Двата сокола и двајцата браќа

0
30

Си биле двајца браќа многу богати. Еднио бил женет и другио не бил женет. Тие двајца браќа толку се милуале што немало во многу градои. Сите му се чудиле и урнек земале од нивната милост.

Дошло време втасал и малио брат за женење, арно ама во тој град немало лика спроти него, ни во лице, ни па во богаство. На тоа згора, тргнал постарио брат да му бара на брата си лика спроти него; не за убаина, ами умна и разумна, како што треба домаќинка за куќа да не разруши.

Одил постарио брат, шетал од град на град токмо три месеца и одвај нашол снаа како сакал тој. Ја прстенуал и по малце време сториле свадба, та го жени помалио брат.

Поминало некој години и малата невеста, бидејќи била многу итра, умна и разумна, стори ниет да ји дели двајцата браќа и после пак да ји здружи. Со тоа нешто таа сакаше да му докажи на двата браќа оти делбата је многу лоша.

Сопрво го зајала мажа је да се делит од брата си. При се што неќел малио брат да се делит, жената му дење-ноќе го јадела и дури најпосле го кандисала и се делил, при се што неќел постарио брат. Арно ама, што ти велаат, со врзан `рт зајак не се ваќа, сакал-неќел, се делил.

По неколку дни го запашкала малата невеста момчето је да се пределуа:

-Да се пределиш, домаќине, јас не кандиусам на таа делба што ти даде братa ти два сокола и два загара, а пак другата стока поеќе тој ја заптиса.

-Нема да се пределуам, невесто-је рекол-јас брата ми го знам наместо татко, да ако има у него стока поеќе, а у мене а у него, сеедно је.

-Како море, како „а у тебе а у него“, само тоа нешто јас нема да го примам, јас од тебе се делам, ама назад нема да остаам, знаиш, али не знаиш? Најпосле, и друго да ти кажам: на ова зло што ти напраи брат ти, не треба да биди жив, за него еве што треба: пет пари отруачка да го напијам и сета стока нам да ни остани. Ако кандисуаш ти-арно, ако не јас сама ќе се отрујам и живеј ти сам со брата ти. Разбра, али не разбра?

Откоа ја ислушал невестата си помалио брат, се позамисли малце и се претвори, та кандиса да го отруе и да му остани сета стока нему. Пусто око чоечко што је толку лакомо, и брата си го отепуат, за пуста стока!

Појде чаршија и купи пет пари отруачка и је донесол на жената си да го труе брата му.

-Ај сега, домаќине, земи си `рти и загари и сиви соколи, да оди на лов, дури ја да отрујам брата ти за да не се речи оти ти го отру.

Си зел `ртите и загарите, си зел сивите соколи и отишол планина на лов.

Пуштил загарите, пуштил и сивите соколи да лоат сиви прлици. Видуајќи еден орел еднио сокол кај што летал и му се пуштил да го ваќа и да го јади. Коа го виде соколо орело оти трча по него, писна сокол како лута змија по брата си:

-Бегај, брате соколе, што да моиш и не моиш, да ме куртулисаш од овој проклет сокол, оти ќе ме изеит, за чудо големо!

Слушајќи другио сокол што бил на друга страна, се пуштил што да можи при брата си да го откини од орело и едно привтасал до соколо, го видел орело оти дошол на помош, и се сторија два сокола, веднаш се вратил од кај што го гонел. И така двата сокола го надбија еден орел. (Како што два лешника кршат еден орев, така и два сокола го надбија еден орел.)

Коа го виде тоа чудо помалио брат, на чудо големо беше станал и на часо му дојде на ум за брата си што кандиса за жената си да го труе.

„Ах, јас сиромав-си рекол сам со себе-што кандисав на една жена да си го загубам брата ми за да добијам стока. Јас подолен бидов од соколите. Мене не ми дојде на ум за пословицата што се вели од стари: Брат брата не рани, ама тешко кој го нема!. Види колку да се излажам сега, да немам брат и да немам кој да ми поможи кога ќе бидам нападнат од некој лош човек“.

-Трчај, коњу, да трчаме, белки брата жива да стигниме и од отруачка да го куртулисаме!-Откоа го јавна коњо, така му рече и му удри мавмузите што да можи да бодина.

-Држ` се стопане, и не бој се-му рече коњо-да знам на пато да пукнам, ама брго ќе те однесам, белки брата ти жив да го најдиш!

Дошол дома и веднаш се качил горе да види што стана. Кога виде брат му спружен лежит. Од голема жал паднал на брата си плачејќи и извајил рушкото ноже од сиљао за и тој да се убоди и да умрит.

Бидејќи брат му од навала беше умрен спроти младата невеста како што беше го научила, беше рипнал и го прегрнал со обете раце да го избакни и му кажал оти невестата му тој маривет беше го напраила, и за делењето, и за труењето, за да му види умо и да го научи мажа је да не се лажи ни за жената си, ни за стоката, ами да си живеит брацки и господарцки.

Тогај му кажал помалио брат за двата сокола како се куртулисале од орело.

-Ете, брате, како је вистина пословицата што се вели: Брат брата не рани, тешко кој го нема!

Од тој саат пак беа се смешале и си живеале брацки.

(Зап. Марко. К. Цепенков)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion