Агресивноста

0
38

За неа се искажале многумина мудри луѓе-мислители, учени, познати и помалку познати, а особено оние што се соочиле, имаат лично искуство. Речиси никој не пропушта да искаже загриженост поради нејзиниот пораст насекаде во светот, во сите сегменти и релации-корелации на животот: на родители спрема деца и на деца спрема родители, на мажи спрема жени и жени спрема мажи, на соседи против соседи и држави против држави, сѐ до најопасната и можеби агресија кобна за животот на човекот на планетава- на човекот против природата.

Еден поразителен заклучок на англискиот филозоф Херберт Спенсер (живеел од 1820. до 1903.):
„Агресијата која е ужасна кога ќе ја стори еден, не се казнува кога ќе ја стори мноштво“.

Основно: секое различно мислење и секој конфликт кај учесниците-актерите побудуваат анксиозност и фрустрираност. Борбата со нив е индивидуална, зависи од одбранбените механизми.

Агресивноста се смета за еден од главните услови за опстанок на човекот и човековата цивилизација. Таа помага за преживување, за опстанок и размножување. Главниот проблем во времево во кое живееме е пореметувањето на границите на нејзиното толерирање, а поради што светот настојувал и настојува со закони да го уреди тоа што ги минува тие граници и потоа се вика насилство. Токму во тоа е поразот на оваа цивилизација: неуспехот агресивноста да се канализира, да се одржи во еден контекст на конструктивно живеење и создавање, одбрана, но не и убивање на други и, во кулминацијата како болест- притоа да се ужива.

Луѓето кои се по природа агресивни, кои имале агресивни модели на разрешување на конфликти во детството, на ист начин ќе ги решаваат и своите подоцнежни конфликти. Со други зборови, агресивноста е некултура на разрешување на конфликти.

Постојат различни типови на агресивни луѓе: едни што на конфликтите реагираат во стилот „виновен е друг“ (механизам на проекција; тоа се несамокритични, кои не се анализираат себе си, ниту го анализираат својот придонес во конфликтот), а други кога ќе дојдат во конфликт употребуваат механизми на порекнување или на негација и се однесуваат како да немало конфликт, очекувајќи ситуацијата да се разреши сама од себе.

Психолозите инсистираат на нужноста од конструктивната агресивост и нејзино јасно разграничување од насилството, дефинирајќи ја пред сѐ како здрава-која му помага на човекот да работи, да живее, да преживее и да се одбрани. Всушност, станува збор за енергија која човекот ја троши и каде што влегуваат напорите да се совладаат пречките во животот, и тоа со прифаќање на реалноста, уважување на противникот, на надворешната средина.

Меѓутоа, оној момент кога таа агресивност ќе премине „на другата страна“, ќе поприми форма на морбидно изразување со перверзија на уживање во нанесување на бол, убивање, ги минува тие граници на здравото и нормалното. Посебно се акцентира тн. фрустрациона толеранција како сегмент на агресивноста, при што таа фрустрација се собира, се акумулира, како што современиот човек живеејќи во град е фрустриран почнувајќи од малата плата, преживувањето, некултурата и нељубезноста на оние со кои комуницира „во од“. Таа агресија се акумулира и обично се изразува врз недолжни и оние што се послаби.

Многу важно и актуелно прашање во врска со „модерната“ агресивност е влијанието со неа од страна на медиумите, пред се телевизиите, врз младите луѓе. Се форсира нешто што треба да фасцинира, да возбуди, и тоа со што повеќе крв, грмотевици, спид, лудило, кршење на стакло, крв на екранот и сл. Агресијата е научена и најчесто се изразува врз недолжни, па се соочуваме со се почести улични тепачки, гангови, навивачи.

Се укажува и на еден интересен феномен: агресивно изразување на жените и девојките во односот спрема машкиот пол. При изборот се често агресивни, а врз мажите тоа најчесто создава проблеми на потенцијата. Агресивниот модел на девојка за нив претставува дури животен проблем. Особено за оние што научиле да освојуваат, но не и да бидат освоени.

Во надминувањето на конфликтот односно лечењето на агресивноста, најмногу се потенцира нужноста од дијалог. Тој подразбира луѓето сами да си признаат дека дошло до конфликт, дека со тоа се фрустрирани, па треба да го дефинираат и потоа да се обидат да го решат. За да го ублажат, зрелите лица употребуваат механизми на одбрана кои се на високо ниво: сублимација, алтруизам, хумор.

Основен начин на решавање на конфликтот е компромисот. Притоа треба да се има предвид дека никогаш едната страна не е сосема во право, а другата е. Компромисот е невозможен ако едната страна е тотален добитник, а другата тотален губитник, ако едната морала да ги признае своите грешки, а другата да ги наметне сите свои ставови.

Во последниве години особено популарно е лечењето со љубов или хагиотерапијата. (Терминот потекнува од грчките зборови hagios- свет (свето) и therapeuo- лечам.). Некои ја нарекуваат и терапија на душата, враќање кон Бога и природата. Оние што ја застапуваат и применуваат ја сметаат за модел на лечење на духовните трауми. Не е алтернатива на медицината и психијатријата, туку обид да се создаде некој вид на систематска духовна помош која со научни резултати човекот би го ослободувала од болка на духовната димензија, како што тоа го прави медицината на соматско, а психијатријата на психичко ниво.

Се тргнува од ставот дека луѓето се агресивни зашто бараат нежност или се одмаздуваат оти спрема нив некој не бил добар и нежен, односно дека агресивноста е молење за љубов.

Интересни се тврдењата на некои мошне компетентни учени (психолзи и психотерапевти) дека очигледното се поголемо свртување на медицината од Запад и Исток кон природното лечење на болести се должи на нераскинливата врска на човекот со неа, на нивната меѓузависност, на човечкото битие само како еден од мноштвото нејзини нецелосни, несовршени организми.

Следствено, и болестите на човекот имаат „пандан“ во природата, а љубовта, која е најсилниот лек за сите нив, е сушност на вербата-довербата во Создателот, во Бога.

На пример, рускиот психотерапевт Николај Гурјев вели дека причина за чир на желудникот е кукавичлакот; за чир на дванаестопалечно црево-на бојазливост, желба да се биде во добри односи со сите; за артритис- страшливоста; за пелтечењето-плашливоста; за бронхијалната астма, бронхитисот-упорноста (човек кој се опира на нешто самоволно го задржува издишувањето на воздухот како и во текот на кавга, кревање на товар итн.)-кога расположението кое се пројавува со запирање на дишењето ќе стане доминантно, тогаш запирањето на издишување на воздухот се случува надвор од волјата на болниот; на исхемичната болест на срцето-суровоста (настанува кај луѓе со намалени можности да ги сочуваат првобитната позиција и влијанието, а исцелителна особина во овој случај е благодарноста, почитувањето, човекољубието).

Лекарите и свештениците кои се занимаваат со хагиотерапија, дијагноза и лечење на душата, со враќање кон Бога и природата пред се, констатираат дека еден од темелните патишта до духовното здравје е- патот на љубовта. Љубовта е пресудна за човековиот живот, таа е сознание на сопствената вредност и драгоценост. Само ако има искуство дека е сакан, човекот може да ја пронајде својата смисла.

Едно од најновите откритија-сознанија поврзани со човековата агресивност е испраќањето на e mail-ови и текст пораки, како и икграње на игри на Интернет: дека е тоа можеби симптом на клиничка агресивност. Значи, доколку не можете да престанете да испраќате текст-пораки или мејлови или, пак, да играте видо игри, можеби имате ментално заболување.

Еден напис во американското Списание за психијатрија навестува дека агресивното испраќање на мејлови, текст-пораки, играње на видео игри и порнографијата на Интернет се сериозни прашања на јавното здравје и оти би требало да се препознаат како симптоми на килиничко пореметување. Психијатрите велат дека лекарите би требало да обрнат внимание на луѓето кои ги занемаруваат дневните активности поради тој ангажман или, пак, стануваат депресивни кога не можат да типкаат текст-пораки на мобилен или да користат Интернет. Луѓето со таква зависност често лажат за тоа колку прават текст-пораки и мејлови во текот на денот, па и во голем дел од ноќта.

Доктор Роналд Дејвис од Американското медицинско здружение вели:

„Тие не можат да го заменат чувството на луѓето за семејство и чувството за заедница, но вие можете да бидете во својата куќа сето време, во визбата или во вашата спална соба играјќи се во виртуелниот свет во кој нема граници“.

Во некои земји игрите на Интернет се поголема грижа од опсесивното типкање на текст- пораки. На пример, владата на Јужна Кореја смета дека играњето на игри е сериозно прашање на јавното здравство, а кинеската сега го ограничува времето кое луѓето можат да го потрошат пред компјутерот за тоа.

Може да се заклучи дека агресијата е оружје кое го поседуваме сите и можеме да го употребиме за создавање еднакво на добро и зло. Таа е само едно во палетата на чувствашто ги чувствуваме цел живот, па затоа треба да научиме да се проучуваме себе си, како и нашиот мозок кој најчесто без наше знаење и согласност има тенденција да ги произведува.

Клучно прашање: дали сте пасивно или агресивно бесни?

Пасивен бес и симптоми:

-таинствено однесување, зборување „во брада“, избегнување на контакт очи в очи, озборување;
-манипулација, провоцирање на лица за да се поттикнат на бес замо затоа што можеме поради тоа да им приговараме;
-емотивни уцени, искористување на пари и други материјални средства за некому да му се наштети;
-пречесто откривање на себеси;
-преголема пожртвуваност со цел предизвикување на реакција од други лица само за да се одбие нивната помош;
-изостанување на реакција на туѓа агресија;
-свртување на грбот на сите облици на криза, избегнување на конфликти

Агресивен бес и симптоми:

закани на лица на начин да им зборуваме за да им наштетиме ним, на нивните познајници или на нивниот имот;
-трубење во автомобил, трескање на врата;
-физичко или вербало насилство, користење на вулгарни изрази;
-уништувачки инстинкти, кршење на предмети, диво возење;
-обвинување на други за сопствени грешки;
-потреба за одмазда;
-непредвидливост т.е. експлозија на агресивно однесување поради ситници;
-консумација на големи количества на алкохол, дрогирање.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion