Чудесно растение: аронија

0
25

Поради супстанците кои отстрануваат тешки метали од телото, аронијата им се препорачува на болни заболени од рак, на оние кои биле подложени на потешка операција, како и на рековалесценти.

Плодовите на аронијата содржат големо количество на каротин, кој ги штити ќелиите од оштетување, а кожата од опасни изгореници од сонце.

Не бара прскање, зашто е отпорна на болести и штетници.

Аронијата (Aaronia melanocarpa) е листопадна грмушка, со буен раст, кој со кроење може да се обликува во помало дрво. Нејзината татковина е Северна Америка, додека во Европа како овошен вид е најраспространета во државите на поранешниот СССР.

Најчесто може да се најде во мокри шуми и на рабови на мочуришта. Дрвото на аронијата нараснува најчесто од 1 до 6 метри, а често се одгледува како украсно растение. Поради високиот степен на отпорност на мраз, издржува студ и до – 47°C. Затоа многумина ја нарекуваат „сибирска боровница“. Отпорна е и на суша, инсекти, загарувања и болести. Ја запрашуваат пчели и ветер, а на есен листовите ја менуваат бојата во црвени нијанси. Цветовите се мали, се состојат од пет латици и пет ливчиња. Плодот е мала бобинка (јаготка), со стипчав и по малку горчлив вкус. Плодовите не се јадат свежи оти имаат горчлив вкус (освен видот црноплодна аронија), но често се користат во подготвување на вино, џем, чај, сируп, компот, ликер. Исто така се користат како зачин и боја во пијалоци и јогурти.

Постојат повеќе видови:
-црвеноплодната аронија (Aronia arbutifolia) нараснува од 2 до 4 м височина, поретко 6 метри. Листовите и се широки 5 до 8 сантиметри , а цветовите бели или бледо розови, отприлика 1 см широки. Плодот е црвен, широк 4 до 10 мм и отпорен на зима. Единствено кај овој вид свежиот плод се јаде;

-црноплодна аронија (Aronia melanocarpa) нараснува во височина малку помала од 1 метар, а ретки примероци до 3 метри. Листовите се најчесто 6 см широки, а цветовите бели и широки 1,5 см. Плодот на почетокот има црвена боја, а кога ќе нарасне е црн, со големина од 6 до 9 мм;

-виолоетовоплодната аронија (Aronia prunofolia) некои научници ја сметаат за хибридна цвеноплодна и црноплодна, додека други за посебен вид. Плодот има темновиолетова до црна боја, широк од 7 до 10 мм.

На аронијата и одговараат помалку плодни земјишта, освен песочни, глинени и мочуришни. Се сади на есен и во рана пролет, во јама со димензии 60x60x60 см, на растојание 3 x 1,5м, а редовите би требало да бидат ориентирани во правец север- југ. На дното се става слој на песок, потоа слој на фина растресита земја, па слој на дозреано шталско ѓубре (да не го допира коренот на садницата). На крајот се затрупува со остатокот од земјата и задолжително се залева.

Доколку се посадат во плодна земја на оддалеченост од 2 метра, грмушките на аронијата достигнуваат височина од 2 до 4 метри. Ако е посадена во градина, аронијата веќе втората година цути (формира и по 30 цветови), а првите плодови ги дава на есен. Тие ќе бидат повеќе ако расне на хранливо земјиште. Се крои според потребата, за да се овозможи подмладување.

Максимален развој и полн принос достигнува дури во 10-тата година од животот, кога можат да се добијат од 5 до 10 кг плод по растение.

Доколку се сака органско производство, не е дозволена употреба на класични пестициди и минерални ѓубрива. Во такви случаи помеѓу редовите треба да се посее бела детелина. Таа го спречува растот на плевелот.

Аронијата е погодна за одгледување во помали градини поради релативно малата височина и за подигање на жива ограда.Таа е медоносна, а плодовите се посластица и за птиците.

Освен во исхраната, плодот има голема примена и во фармацевтската индустрија. Богат е со антоцијанин, ги содржи витамините А, Б, Ц, Е, П, минералите калиум, калциум, фосфор, железо, јод, магнезиум, манган, молибден.

Бројни истражувања на американското Министерство за земјоделие покажуваат дека количеството на антиоксиданси во плодот на аронијата е значително поголемо отколку во продукти како што се боровницата, брусницата или капината.

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion