Тоа е семитски народ населен во Феникија, во античко време назив за подрачјето на денешен Либан и соседни делови на Сирија и Израел, помеѓу Латакија на север и Акра на југ. Го населуваат од 3.000. г.пр.н.е. до 2.000. г.пр.н.е.

Феничаните (или Феникијците) себеси се нарекувале Канаанци, а Грците ги спомнуваат како Феничани, според египетскиот Fenhkw.

Кога тие првпат дошле во допир со овие морнари, опалени од сонцето, ги нарекле пхоинои, т.е. црвени како крв. Кога оваа смисла на зборот се изгубила, луѓето името на Феничаните го доведувале во врска со татковината на таинствената птица феникс, за која се зборувало дека живее 500 години и се обновува така што ќе се запали себеси-ќе изгори заедно со своето гнездо, а потоа нова птица се појавува од пепелот на старата.

Во Библијата се јавуваат под името Сидонци или Тирци.

Околу 3.000. г. пр.н.е. доаѓаат од прататковината околу Црвеното море како поледелци, но набрзо станале рибари, морепловци и трговци.

Иако уште пред нивната појава во историјата било развиено морепловството на Средоземјето, и иако Феничаните од Еегиптјаните и Критјаните презеле многу корисни искуства во морепловството, сепак тие се прв народ кој во системска и организирана морепловска дејност го зафатиле целото подрачје на Средоземното море. Уште ако се има предвид дека живееле на географски јазол, каде што се вкрстувале политички и културни влијанија на Месопотамија, Египет и Крит и каде што минувал важен трговски пат, кој од Египет одел по брегот на Кадеш во Сирија, а оттаму преку Халеб на Каркемиш на Еуфрат, па и на него почнала да се развива трговијата од поголеми размери. Таквата земјена конфигурација го условила и развојот на мали градови-држави, војнички слаби и политички несигурни, но трговски силни.

Прв познат град бил Губла (Гебел, денес Јубајл), познат како Библос. Други поважни градови биле Арадус (денес Арвад), Сидон (денес Саида) и Тир (денес Сур). Тие втемелиле низа колонии на Кипар, Малта, Сицилија, Сардинија, Балеарите, во Шпанија (Кадиз и Малага), Марсеј во Франција, повеќето градови во Сардинија и на Корзика, и во северна Африка (Утика, Картагина во 814. г.пр.н.е.).

Постојат сигурни податоци дека Феничаните минале низ Херкуловите Столбови (денешен Гибралтар) многу пред кој било да се реши да тргне на толку далечен пат. Има речиси исто така веродостојни докази дека тие пловеле до Сцили Островите, на југот на Англија, и таму менувале медитеранска стока за калај од Корнвал.

Се чини дека продреле и во Балтикот. Балтичкото море во старо време било вистинска ризница за секој претприемчив трговец. Балтикот бил татковина на некоја смола, која римските госпоѓи ја употребувале за бојосување на косата. Во мода била црвената, па најстарите трговски патишта кои водат од северниот дел на Европа во јужниот биле оние по кои оделе торбари со товари на јантар на грбот.

Феничаните не запреле на Балтикот. Херодот раскажува за феникијската морнарица, која египетскиот фараон Неко II ја изнајмил за пат околу цела Африка, па според тоа тие морепловци уживале во погледот на Тајбл Беј 20 века пред Васко де Гама на овој крај да му го даде името ‘Рт на Добрата Надеж. Оваа приказна не е сигурна, но е сигурно дека Картагинците, кои биле само феникијски колонисти, го истражиле западниот брег на Африка се до ‘Ртот Бланко, 1.500 милји јужно од Гибралтар, и оти основале повеќе трговски центри.

Веќе во 3-от милениум пред н.е. Библос тргувал со Египет, а потоа и со егејските острови. Врските со Египет довеле до воспоставување на слаб египетски суверенитет во Феникија, кој во 18. в.пр.н.е. го прекина инвазијата на Хиксите. Нивната власт ја признале Арадфус, Симира и Сидон, додека се спротивставиле Библос и Тир. Египетската власт ја обновил Рамзес II; по египетското повлекување од Сирија, Феникија  помеѓу 1.200. и 9. век пр. н.е. уживала самостојност, а нејзината историја на тоа време главно е историја на доминантниот Тир. Ограничени од влијанието на силната трговска класа, тирските владетели Хирам I (од 969. г.пр.н.е. до 936. г.пр.н.е.), сојузник на Саламон,  Итхобал или Етбаал (од 887 г.пр.н.е. до 855-та г.пр.н.е.) и Пигмалион (околу 860. г.пр.н.е. до 814. г.пр.н.е.), ја јакнеле тирската превласт и колонизазцијата во која дотогаш предничел Сидон.

Превласта на Тир ослабнала поради порастот на асирската моќ и грчкото тргување и колонизацијата. Веќе во средината на 9. в.пр.н.е. феникијските градови и плаќале трибут на Асирија. Тиглатпилесер III во 734. г.пр.н.е. ги принудил Библос, Арадус и Тир да му платат данок, а Салманасар V го нападнал феникијскиот владетел Еулал IX Пилас (околу 725 г.пр.н.е., до 690. г.пр.н.е.). Еулал после му се придружил на противасирскиот сојуз на Палестина, Египет и Етиопија, но кога сојузот во 701. г.пр.н.е. бил поразен Феникија ја признала асирската власт.

Феникијските градови сепак не мирувале, па Асирците во 677 г.пр.н.е. го разурнале бунтовниот Сидон и повеќепати залудно го опсадувале Тир.

По крахот на асирската власт, Феникија дошла под краткотрајна египетска власт, а потоа под власта на нововавилонската држава (од 605. г.пр.н.е. до 539. г.пр.н.е.). Против новата власт се побунил тирскиот владетел Итхобал II, но Набукаднезар, по опсадата од 585. г.пр.н.е. до 573. г.пр.н.е. го зазел Тир.

Феникија во 538. г.пр.н.е. станала персиска сатрапија, додека на запад се осамостоила Картагина.

Против персиската власт се побунил  во 351. г.пр.н.е. Сидон, но бунтот го задушил Артаксерксо III.

Персиската власт ја заменила во 333. г.пр.н.е. македонската. Сите феникијски градови му се предале на Александар Велики, освен Тир, кој е заземен во 332. г.пр.н.е.

Потоа Феникија била под Селеукидите и Птолемејците, се додека во 64. г.пр.н.е. не дошла под Рим.

Феничаните (Феникијците) биле познати бојосувачи на пурпурни ткаенини, вешти преработувачи на метал и производители на стакло. Пурпурната боја ја добивале од некои видови на школки, а цената на фустаните била толку висока што можеле да ги купат само најбогатите.

Со нивното име се врзува настанувањето и ширењето на алфабетот. Нивното писмо со букви, од 14. в.пр.н.е., претставува основа на сите други западносемитски азбуки, а со тоа и на европските, монголските и индиските писма.

Феникијската уметност била под влијание на соседните земји. Во Угарит (денес Рас Шамрах) се пронајдени книжевни фрагменти со митолошка содржина (борба на божествата на вегетацијата и смртта), а Филон од Библос спомнува дека Санхуниатон пишувал космогониски дела.

Феничаните својата религија ја врзувале за природните сили и процеси. Подобро се познати култовите на одделни градови (култ на заштитник на градот, на божицата мајка, богови на вегетацијата и др.). За култот на Астарта била врзана храмската проституција.

На боговите Феничаните при култни чинови им принесувале и човечки жртви.

Пред 20-тина години на македонски е објавено делото на Доналд Харден „Феничаните“.