Потребно време за читање: 2 минути

Ахматова е родена во 1889. година во Одеса, а умрела во 1966. во Москва. Детството претежно го минала во Павловско и Царско Село, покрај Петерсбург. Гимназија завршила во Киев, во 1907., кај што почнала да студира и правни науки, но брзо се вратила во Царско Село и Петерсбург.

Во 1910. година се омажила за Николај Гумиљов, истакнат поет и лидер на акмеизмот. Освен Гумиљов и Мандељштам, Ахматова била третиот „вистински” голем акмеистички поет, една од оние кои „го превладале симболизмот”.

Првата книга на песни ја објавила во 1912. година, под наслов „Вечер”. Наредната, „Бројаници”, излегла во годината на Првата светска војна (1914.), а третата во годината на Октомвриската револуција („Бело јато”, 1917.). Со тие книги Aхматова стекнала име на исклучителна и мошне популарна поетеса, без оглед што нејзината поезија, со нагласено камерен карактер, затворена во кругот на интимните мотиви, на прв поглед сосема едноставна и приватно-исповедна, дејствува како да е пишувана со намера да остане помеѓу кориците на некој дневник.

Прочитај и за ... >>  Џузепе Верди

Меѓутоа, тој „дневнички”, интимно-исповеден и непретенциозен карактер на нејзината поезија („само за себе и само за љубовта”-според зборовите на Цветаева), пишувана со стих на говорна интонација или „певливост” блиска на народниот лирски стих, дејствувал како исклучок не само во споредба со мистичната љубовна поезија на симболистите, високо поетична или антитетична, туку и во споредба со поезијата на футуристите.

Нејзината поезија била во спротивност со стилот и духот на времето во кое јас и човековата личност биле или преувеличувани или потиснати и доведени во сомневање со нечуените воени истребувања и триумфот на колективната свест.

Во годините по Октомвриската револуција Ахматова објавила две книги, а помеѓу 1924. и 1933. не објавила ниедна. После печатела прво текстови за Пушкин, а пред почетокот на Втората светска војна и свои песни (во 1940.). Во текот на војната се појавила книга на нејзини избрани стихови, во која влегле и патриотски напишани во тоа време.

По завршувањето на војната, во 1946. година доаѓа до прочуената според суровоста пресметка на Жданов со списанијата „Ленинград” и „Ѕвезда”, како и со некои писатели. Списанијата се забранети, а Ана Ахматова, заедно со Зошченко, е исклучена од Сојузот на писателите.

Прочитај и за ... >>  Александер Флеминг и неговиот пеницилин

Нејзини стихови повторно се појавуваат во 1950. Во меѓувреме се занимавала со преведувачка работа.

Освен низа на лирски песни, по војната напишала односно довршила и две поеми: „Поема без херои” (1962.), на која работела 22 години, и поемата „Реквием”, која ја пишувала помеѓу 1935. и 1940., а се состои од повеќе лирски песни посветени на тешките времиња на незаконските прогонства, чија жртва бил и нејзиниот единствен син Лев Гумиљов, конечно ослободен во 1956. година.

Во последните години од животот се објавени 3 книги со избрани стихови на Ана Ахматова-во 1958., 1961. и 1965. година.

Еве една антологиска песна од Ахматова во превод од руски на македонски на Тања Урошевиќ:

Тој излезе а јас на вратата стоев

Тој излезе а јас на вратата стоев
Извесно време во правот златен.
Од камбаната во соседството мое
Си течеше звукот многукратен.
Отфрлена! Збор измислен, лажен-
Зар цвеќе сум или писмо без душа?
А погледот ми е веќе зол и тажен
Во огледалото во кое мрак се спушта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here