Благодатите на сојата

0
24

Сојата е и храна и лек. Старите Кинези со илјадници години пред Христа ја нарекувале „ta-teou“ или „голем грав“, а го сметаат за едно од светите растенија.

Ова неверојатно растение е лековито, а содржи, во зависност од видот (жито, зелена црна соја), помеѓу 37% и 50% протеини (два пати повеќе отколку во месото), вклучувајќи ги сите есенцијални аминокиселини. Освен тоа, таа е вистински „рудник“ на минерали, витамини и влакна.

Важно предупредување: зрното на сојата не смее да се користи сурово поради инхибиторот trypsin кој го намалува прирастот и конверзијата на храната. Поради тоа сојата за исхрана е потребно термички да се обработи, со пржење на температура од 130 степени Целзиусови, во траење од околу 15 минути.

Постојат низа на разновидни производи од соја. Тие можат да се набават во трговијата, а некои од нив можете и сами да ги подготвите: зрно на соја, текстурирана соја (медалјони, лушпи, парченца, исечоци…), тофу (сирење од соја), соино млеко, темпех, соино брашно, соини фиданки, соино масло, соја сос, мисо, како и многу производи како салама, хреновки, паштета, разни сирења, млека, јогурти, пудинзи и слично.

Готвењето на жолтата соја трае 3 часа или 45 минути во експрес лонец (во обата случаја претходи најмалку 24-часовно потопување во вода). Зелената соја бара најмалку 8 часа потопување и готвење 45-60 минути на умерен оган (или 15 минути во експрес лонец). Може да се подготвува и како грав и леќа, а постојат и пржени зрна на соја кои се извонредни за грицкање.

Текстурираната соја се произведува од текстурирани соини белтоци, познати и под името соино месо. Производството на соино „месо“ е втемелено врз напредната технологија која овозможува при текстурирањето (физички промени на структурата на белтоците под влијание на висок притисок и температура) во производот да се задржат важните хранливи состојци, кои се наоѓаат во изворното сурово соино зрно. Гледајќи ги прехранбените вредности, тоа се продукти особено богати со белтоци, со сличен состав како и месото, на кое, ако се зачинат и подготват на правилен начин, наликуваат и со изгледот и со вкусот. Имаат голема способност на впивање на течност, маснотии и зачини, но по подготовката го задржуваат првобитниот облик на исечокот. Но, за разлика од месото, тие содржат мошне малку маснотии и соли, и немаат во себе холестерол. Текстурираната соја е евтина и лесна за подготовка. Постапката  на подготовка на текстурирани соини производи (медалјони, лушпи, парченца, исечоци…): да се провари 5 до 10 минути во добро посолена вода, може и зачинета, добро да се исцеди, да се зачини по желба и потреба, потоа да се динста, да се вари, да се пече на скара, да се похова, пржи и слично.

Тофу (соино сирење) е продукт подготвен од варено зрно на соја. Неговиот неутрален вкус му овозможува да ги апсорбира вкусовите на состојците што го опкружуваат, па се смета за еден од најсестраните продукти. Може да се користи во супи, каши, како главно јадење, за десерти и дури за напитоци; може да се пржи, да се пече (и на скара), да се маринира или да се подготвува пире. Тофу може да се набави во мек, цврст и мошне цврст облик, како кремаст, свеж, сушен, чаден, зачинет и слично. Структурата и вкусот можат во многу да се разликуваат од вид до вид, па експериментирајте додека не го пронајдете оној што вам најмногу ви одговара.

Соиното млеко е полно со витамини и минерали, а нема ниту холестерол, ниту лактоза. Освен тоа, соиното млеко практично нема ниту заситени маснотии (0,34%). Може да биде со изворен вкус, незасладено и засладено, вкус еднаков на кравјо млеко, со разни вкусови, како на пример ванилија, чоколадо, банана, јагода и слично, со додаток на витамини и минерали. Соиното млеко можеме да го купиме и во облик на прав кој се меша со вода. Се разбира дека постојат и други растителни млека како оризово, зобно, кокосово, како мешавина на соино млеко со останатите видови, односно цела палета на здрави и вкусни производи.

Соја сосот е извонреден зачин и додаток на јадења со соленкаст вкус. Традиционалните јапонски органски соини сосови, на пример shoyu и tamari, се природно ферментирани мешавини на соини зрна, соли и вода, а се одликуваат со раскошни, сложени вкусови. Ако се подготвуваат на традиционален начин, и едниот и другиот вкус  мораат да отстојат година дена. За полесно да ги откриете префинетите разлики во вкусот, експериментирајте со видовите додека не откриете што вам повеќе ви се допаѓа.

Темпех е традиционален индонезиски производ од расколени  зрна на соја, вода и посебна бактерија; може да се направи дома со еднодневно ферментирање или да се купи готов во многу продавници на природна храна; богат е со белтоци, се користи во супи, варива, сендвичи, сложеници и други јадења.

Мисо е ферментирана паста од соја, морска сол и обичен ориз или јачмен; се користи во супи, варива, за мачкање и како зачин. Светлите варијанти се бледожолти или светложолтеникави и се ферментирани само неколку месеци. Вкусот им е благ и слаткаст. „Постарите“, подолго ферментираните видови се со бои на јантар или костенливи, а вкусот им е посилен и поинтензивен.

Производство на соја

Со оглед на способноста на растението да користи различни извори на азот, битно е да се познаваат условите под кои тоа ќе се определи за кој извор. Ако расположливите количини на азот во земјиштето се големи, растението ќе се определи за користење на тој извор, односно присуството на поголеми количества на азот во зоната на коренот има негативно влијание на нодулацијата. Присуството на земјишен азот на почетокот од растот на сојата е битно и кога е извршена адекватна инокулација. Меѓутоа, ако во текот на вегетацијата растението користи земјишен азот наместо воздушен, тоа нема да доведе до зголемување на приносот.

Бидејќи земјиштата на кои сојата не е одгледувана главно не содржат соеви џмучкасти бактерии за соја, потребно е да се внесат заедно со семето. При употребата на Nitragin, препарат во кој џмучкастите бактерии доаѓаат до производителот, треба да се има предвид дека се работи за живи организми кои во несоодветни услови губат виталност. Nitragin-от главно се испорачува заедно со семето, па уште пред неговата примена мора да се води сметка при складирањето да не биде изложен на премногу ниски или високи температури.

Препаратот се пакува во количини за 50 кг или 100 кг семе и нема смисла да се користи во поголемо количество. Упатството за употреба на овој микробиолошки препарат се наоѓа на секоја кесичка и треба на него да се придржуваме, оти само така ќе може да ја оправда својата примена. Важно е да се применува препаратот во ладно оти при непосредно дејство на сончевата светлина бактериите можат да угинат. Пожелно е инокулацијата да се врши непосредно пред сеидбата.

При одлучувањето за внесување на одделни елементи односно ѓубрењето мора да се има предвид состојбата на парцелата, очекуваниот принос, како и економскиот ефект. Туѓите искуства кај оваа агротехничка мерка се можеби од најмала корист. Вообичаената практика во производството на соја во земјава е сојата да не се ѓубри со минерални ѓубрива.

Во наши услови времето на сеидба е често условено од различни фактори, од временските прилики во полето до расположливата механизација, но се врши најчесто во текот на април, кога е во тек и сеидбата на пченка.

Растојанието помеѓу редовите од 45 до 50 сантиметри е најпогодно за наши услови. Можно е сеидбата да се врши и на растојание помеѓу редовите од 70 сантиметри, доколку се почитува бројот на растенијата по единица површина.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion