамлет е една од најфасцинантните фигури на светската книжевност. Заплетот содржи елементи на трагедија на одмаздата, на братоубиството, убиството, егзистенцијализмот, на интроспекцијата и натприродното.

За Хамлет се напишани многу расправи, анализи, студии. Заедно со Фауст и Дон Кихот, тој е  еден од митските ликови на наследството на човештвото. Темата на Хамлет инсписирала музичари и уметници (Скарлати, Берлиоз, Чајковски, Делакроа и др.). За Хамлет пишувале Волтер, Шатобријан, Гете, Хердер, Иго, Тургењев, Еликот и др.

Хамлет и денес не слегува од репертоарот на светските театарски сцени, а извонредно успешни филмски верзии на оваа Шекспирова трагедија  направиле Лоренс Оливие (1948) и Григориј Козинцев (1964).

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion