Гајдата е дувачки народен инструмент со мев, раширен кај многу европски и воневропски народи: бугарска гаида, македонска гајда, чешка и полска dudy, англиска bagpipe, естонска torupill, француска cornemuse, biniou, германска Dudelsack, Sackpfeife, руска волинка, дуда, словачка gajdy, shutkу, шкотска lilt, шпанска gaita,италијанска cornamusa, zampogna итн.

Судејќи според сѐ, гајдата потекнува од Азија, а предвесник ѝ се инструменти со мев раширени во античкото Римско Царство. Првенствено пастирски инструмент, кој следи и игра, гајдите во некои земји влегле и во составот на воена музика (Шкотска).

Македонските фолклорни инструменти генерално се делат на традиционални и ориентални.

Гајдата е фундаментален составен дел од македонската музичка култура, особено по селата. Обично се свири заедно со пар кавали, тамбура и некои ударни инструменти (тапанче, дајре, тарабука). Спаѓа во групата на дувачки инструменти, во која се уште двојанката, дудукот, зурлата, кавалот, шупелката.

Гајдата е дволгасен инструмент, а негови составни делови се:

-липало, делот за дување;

-гајдарка, делот на кој што се свири; има 7 дупки на лицето и една за палецот на опачината; на крајот на цевката се прикачува славец;

-брчало, придружен дел, кое произведува континуиран тон (вториот глас);

-дувало, поврзано со мевот;

-мев, направен од штавена јагнешка, овча или козја кожа;

-скрипци, деловите каде што се ставаат липалото, гајдарката и брчалото.

Пред свирење гајдата се штима. Ова се изведува со свирење на 5-тиот тон на гајдарката (додека погорните дупки се затворени) и со прилагодување на должината на брчалото, така што истото свири 2 октави пониско.

Гајдата се држи под рака (мевот се дополнува со воздух одвреме- навреме). Гајдарката се држи со двете раце, така што прстите од левата рака работат со долните 4 дупки, додека горните 3 и палечната дупка се работат со прстите од десната.

Брчалото се префрла преку рамо, преку десната рака или може да виси.

Гајдата може да свири 9 дијатонички и 2-3 хроматички тонови. Најкористените клучеви се B и A, но и подолните клучеви исто така можат да се употребуваат. Репертоарот за гајдата се состои од народни ора и песни, кои се изведуваат за време на празници.

Гајдата се свири соло и како дел од ансамбл во изведба на ора и инструментални импровизации.

Процесот на изработка на гајдата е мошне тежок и сложен. Таа се изработува во два штима: А и Д.

Липалото, гајдарката и брчалото се изработуваат од зелениково дрво. Целиот процес на нивна изработка е рачен.

Гајдарката е составена од 2 дела: самата гајдарка и рокче кое што може да биде направено од коска и од дрво.

Брчалото на гајдата е составено од 3 дела, кои се штимаат според гајдарката.

Скрипците на гајдата исто така можат да бидат направени од коска и од дрво.

За да може гајдата да се свири потребни се 2 писки кои што се вметнуваат , една во гајдарката и друга во брчалото.

Кај гајдата е важно кожата да не биде изложена на надворешни влијанија (сонце, дожд). По секое свирење треба да се избрише со сува крпа и добро да се спакува во торба.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion