Потребно време за читање: < 1 минута

Зборот е од турско потекло (aba). Тоа е ткаенина слична на шајак, самопредено волнено платно односно бела невалана клашна.

Се користи за шиење на поткошула како составен дел на мариовска машка и женска народна носија, едни од колоритно најбогатите македонски народни носии. Кај машката според кројот е иста како кошулата, но во должина покуса, а кај женската носија (невестинската тежи 48 килограми!) е долга волнена поткошула без ракави, над која се облекува кошула подолга 8-10 см.

Други основни составни делови на машката: волнени гаќи, долга кошула од домашно ткаено памучно (бубаќерно) платно со везан затилок и предници кои не се доближуваат, волнени долги бели чорапи, алов волнен ќемер, подвески, опинци и плетени капи; во зимно време шалвари, ќурдија шајак или гуна, ако времето е студено и сакма.

Други основни составни делови на женската: саѓија- покуса од кошулата, без ракави со кис, појас (волнен- плетен, чија тежина достигнува до 4 кг), долги волнени шарени чорапи во разни отворени бои, гушалчиња, предници во разни бои, опинци, ќилими и крпчиња; зимно време гуни со алов и ѓувезен кис на рамениците и обиколката и чоа за оптока; женските кошули се со богати разновидни и разнобојни везови, а според нив добиле и имиња: шарените писани, копитата, ушатките (ги носеле постарите), жтките писани, каравилкината итн.; напред се носат вути и прегачи за свечени прилики, украсени со кис и гајтанци, а одзади заплетени на колкот се носат прцлина, кај помладите во поотворени бои обично алова, а постарите ѓувезна или мешана ѓувезна и црна.)

Прочитај и за ... >>  Варварски зборници

Аба е и народна носија на номадските Арапи, особено на Бедуините (номадски арапски племиња кои живеат во Арабиските, Сириските и северноафриканските пустини). Тоа е долга наметка исткаена од камилско влакно со процепи за рацете. Се користи и како кревет и торба.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here