Потребно време за читање: 3 минути

Георг Фридрих Хендл (гер.Georg Friedrich Händel, англ.George Frideric Handel) е роден на 23. февруари 1685. во Хале, војводство Магдебург, а умрел на 14. април 1759. година. Речиси целиот полнолетен живот го минал во Англија, а британски државјанин станал на 22. јануари 1727. година.

Тој е познат германско-британски композитор од времето на барокот, основач на музичките форми кончерто гросо, опера и ораториум. Негови најпознати дела се „Месија“, ораториум заснован на библиски мотиви, „Музика на вода“ и „Музика за кралскиот огномет“. Извршил силно влијание врз многумина следбеници во периодот на преминот од барок во класицизам, а помеѓу познатите-големи композитори се Хајдн, Моцарт и Бетовен.

Роден е во семејството на Георг и Доротеја Хендл, во истата година кога се родиле и Јохан Себастијан Бах и Доменико Скарлати. Уште како мошне мал покажал голем музички талент, а веќе на седум години бил вешт изведувач на чембало и органа. На девет години веќе почнал да компонира. Татко му, пак, инаку истакнат берберин и хирург кој служел низ дворовите во Саксонија и Бранденбург, бил против музичката определба на момчето, сакал да учи за правник. Меѓутоа, мајка му го поддржувала, па на Хендл сепак му било овозможено да посетува часови по компонирање и клавијатурни техники кај Фридрих Вилхелм Цахов, органистот на црквата Либфрауенкирхе во Хале. Тетка му Ана му подарила спинет за неговиот седми роденден, кој бил ставен на таванот за да свири кога ќе успее да се оттргне од вниманието на татко му.

Прочитај и за ... >>  Џими Хендрикс

Татковата волја сепак одлучила-во 1702. година Хендл почнал да студира право на универзитетот во Хале. Но веќе следната година татко му умира, па младиот Хендл го напушта правото и продолжува со музика како органист во протестантска катедрала.

Следната година се преселува во Хамбург, прифаќајќи работа како виолинист и чембалиство оркестарот на оперската куќа. Тука ги компонира своите први опери-„Алмира“ и „Нерон“, изведени веќе во 1705. година. Во 1708. во Хамбург компонира уште две -„Дафне“ и „Флориндо“.

Во периодот 1706-1709 Хендл патува низ Италија. Го создава познатото дело Dixit Dominus (1707)., а потоа и оперите „Родриго“ (1707) и „Агрипина“ (1709). Вторава се изведувала ненадминати 27 пати и со неа Хендл достигнува високо реноме. Во Римво 1709. и 1710. година компонира два ораториума-„Воскресение“ и „Триумфот на Времето“.

Во 1710. Хендл му станува капелмајстор на Георг, електорот на Хановер, кој наскоро станува крал Џорџ I на Велика Британија. Хендл го посетил Лондонво 1710., а во 1712. дефинитивно се преселува во него, со годишна плата од 200 фунти што му ја доделува кралицата Ана. Во 1723. се преселува во новоизградена куќа во Лондон, каде што живее под кирија сѐ до смртта во 1759.

Во 1727. година на Хендл мубило побарано да компонира четири химни по повод крунисувањето на кралот Џорџ II. Едната од нив е „Свештеникот Садок“ што се изведува на секое крунисување оттогаш па наваму.

Прочитај и за ... >>  Хеви метал музика

Хендл бил директор на Кралската музичка академија (1720-1728) и ортак на Ј.Ј.Хајдегер во управата на Кралскиот театар (1729-1734). Бил во потесни врски со Кралската оперска куќа во Ковент Гарден, каде што се одржале премиери на многу негови опери.

Во април 1737., на 52 годишна ворзаст, доживува мозочен удар и притоа му се парализира десната рака. Тоа го принудува да запре со настапи, а се жалел и на потешкотии со видот. Во август истата година на пат од Хаг до Харлем во Холандија е сериозно повреден во несреќа со кочии. Следната година почнува да го губи видот, на едното па на другото око.

Георг Фридрих Хендл умира во 1759. година во Лондон, а последната изведба на која присуствувал била неговиот ораториум „Месија“. На погребот, со државни почести, присуствувале над 3.000 почитувачи на неговото дело. Погребан е во Вестминстерската опатија.

Хендл никогаш не се оженил, а личниот живот го држел во строга тајност. Оставил огромен имот вреден 20.000 фунти (повеќемилионска сума во денешни пари), од кој најголемиот дел и припаднал на внука во Германија, а остатокот бил раздаден како подароци на други роднини, слуги, пријатели и во добротворни цели.

Јохан Себастијан Бах рекол за Хендл: „Тој е единствениот човек кој би сакал да го видам пред да умрам, и единствениот човек кој би сакал да бидам да не бев Бах“.

Прочитај и за ... >>  Нина Спирова

Волфганг Амадеус Моцарт: „Хендл го разбира влијанието подобро од кого било од нас. Кога избира, удира како молња“.

А Лудвиг ван Бетовен го сметал за „мајстор на сите композитори“: „Одете кај него и научете од него како да постигнете енормни ефекти на така едноставен начин“.

Опусот на Хендл е импозантен. Напишал опери, духовна, оркестарска и камерна музика. Каталогот со ознака HWV (Händel-Werke-Verzeichnis) содржи повеќе од 600 одредници : 42 опери, 23 ораториуми, други црковни дела, 16 концерти за органа…

Помеѓу најзначајните негови дела се „Музика на вода“ (HWV 348–350), „Музика за кралскиот огномет“ (HWV 351), сонати за различни инструменти (виолина, флаута, кларинет) опус 1, 13 соната за трио, опус 2 и опус 5, 18 кончерти гроса опус 3 (HWV 312–317) и опус 6 (HWV 319–330), 12 концерти за оргули, опус 4 (HWV 289–294) и опус 7 (HWV 306–311), 42 опери, 28 ораториуми и музички дела и музички драми, 8 „големи“ свити за клавсен (1720), Dixit Dominus.

Од 1960-тите со возобновениот интерес за барокната музика оперите на Хендл доживуваат своевидна преродба-многу од нив почнале да се снимаат и изведуваат на сцена. Од 42-те опери напишани помеѓу 1705. и 1738 најзначајни се „Агрипина“ (1709), „Риналдо“ (1711, 1731), „Орландо“ (1733), „Алцина“ (1735), „Ариодант“ (1735) и „Ксеркс“(1738). Некои како најдобри ги издвојуваат „Јулиј Цезар“ (1724) и „Роделинда“ (1725).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here