Потребно време за читање: 8 минути

Таа е студена, тажна, се поднесува тешко, сите сме повеќе или помалку осамени…А мудри луѓе рекле и убави нешта за неа.

Најнапред мал избор од умности:

Големиот германски поет и мислител Јохан Волфганг Гете рекол дека осаменоста е убава ако човекот сам со себе живее во мир и ако се занимава со нешто одредено.

Финскиот книжевник Оива Палохеимо тврди дека е таа неспособност за прилагодување.

Од друга страна, Иво Андриќ тврди дека таа е раскош на богатите духови.

Се надоврзува Артур Шопенхауер со пораката дека главен предмет на младите треба да им биде да научат да ја поднесуваат осаменоста-имено дека е извор на среќа и душевен мир.

И ова, подвлечено во „Степскиот волк“ од Херман Хесе: „Осаменоста е независнот, не ја посакував и со години настојував да ја изборам. Беше студена, о да, но беше и тивка, прекрасно тивка и голема и слична на студена, тивка просторија во која се вртат ѕвезди“.

Осаменоста е чувство кое секој човек го има барем повремено поради некое пореметување на животниот ритам. Всушност, таа е тага поради самотија.

Иако осаменоста и самотијата често се поистоветуваат во секојдневниот говор, помеѓу нив постои голема разлика. Надворешно гледано, тие можат да изгледаат исто. Осамените лица се често во физичка смисла сами. Но сличноста тука престанува.

Осаменоста е следена со чувство на изолираност. На лицето нешто му недостасува, чувствува празнина која често не престанува ни кога е со други.

Самотијата, пак, е состојба кога сме сами, но не сме осамени. Таа е конструктивна и сакана состојба на занимавање со себе во кое сме си на себе си доволно друштво и кога други луѓе не ни се потребни. Самотијата можеме да ја искористиме за размислување, непречена саморефлексија и истражување.

Напротив, осаменоста е непријатна, казнувачка, состојба на недостиг, незадоволство поради оттуѓување, свесност дека сме премногу сами.

За разлика од осаменоста која не слабее, самотијата го обновува нашето психофизичко здравје, ни ги враќа балансот и контролата над себеси. Осаменото лице може да чувствува беспомошност, страв, самосожалување, здодевност. Хроничната осаменост, пак, е пречеста и станува за многумина нерешлив проблем. Доведува до деградација на самопочитувањето и депресија.

Сѐ до 1969. година осаменоста во стручната литература речиси и не се спомнувала. Кога Д-р Роберт Вајс, тогаш професор на Отсекот за психијатрија на Харвард, почнал да ја истражува таа тема во раните 80-ти на 20. век, открил дека четвртина од испитаниците изјавиле оти се чувствуваат осамено. Тогаш ја напишал книгата „Loneliness: The Experience of Emotional and Social Isolation“ (Осаменост-искуство на емоционална и социјална изолација) во која, на пример, пишува дека зборот „осаменост“ повеќе се користел во стихови на песни одошто во стручни текстови.

Тој откриените многубројни типови на осаменост ги поделил во две категории. Првата ја опишал како емоционална изолација која е одговор на недостигот од блиска и интимна поврзаност, а втората социјална изолација која ја опишал на примери. Таа може да се спореди со дете кое доаѓа од училиште болно и сфаќа дека дома нема никого. На луѓето кои патат од таков вид на осаменост им недостасува чувството за заедница- здрава мрежа на пријатели, познајници или колеги.

Д-р Даниел Расел дошол до заклучок дека осамените луѓе воопшто не се толку чудни како што се смета. Тој и неговиот тим осознале дека осаменоста е поврзана со индивидуалните очекувања. Притоа ги отфрлиле општествените стереотипи и дошле до заклучок дека осамените луѓе се еднакво интелигентни како и оние што тоа не се. Нивните приходи се споредливи со луѓето кои не чувствуваат осаменост. Нивното ниво на образование, просечниот индекс на телесна маса и исхраната во целост се исти како кај останатите луѓе.

Прочитај и за ... >>  Многу повеќе од зачин: бибер

Сѐ е поголем бројот на научни докази за тврдењето дека недостигот на задоволувачки социјални контакти може да има значајни негативни ефекти како врз психичката, исто така и врз физичката состојба на луѓето.

Можеби најопасен фактор за здравјето претставува засиленото лачење на хормонот на стресот, кој тешко може да се следи и точно да се измери, но затоа доведува до различни пореметувања како што се срцеви и артериски заболувања, висок крвен притисок, па дури и пореметувања на когнитивните способности како што е учењето или помнењето. Со оглед дека го крева нивото на хормонот на стрес како и крвниот притисок, таа ја нарушува регулацијата на системот за циркулација, така што срцевиот мускул работи потешко и крвните садови се оштетуваат поради неурамнотежениот проток на крв.

Кај возрасните осаменоста е главен предиктор на депресија и алкохолизам, а сѐ повеќе се потврдува како причина за разни медицински проблеми, од кои некои се појавуваат дури години подоцна. Интересен е и податокот дека опоравувањето по медицински интервенции е значително побрзо и покомплетно кај пациентите кои имаат поддршка од блиски пријатели и семејството и кои не се социјално изолирани.

Се проценува дека од 10% до 15% од светската популација се хронично осамени, односно помеѓу 29 милиони и 45 милиони луѓе. Меѓутоа, научниците откриваат се повеќе социјално изолирани лица, како и последици од осаменоста врз нивното здравје.

За разлика од депресивните луѓе кои се незадоволни од сѐ и сешто, осамените се незадоволни од врските кои (не) ги остваруваат со други. Но, осаменоста може да води кон депресија. Според некои истражувања, осамените жени имаат 8 пати поголеми шанси да заболат од депресија. Лекари откриле дека осамените луѓе иамат послаб имунитет, зголемен крвен притисок и патат од несоница.

Џон Касиопо, пак, професор на Отсекот за психологија на Универзитетот во Чикаго, смета дека осаменоста во 48% случаи е наследна. Ако сте родени со низок праг на општествена болка, но сте воспитувани во грижлива и здрава околина, постои веројатност никогаш да не развиете осаменост. Исто така, ако во текот на годините сте се формирале, растеле во нездрава околина, без оглед на генетиката, би можеле да израснете во осамено лице.

Ново откритие: кога е збор за лицата што се осамени, постои веројатност дека одредени гени кај тие исти лица се поактивни, што за последица може да има негативно влијание врз нивното здравје. Научници наведуваат дека го откриле тн. генетски отпечаток на самотија врз основа на кој делумно е можно да се објаснат причините поради кои константната самотија е лоша за општото здравје.

Истражувачите не тврдат дека гените и генетиката осудуваат едни лица на самотија од почетокот, а други на сосема спротивното-екстровертност и грст познанства и врски. Она кон што ова истражување се стреми и она што ни го покажува е дека одредени гени се недоволно активни кај одделни осамени лица, како и оти многу сериозно можат да го нарушат здравјето на тие лица.

Заклучок со кој се сголасуваат научниците: доколку немате грст контакти на листата, тоа не треба да ве загрижува зашто е познато дека не е битен бројот на познанства, туку нивниот квалитет, т.е. длабочината на воспоставената врска помеѓу лицата.

Стив Кол, од Унвиерзитетот во Калифорнија (UCLA), заедно со соработниците спровел истражувања во период од 5 години и ја проучувал ДНК на 14 лица на старост од 50 до 67 години. Испитаниците секоја година минувале низ редовен преглед и одвреме навреме пополнувале прашалници во кои давале оценки во врска со степенот на нивната изолација во општеството. Во самата група имало 6 лица кои одново избивале на врвот на скалата на осаменост и 8 лица кои се нашле високо на скалата на општествени врски, зашто нивните врски со другите луѓе биле повеќе од задоволителни.

Прочитај и за ... >>  Болки во нозете

Било да се нашле во групата на осамени лица или во групата на општествено активни, сите имале многу слична заднина која ги опфаќала и историјата на болеста и други директно поврзани фактори.

Во споредба со своите општествено активни врсници, кај осамените лица е забележана хиперпоактивна работа на одредени гени кои предизвикуваат воспаление и пораст на ќелиите. Кај истите лица е исто така забележана недоволно активна работа на гените кои ги контролираат воспаленијата и животниот циклус на ќелиите.

Овие генетски шаблони ги објаснуваат причините кои стојат зад фактот дека хроничната осаменост се доведува во врска со полошото здравје и забрзаното стареење.

Теоретски веќе сега е можно да се развијат терапии за спречување на ризикот што генетските промени ги носат кај осамените лица, но за тоа да стане стварност е потребно да се спроведат уште поголеми истражувања кои би потврдиле до која појава доаѓа најнапред- до осаменост или до промена во гените.

Ушпте едно сознание: социјалната изолација на долги патеки го оштетува здравјето како и 15 цигари дневно или конзумирање на алкохол.

Некои истражувања покажуваат дека лица со слаба социјална интеракција имаат зоглемен ризик од добивање на деменција и зголемен крвен притисок, а осаменоста исто така може да предизвика болест на рак и срцеви заболувања.

Спомнатиот психолог Џон Касиопо тврди дека чувството на самотија придонесува за полошо спиење и го забрзува развојот на деменција. Неговата студија покажува дека таа го поттикнува вишокот на хормонот на стрес, кортизолот, и го зголемува крвниот притисок до таа мера што да може да дојде до срцев напад и шлог.

„Се повеќе луѓе живеат во изолација- дел поради годините, стапување во брак подоцна во животот и раѓање на се помалку деца“, вели тој.

Вестите се прилично лоши за сите осамени луѓе. Пушачите можат да ја остават својата лоша навика, но осамените лица потешко ќе се изборат со својот проблем. Не постојат таблети или гуми за џвакање кои ќе ја спречат изолацијата. Ако сакаме нешто да промениме, мораме сами да работиме на тоа. Проблемот е поголем кога ќе се земе предвид дека со годините се потешко создаваме пријателства и им се прилагодуваме на други луѓе. Додека статистиките покажуваат дека стапката на разводи опаѓа, таа сепак расте помеѓу постарата популација, особено кај лица над 60 години старост. Меѓутоа, таа статистика не вклучува парови кои живеат разделено, што значи дека процентот е уште поголем.

Да се создаваат пријателства во зрелите години е предизвик. Да се има некој со кого ќе испиете кафе или ќе отидете на концерт звучи полесно одошто е во реалноста.

Лицата кои имаат ризични фактори за срцева болест, како што се зголемен притисок или холестерол, имаат поголеми изгледи да преживеат престој во болница по првиот инфаркт отколку оние кај кои наведените фактори не постојат, укажува една американска студија.

Тимот што го раководел Џон Канто дошол до ваков заклучок анализирајќи близу 500.000 случаи на први срцеви удари помеѓу 1994. и 2006. година.

Да се живее сам по срцев удар може да го зголеми ризикот од смрт во наредните 4 години, покажа нова студија на американски стручњаци. Ризикот од смрт една година по срцев удар речиси е ист кај луѓе кои живеат сами и кај оние кои живеат со семејство. Меѓутоа, по 4 години ризикот од смрт е поголем за 35% кај оние кои не живеат со никого.

Прочитај и за ... >>  Од тајните на пивото

Иако не можело да се докаже дека луѓето кои живеат сами умираат порано, тимот од стручњаци ги пресметал разликите помеѓу луѓето кои живеат сами и оние кои живеат со семејство, како што се брачниот статус, полот, расата и дали имаат домашно милениче.

Некои претходни студии откриле дека јаката социјална мрежа е важна за здравјето, додека други студии покажале оти поседувањето на домашно милениче е мошне битно за опстанокот.

Нова потврда од американски научници: луѓето кои се опкружени со роднини и пријатели живеат подолго. Тие наведуваат дека луѓето што водат осаменички живот имаат 50% поголеми изгледи да умрат порано од оние кои имаат богат општествен живот.

Лицата кои редовно се дружат со роднини и пријатели живеат во просек 3,7 години подолго од оние што живеат изолирано од општеството. Луѓето кои слабо контактираат со својата околина имаат иста стапка на морталитет како и алкохоличарите, наведуваат истражувачите кои ефектите од дружењето со пријатели ги споредуваат со користа од престанок на пушење.

Тие анализирале податоци од 148 истражувања спроведени во последните 30 години, со кои биле опфатени повеќе од 30.000 луѓе. Професорот Берт Укино, кој ја предводел заедничката струдија на Универзитетите во Јута и Северна Каролина, изјавил дека „пријателите можат да ни го олеснат секојдневниот живот“ така што ни позајмуваат пари, ни ги чуваат децата и ни помагаат на разни други начини. Тој наведува дека поддршката што ја добиваат од лица што им се блиски им помага на луѓето да ги согледаат своите проблеми, да живеат поздраво и да имаат попозитивен став спрема животот. „Со тоа што чувствуваат дека се сакани, луѓето живеат поспокојно“, објаснува тој.

Како против осаменоста? Што велат стручњаците, пред се психолозите и психијатрите? Постојат едноставни чекори кои можат да ви помогнат полесно да се социјализирате.

Почнете така што ќе бидете отворени за нови познанства. Главниот дел од нашата психа е што одговараме на пријателски, насмеани лица. Поздравете ги луѓето што ги среќавате во автобус, канцеларија или на улица. Ако ги среќавате редовно, наредниот пат прашајте ги како се. Ќе почувствувате дали тоа лице сака да разговара со вас или не. Ако не сака, никому ништо.

Наредниот чекор е да се доведете себеси во ситуации каде што ќе сретнете нови луѓе. Волонтирањето во некои организации е одличен начин за создавање на нови пријателства.

Исто така, контактирајте ги луѓето со кои сте изгубиле контакт, а некогаш убаво сте се согласувале. Благодарение на модерната технологија тоа е мошне лесно. Многумина луѓе се присутни на Интернет, поради работа или хоби.

Се разбира, можете и да се разочарате зашто нема сите да сакаат да го обноват односот со вас, но продолжете да се трудите. Запишете курс по пеење, одете во теретана, зачленете се во клуб на читатели или љубители на бриџ…Кога сте активни во такви групи, ќе ви се јави чувството на „заедништво“.

Можеби е нереално да очекувате да го пронајдете најдобриот другар, но е битно да имате лица покрај себе со кои ќе можете да работите најразлични работи. Со некој ќе зборувате за политика, со некои ќе одите в театар.

Ако не држите чекор со пријателите, набрзо ќе станете како некои пензионери кои зборуваат само со таксистот што ги вози на лекар. Тоа не е здраво и ќе бидете несреќни.

(Користени повеќе прилози на Интернет и стручна литература)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here